1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нова Година без прослави

ДТЗ /ДВ
15 декември 2020

Владата го усвои пакетот мерки кои започнуваа да важат од 18 декември до 20 јануари. Кафеаните нема да работат за Нова Година, нема прослави на плоштади и во викендички. Здравјето пред профитот, вели премиерот Заев.

https://p.dw.com/p/3ml44
Coronavirus in Nord Mazedonien, Skopje
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Кафеаните од петок точно во 18 часот ќе мора да стават клуч на вратата. Ваквата мерка ќе важи и за новогодишните и за божиќните празници, кои ќе се прославуваат само со најблиските во домашна атмосфера. Фирмите ќе треба да заборават годинава на традиционалните предновогодишни прослави, кои траеја со денови, а нема да има ниту организирани прослави и собири на плоштадите за дочекот на Новата Година. 
Ова се дел од мерките коишто ги усвои Владата на Северна Македонија по препорака на Комисијата за заразни болести, а коишто се со цел спречување на ширењето на пандемијата со Ковид-19. Иако премиерот Зоран Заев на прес-конференција истакна дека станува збор за непопуларна мерка, сепак образложи дека се воделе од премисата дека здравјето и одговорноста треба да се стават пред задоволството и профитот. 

Прославите се забранети

Премиерот денеска ја презентираше мерката наречена „Празнувај одговорно“. При донесувањето на мерките со кои се забрануваат прослави за Нова Година, рече дека изборот е направен меѓу поединечен и краткотраен интерес и конечен излез од пандемијата без последици по здравјето и животот.

- повеќе на темата: Прогноза на германски виролог: Кога повторно ќе живееме нормално?

Новиот пакет рестрикции ќе важи од 18 декември до 20 јануари на полноќ, кога угостителските објекти ќе работат до 18 часот, наместо како досега до 21 часот. се забранува и организирање предновогодишни и новогодишни прослави на фирмите, како и прослави на плоштадите. „Се наоѓаме пред нов предизвик во битката со пандемијата. Соочени со изборот да продолжиме со рестриктивните мерки, кога вакцината е пред испорака или да влеземе во ризик на неодговорно празнување, Владата ги прифати препораките на Комисијата за заразни болести кои се со цел да се избегне зголемувањето на бројот на заразени“, рече Заев на заедничка прес-конференцијата во Владата со министерот за здравство, Венко Филипче.

Nord-Mazedonien | Pressekonferenz des Premierminister Zoran Zaev
Се наоѓаме пред нов предизвик во битката со пандемијатаФотографија: DW/P. Stojanovski

Препораки за избегнување на празнувања се испратени и до верските заедници да не повикуваат на масовни собирања. Хотелите ќе работат по протоколите како и до сега, а рестораните ќе треба да ги затворат во 21 часот со цел да може да се организира вечера. 
Министерот за здравство Венко Филипче препорача да нема собири во домовите и во викендиците. И министерот и премиерот посочија дека во домовите не може да се наметне забрана, туку само препорака, затоа што интегритетот на домот е загарантиран со Устав. Но, сепак апелираа за одговорност кај сите.

- повеќе на темата: Коронавирус препораки: Како да се заштитите себеси и другите од Ковид-19

„Потребно е сите заедно да бидеме одговорни за важноста на овие мерки и да не дозволиме убавите мигови во семејството да се претворат во лоши спомени. Овој празничен период да прославиме одговорно, да ги почитуваме мерките и да мислиме на своето и на здравјето на нашите најблиски. Славењето може да почека, здравјето не“, порача министерот за здравство, Венко Филипче.
Според Заев, функционерите треба да бидат пример за граѓаните, поради што најави дека празниците ќе ги помине дома со сопругата и двете деца.

Заев ќе се вакцинира

„Како и многумина граѓани, и јас ќе се вакцинирам, затоа што сакам со свој личен пример да дадам придонес во борбата за сузбивање на пандемијата“, изјави премиерот и додаде: „Верувам во нејзината безбедност и во тврдењата на научниците дека со неа ќе се подигне нивото на имунитет. Граѓаните да бидат спокојни, државата нема да штеди за оваа намена“. Веќе е уплатен авансот за набавка на првите 833 000 дози вакцини, преку системот Ковакс. Веднаш кога ќе пристигне вакцината, први ќе се вакцинираат лекарите и медицинскиот персонал и сите што се на првата линија во справување со пандемијата, потоа хронично болните и повозрасните, вработените во градинките…

Nord-Mazedonien: Venko Filipce, Gesundheitsminister
Првите вакцини, околу 800 000 дози со кои ќе се вакцинираат 400 000 граѓани, се очекува да пристигнат во мартФотографија: Regierung Nordmazedonien

Првите вакцини, околу 800.000 дози со кои ќе се вакцинираат 400.000 граѓани, се очекува да пристигнат во март. Тие ќе бидат набавени преку механизмот Ковакс каде што во помошта на склучување договори и транспорт ќе се вклучи и УНИЦЕФ. 

- повеќе на темата: Оправдано прашање: Дали да се вакцинирам?

Механизмот Ковакс, рече министерот Венко Филипче, е едно од трите полиња на кои се активни властите во набавката на вакцината. Друг начин е да ги добиеме преку земјите членки на ЕУ, кои имаат право да одделат дел од своите вакцини за други земји.
„Во петокот разговаравме со грчкиот колега, министерот за здравство, кој ни укажа на тоа дека по разговорот со премиерот Мицотакис нашата земја може да смета на дел од првата вакцина што ќе пристигне во Грција“, рече Филипче. Помош понудиле и Бугарија и Полска. Третиот механизам, според Филипче, е преку понудата на канцеларијата на ЕУ во нашата земја, како и директните преговори со компаниите производители. Во моментов се разговара со „Фајзер“ и „Астра Зенека“.