1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Корона образовен модел

19 август 2020

Онлајн наставата и регуларната настава треба да се држат истовремено преку стриминг во живо, или преку снимање на предавањата и потоа нивно објавување на посебна платформа. Пишува Никола Тодоров.

https://p.dw.com/p/3hAf4
Nord-Mazedonien Nikola Todorov, ehemaliger Minister für Gesundheit und Bildung
Фотографија: DW/B. Gerogvievski

Прашањето дали децата треба да ги пуштиме во училиште или на факултет, не’ засега сите нас кои сме родители на деца кои се на оваа возраст. Генерално има две групи. Едни сметаат дека децата мора да тргнат на училиште зашто вака веќе не може, а други уплашени за здравјето на своите деца, но и за сопственото здравје и здравјето на нивните постари родители, сметаат дека треба да има онлајн настава. Поделбата е толку длабока, што има случаеви во едно семејство едниот родител да смета дека треба да одат на училиште, а другиот да смета дека децата не треба да одат на училиште и треба да се организира онлајн настава. Анкетата меѓу родителите во одделението на мојот помал син покажа дека 56% се за настава со физичко присуство, а 44% се за онлајн настава. Како поранешен министер за образование и наука, ќе си дозволам да предложам модел кој би можело да ги приближи разликите. Како министер за образование се сретнав со мој колега од една земја членка на ЕУ кој ми го кажа следново: Кај нас има повеќе министри за образование од ученици, па секој родител знае како треба да биде организиран образовниот систем. Ниту кај нас не е многу поразлично. Од здравствен аспект, стравот за сопственото здравје и здравјето на најблиските е голем и ќе биде доминантен фактор при носењето на одлуката. Затоа е потребен модел кој ќе ги адресира овие две детерминанти.

Моделот е образование по мерка на родителот

Доколку родителот смета дека неговото дете треба да оди на училиште и да посетува настава лично, тогаш училиштето е должно да организира настава за тие деца. Доколку родителите сметаат дека децата треба да посетуваат онлајн настава, тогаш за нив треба да се организира таква настава, без обврска за лично присуство во училиште. За да не се дуплира работата на наставниците, онлајн наставата и регуларната настава треба да се држат истовремено преку стриминг во живо, или преку снимање на предавањата и потоа нивно објавување на посебна платформа за онлајн настава на Министерството за образование и наука. Денес технологијата овозможува многу креативни и едноставни решенија, па би било ступидно да не ги користиме. Неопходно е само да се обезбеди потребната опрема доколку недостасува и да се организира кратка обука за наставниците и родителите за користење на оваа платформа. Обуката може да се организира преку вебинар. На овој начин, имајќи ја предвид поделбата на двата големи табора, ќе се обезбеди дел од учениците наставата да ја следат онлајн, а дел со физичко присуство, односно значително ќе го намали бројот на ученици во училница, па полесно ќе можат да се применат здравствените протоколи за физичка дистанца, мерење на телесна температура и дезинфекција. За децата кои ќе ја посетуваат наставата во училиште задолжително треба да биде носење на маска за цело време додека ученикот е во училиште, вклучително и за време на одморите, како и обврска за честа дезинфекција на рацете и задолжителна дезинфекција на чевлите пред влегување во училиште, дезинфекција на работните површини, мерење на телесна температура и често проветрување, а зошто да не, во овој период додека се’ уште е топло, наставата да може да се одвива и надвор од училницата, под отворено небо.

Други голумни од авторот:

Бели марамчиња за селекторот

Обединување под нови постулати

Црвените линии на македонизмот

Моделот треба да биде дополнително флексибилен, за родителот да може да одлучи и да го промени во текот на неделата, па во контакт со класниот или одделенскиот раководител да го известува дали неговото дете во текот на неделата наставата ќе ја посетува онлајн или со физичко присуство. Секако, одговорното родителство подразбира во носењето на оваа одлука да го вклучи и размислувањето и преференцата и на сопственото дете. Дополнително, Бирото за развој на образованието во соработка со катедрата по психологија при Универзитетот Св.Кирил и Методиј и Комисијата за заразни болести би требало да развијат концепт за настава на учениците од прво и второ одделение и систем за проверка на знаењата на учениците од сите одделенија (посебно за тие што наставата ќе ја следат онлајн), кој ќе биде веродостоен и нема да предизвикува дополнително психичко оптоварување на учениците. Мислам дека онлајн настава за децата од прво и второ одделение е речиси невозможна и нема да има забележителен ефект. Затоа тука треба посебна програма.

Вака би можело да биде организирано најмалку првото полугодие од учебната година со можност доколку се подобри состојбата со пандемијата кај нас, да се вратиме на регуларниот модел во текот на второто полугодие. Учениците не смеат да останат без образование, но и никако не смееме да ги изложиме и нив, но и сите останати на еден неразумен ризик. Затоа сега ни е потребно „tailor-made“ образование, прилагодено на состојбата со пандемијата и преференците на родителите/старателите на учениците. Секое друго решение ќе има потенцијал да ја турне владата, која и да е, уште неседната и од образовен, и од здравствен, но и од родителски аспект. Има многу негативен набој, изразита нетрпеливост за различно мислење и неизвесност за тоа што ќе биде утре и од здравствен и од економски аспект, па сето ова налага внимателно да се носат одлуки. Сега треба меко и без наметнати решенија.

Според мене, тие ученици кои физички ќе ја посетуваат наставата ќе напредуваат побрзо и повеќе во однос на останатите, но, од друга страна, совршено го разбирам и стравот што постои кај некои родители, па затоа имајќи предвид дека состојбата со пандемијата го промени светот, навиките, размислувањата и животот воопшто, сметам дека е потребно да се излезе во пресрет и на оваа голема група на родители. За да се намали јазот во прогресот што ќе го остваруваат учениците кои физички ќе ја посетуваат наставата во однос на оние кои наставата ќе ја посетуваат онлајн, неопходно е родителите да се воведат во концептот на т.н. домашно образование (homeschooling). Овој тип на образование е доста развиен во некои земји, па така на пример во САД годишно има над 1,8 милиони ученици кои се дел од концептот на homeschooling. Исто така над 21% од јавните училишта во САД нудат можност за комплетна онлајн настава. Ова значи дека постојат програми и начин како да се организира и ваков тип на настава без да се влијае негативно на ефектот од учењето. Во секој случај за ова е неопходно и наставниците, но и родителите да бидат упатени за начинот на кој ова онлајн образование ќе се одвива. За ова, Бирото за развој на образование во соработка со универзитетите би требало да подготви водич за онлајн образование, или за образование во домашни услови (homeschooling), како за наставниците, така и за родителите.

За жал, клучното прашање кое тука си го поставувам е дали сме подготвени и дали сме способни сето ова да го организираме за краток временски период? Најлесно е проблемите да се одлагаат, но тоа никогаш не е решение.

На крај не можам, а да не споменам еден контраст кој постојано ме убива, а кој минатата недела можеше да се опише вака: Јапонија ќе ги комерцијализира летечките автомобили до 2023 година, vs „место лајна треба да се користи зборот фекалии-расправа во советот на општина Битола за употреба на јазикот во комунален проблем“. Е драги мои, за што расправаат Јапонците, за што се расправаме ние. После, се’ друг ни е виновен...