1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Коронавирусот во САД: Навала во продавниците за оружје

Јулија Манке
11 април 2020

Додека Европејците поради пандемијата дома складираат конзерви, тоалетна хартија и тестенини, Американците на кризата реагираат поинаку: со навала на продавниците за оружје.

https://p.dw.com/p/3aPEf
Coronavirus in USA Schlange vor Waffengeschäft
Фотографија: picture-alliance/dpa/AP/R.H.W. Chiu

Во продавницата „Greta's Guns“ повторно одговара телефонска секретарка: „Поради голем број повици не можеме да се јавиме во моментов“. Во продавницата во местото Сими Валез во Калифорнија, во која се продава оружје, очигледно има работа преку глава. „И натаму на сила е нашето работно време. Најдобро ќе стапите со нас во контакт преку електронска пошта или преку Фејсбук Месинџер.“ И тоа е така во деновите во кои поголемиот број продавници ги затворија одамна вратите?

Алекс Вилануева, шериф во округот Лос Анџелес, всушност во средината на март објави дека мора да се затворат сите продавници кои не извршуваат функција за основни потреби на населението. Тогаш завладеа голема возбуда меѓу сопствениците на оружје и оние кои имаа намера да купат. И десетина дена подоцна Вилануева повторно се јави и им ја упати на граѓаните новата порака од американската влада: увозот, производството и продажбата на оружје се составен дел од основните потреби на населението, стоеше во соопштението.

Од избувнувањето на Ковид-19, во САД полиците во продавниците се празни, впрочем како и во другите земји во светот. Тоалетната хартија е барана (и ја нема) стока, тестените и оризот во многу продавници се распродадени. Стравот од неизвесната иднина сепак не ги натера Американците во големи количества да складираат дома само намирници и потреби за домаќинството, туку и оружје. И тоа е сега барано. 

Coronavirus USA Waffenladen
Ред пред продавница за оружје во МајамиФотографија: picture-alliance/Zuma/Tns/C. Trainor Jr

Нови лица во продавниците на оружје

„Во последно време имав многу нови муштерии“, вели Џош Лаури. Тој е сопственик на продавница за оружје во Тигард, место кое се наоѓа јужно од (главно либералниот) Портланд во Орегон, на западниот американски брег. „Нашите муштерии се грижат за сопствената безбедност“, нагласува Лаури. „Се плашат дека полицијата ќе има премногу друга работа и се чувствуваат принудени да ја земат работата во свои раце.“ Корона-кризата и на тој начин открива колку е голема недовербата во државата.

Повеќе:

-Пандемијата досега остави без работа 10 милиони Американци

-Прогнози за 240.000 жртви во САД - Трамп: „Не‘ чекаат најтешките денови“

-Доналд Трамп потфрли во справувањето со корона-кризата

На неговата интернет продавница поголемиот број од оружјето е веќе распродадено, последната објава на Фејсбук е всушност најава дека работното време ќе биде скратено. „Не можеме во ова лудило да ги исполниме сите желби на купувачите, и сега мораме да се погрижиме повторно да ги пополниме нашите залихи и да ги обработиме барањата. Под „барања“ се мисли, меѓу останатото, на проверките врз основа на кои се донесува одлука дали некој смее да купи оружје или не смее. Притоа, личните податоци на потенцијалните купувачи се споредуваат со податоците од една база на податоци во која се регистрирани престапите на граѓаните и други лични информации.

ФБИ деновиве регистрира рекорден број на такви проверки. Во февруари 2020 година имаше малку над 2,8 милиони, минатата година во просек беа малку повеќе од 2,36 милиони месечно. Долгите редици кои можеа да се видат на крајот на март во бројни американски сојузни држави беа резултат на фактот што одеднаш почнаа да доаѓаат повеќе купувачи од обично, но и поради фактот оти само одреден број луѓе можат истовремено да влезат во продавница. Во некои населби границата е 10 лица, во Орегон во моментов само 6.

Недоверба во полицијата

Дру Вудс живее во Луизијана. За време на неговото детство огненото оружје било составен дел од семејниот живот, и денес носи оружје со себе. Вудс така се чувствува посигурен. Но, не го покажува своето оружје во јавност, бидејќи му пречат реакциите од другите луѓе. „Некои веднаш мислат дека ќе ги ограбам.“

Screenshot Facebook Werbung für Waffenkäufe in Corona-Krise
Реклама за купување оружје во корона-кризатаФотографија: Facebbook.com/NorthWest Arsenal

Во разговорот за ДВ тој споменува и загриженост дека поради корона-кризата полицијата би можела да има проблеми да ја извршува својата работа. Тој на интернет забележал едно соопштение на полициската станица во Синсинати, Охајо. И тоа го загрижува. Полицијата соопштила дека и нејзините службеници мораат да внимаваат да се држат на растојание и оти во иднина не можат лично да доаѓаат на места на кои ќе се случи некое казниво дело.

Одбрана на сопственото семејство

Денис Вилијамс живее во сојузната држава Њујорк. Тој е близок на Демократската партија по голем број политички прашања, но исто така решил да купи пиштол пред речиси една година. По многу размислување, овој 51-годишен семеен човек се определил за Валтер ППК /С .380, пиштол кој потекнува од Германија и често се користи во одбрана.  

Coronavirus USA Waffenladen
Фотографија: picture-alliance/AA/T. Coskun

„Кога слушнав за епидемијата, купив релативно многу муниција. Тоа не беше директна реакција на ширењето на коронавирусот, но беше реакција на фактот дека во вакви ситуации многу бргу доаѓа до недостатоци на муниција и потоа полиците во продавницата се празни подолго време“.  Тоа е своевидна синџирна реакција: многу луѓе истовремено претпоставуваат дека ќе дојде до недостаток  и потоа обидуваат да се снабдат пред да биде предоцна. Слично е и со тоалетна хартија.

И Пол Брошир сакал да се осигура. Имал доволно оружје и муниција, но решил да „препише“ некои од тие парчиња на други членови на семејството. „За секој случај“, вели тој за ДВ. „За и тие да се соодветно подготвени“, истакнува, додавајќи дека би бил најсреќен кога не би морал да ги користи пиштолите.

Патем, Брошир со секој негов „вооружен подарок“  приложи и писмо, во кое ги обврзува своите роднини оружјето да остане во сопственост на семејството и да смее да се пренесува само од генерација на генерација - односно, оружјето никогаш да не смее да се продава на други луѓе.