1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

101111 EU Italien

10 ноември 2011

Претседателот на државата Џорџо Наполитано прави се’ што е во негова можност за да ги смири берзите, бидејќи недовербата кон Италија расте, а со неа и каматите за нови кредити што и’ требаат на државата.

https://p.dw.com/p/138Ht
Италијанскиот претседател Џорџо НаполитаноФотографија: AP

Премиерот Силвио Берлускони сигурно ќе се повлече од власта, тоа е прашање на денови, тврди претседателот на Италија, Џорџо Наполитано и се обидува да ја поврати довербата на странските партнери и инвеститори, кои по сите скандали и судски процеси очигледно веќе не му веруваат на премиерот. Тој имено, најави дека ќе се повлече од премиерската функција, но не кажа кога. Експертите шпекулираат дека тоа ќе се случи в сабота, по гласањето за финансиските реформи во парламентот.

Две опции на маса

Потоа претседателот Наполитано би можел да го распушти парламентот и да свика вонредни избори. Но, тоа е сценарио што нема да ги смири берзите. Затоа Наполитано посегнува по другото сценарио, имено тој да именува нов кандидат за премиер, кој ќе ја води земјата до свикување нови избори. Предвремени избори ќе има само ако новиот кандидат за премиер не успее да обезбеди парламентарно мнозинство, порача Наполитано. Тој исто така го повлече и првиот чекор во таа насока - сенаторот Марио Монти го именува за доживотен сенатор, што на поранешниот еврокомесар за внатрешен пазар му ги отвора портите кон премиерската фотелја. Монти ја ужива довербата на Европејците, а веројатно и на финансиските пазари, оценуваат експертите во Рим, кои во Монти гледаат најпогодна фигура за лидер на преодната влада.

Italien Mario Monti
Се смета за солиден политичар: веројатниот премиер на преодната влада Марио МонтиФотографија: dapd

Италија по патот на Грција?

Во меѓувреме, Италија ги следи чекорите на Грција. Од вчера во Рим работат инспектори на Европската комисија, кои треба да надгледуваат дали италијанската влада ќе се придржува до ветеното на претходниот самит и ќе ги спроведе под итно најавените реформи и мерки за штедење. И ММФ најави дека наскоро во Рим ќе пристигне негова делегација.

Европските министри за финансии се обидуваат да ги смират берзите, тврдејќи дека Италија не може да се споредува со Грција. И фактите зборуваат дека Италија во минатата деценија добиваше добри оценки за инвестициите во инфранструктурата и образованието, за иновациите, за реформата на пазарот на работна сила...

Giorgio Napolitano und Silvio Berlusconi 2006 Rom
Премиерот Силвио Берлускони со претседателот НаполитаноФотографија: AP

Поинакви причини за кризата

Но, проблемот во Италија е нешто друго. Имено, десетте години владеење на Силвио Берлускони оставија длабоки негативни траги во државата, тврди Даниел Грос, раководител на реномираниот тинк-тенк „Центар за европски политички студии“ од Брисел:

„Вистинскиот проблем е дека имаше незабележливо, но континуирано влошување на квалитетот на државниот апарат, на политичката традиција, на начинот како се раководи со земјата. Имаше и непочитување на правната држава и нејзините закони, растечка корупција. Сите овие негативни тенденции се во пораст и тоа без тамошното население или меѓународната заедница тоа посебно да го забележат.“

Анализи на Светската банка

Ова не е паушална проценка на експертот Даниел Грос, туку таа се потпира врз факти од анализите на Светската банка, која меѓу другото ги споредува земјите членки по прашањето на корупцијата, функционирањето на судовите, работата на управата и државните службеници.

BdT Silvio Berlusconi
Ја загуби довербата и мора да замине: премиерот Силвио БерлускониФотографија: picture-alliance/ dpa

„Состојбата во Италија во изминативе години постојано се влошува на тој план и таа сега се котира дури и зад Грција“, појаснува Грос. И затоа според него не е доволно сега на Италија да и’ се пропише истата „диета“ како на Грција или Португалија со мерки за штедење, за приватизација и реформа на стопанството.

Италија навистина има огромен државен долг, кој изнесува 120% од брутонационалниот производ. Но, на другата страна на вагата стои фактот дека приватните заштеди и сопственост на граѓаните изнесуваат дури 180% од БНП. Со такви бројки не можат да се пофалат ни Германија и Франција, каде процентот се искачува до максимум 140. Згора на тоа, дури 60% од државните обврзници на Италија се наоѓаат во раце на домашните банки и инвеститори, што е исто така фактор на стабилност.

Затоа експертот Даниел Грос смета дека Италија мора самата да се разбуди: „Во земјата треба да созрее сознанието дека вака не оди понатаму, дека и’ треба поинаква влада, подобра, и тоа во смисол на чисто работење, на почитување на законите и на борба против корупцијата. Такво нешто не може да наложи Брисел, тоа мора да дојде од самата земја“, заклучува Даниел Грос, раководител на реномираниот „Центар за европски политички студии“ со седиште во Брисел.

Автор: Андреас Ројтер / Горан Чутаноски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска