1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Коронавирус: Изолација во поврзаниот свет

Александар Герлах
21 март 2020

Иако коронавирусот не познава граници, планот за да се спречи неговото ширење досега беше да се подигнат границите. Човештвото мора да се бори со последиците на оваа изолација, пишува Александар Герлах.

https://p.dw.com/p/3ZcqD
Symbolfoto Virologe Coronavirus Covid
Фотографија: picture-alliance/dpa/C. Hardt

Во моментов живееме во две кризи истовремено: Глобалната коронавирус пандемија и финансиската и економска криза која таа ја предизвика. Се смета дека битката да се поправат штетите предизвикани од таа втора криза ќе биде далеку поголема и подолготрајна одошто актуелната борба против Ковид-19- болест која веќе одзеде илјадници животи и несомнено ќе убие уште многумина.
Нема никаква смисла тие да се спротивставуваат една против друга, или човечкиот живот против корпоративниот банкрот. Истовремено, овие две кризи се нераскинливо поврзани на далеку посуштински начин одошто едноставната причина и последица: Досега секое лице на планетава веројатно сфати колку е всушност меѓусебно поврзан нашиот свет.

Пандемијата не бира боја

Се чини дека основните клишеа за болеста уште еднаш се потврдуваат како точни: Пандемијата не познава географски граници или боја на кожа, ниту пак прави разлика според вера, култура или јазик. Оние кои до пред само две недели упатуваа расистички погледи кон Кинезите сега мораат да гледаат како вирусот остава пустош во Италија, Иран и Јужна Кореја- земји кои не можат да бидат поразлични една од друга. Веројатно единственото нешто што ги поврзува нив и нивните граѓани на долг рок се искуствата кои ќе ги соберат соочувајќи се со кризата.
Луѓето се насочени едни кон други во вакви егзистенцијални кризи. Зад испреплетената мрежа на глобална трговија постои нешто што далеку посилно не поврзува: тоа што сме дел од човештвото.

Kommentarfoto: Prof. Dr. Dr. Alexander Görlach
Професорот Александар Герлах е редовен колумнист на Дојче велеФотографија: Harvard University/D. Elmes

Третата криза

Тоа отвора трета криза која е блиску поврзана со првите две: предизвикот на „социјалното дистанцирање“, повлеченост предизвикана од затворањето на јавните простори и потребата да се избегне контакт со другите за да се забави ширењето на вирусот. За оние на Западот, тоа е за првпат по Втората светска војна да мораат да ја жртвуваат слободата на движењето.
Луѓето или се затворени во своите четири ѕида или во карантин во непознато опкружување. Зад вашето соседство или град, цели држави, па и континенти се отсечени едни од други. Како и САД претходно, и ЕУ ги затвора надворешните граници, и растат бариерите во Европа. Слободата на безгранично патување во рамките на Европа, централниот принцип на ЕУ, нешто на што се гордееше, сега се укинува, земја по земја, ден по ден.

Обединети во изолација

Тоа може да ве направи беспомошни. Сите добронамерни совети за тоа како да ја искористите изолацијата како шанса за конечно да ги прочитате сите тие книги на вашата листа не можат многу да ви помогнат во ситуација кога беспомошноста раѓа летаргија, а недостатокот на слобода ја убива мотивацијата.
Затоа добро ќе биде човештвото да и пристапи на оваа трета криза- и другите исто така- како духовна шанса. Тоа ја надминува јасната стратегија да бидете на некој начин ангажирани, но го надминува и прашањето колку добро можат луѓето да се прифатат самите себе и да бидат сами со себе.
Конечно мора да учиме од угнетувачката изолација која сега сите ја доживуваме и да конструираме позитивен и утешен наратив за човештвото за тогаш кога пандемијата на Ковид-19 ќе помине.
Денес, многу од најсимболичните места познати по својата моќ да ги обединуваат заедниците од сите страни на светот, како плоштадот Свети Петар во Ватикан или Мека и Медина во Саудиска Арабија, се напуштени. Тоа можеби делува депримирачки и мрачно, но луѓето и натаму се убедуваат дека се таму и дека ќе останат таму. Борбата сега е да се создаде нова јавна сфера во тешки услови.
Сите сме во егзил во своите домови и треба да се поддржуваме едни со други- како Италијанците кои минатиот викенд излегоа на своите балкони и прозорци за да свират и пеат серенади, за и со едни со други.

Coronavirus - zu Hause bleiben
Италијанците најдоа начин како да се солидаризираат и да ја надминат изолацијатаФотографија: Getty Images/D. Ramos

Александер Герлах е соработник на Карнеги Советот за Етика и почесен професор по етика и теологија на Универзитетот во Линеберг и на Институтот за верски и меѓународни студии на Универзитетот Кембриџ.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи