1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Гутереш бара воздржаност, Москва предупредува од судир

ЕМФ /агенции
15 декември 2018

Додека од Обединетите Нации се испраќаат пораки до сите страни да бидат воздржани, од Москва доаѓаат барања за демилитаризација и распуштање на вооружените формации на косовските Албанци.

https://p.dw.com/p/3AAid
Äthiopien Addis Abeba Afrikanische Union Gipfel Guterres
Антонио Гутереш бара воздржаностФотографија: Reuters/T. Negeri

Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, реагираше со загриженост на одлуката на косовскиот парламент за сопствена армија. Тој ги повика „сите страни на воздржаност“. „Резолуцијата 1244 од 1999 година е единствената правна рамка за меѓународно безбедносно присуство“ на Косово, а силите на НАТО (КФОР) се задолжени за безбедност на тоа подрачје, рече Гутереш и додаде дека секакво ограничување на одговорноста на КФОР во извршувањето на безбедносната должност не би било во согласност со резолуцијата.

Советот за безбедност на ОН по барање на Србија одржа неформален состанок зад затворени врати. Српскиот претседател Александар Вучиќ вчеравечер изјави дека Србија упатила барање за итна седница на Советот за безбедност и оцени дека формирањето на Војска на Косово го загрозило мирот на Балканот. „Се прашувам врз основа на кој акт одлучија да формираат војска на Косово“, рече Вучиќ на прес-конференција, додавајќи дека добива одговор оти Косово е суверена држава, но дека нема акт врз основа на кој тоа може да се направи.

Повеќе:

Липково на удар на српско-руска пропаганда

Косово сака сопствена армија - ѕвечкањето со сабји сѐ погласно

Косовска војска: Приштина агресивно, Белград во дефанзива

Министерството за надворешни работи на Русија исто така зборува за загрозување на мирот во регионот. Во соопштението на ова министерство се вели дека целта на одлуката за создавање косовска војска е „сериозно заострување на ситуацијата на Балканот, кое создава ризик од вооружен судир во регионот“. Москва смета дека меѓународните мисии на Косово - УНМИК и КФОР во согласност со своите мандати и резолуцијата 1244 на ОН мора под итно да ги преземат сите мерки за демилитаризација и распуштање на сите вооружени формации на косовските Албанци.

Kosovo Sicherheitstruppe
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/V. Kryeziu

Косовскиот парламент вчера усвои три закони кои овозможуваат трансформација на Косовските сили за безбедност (КСБ) во Војска на Косово без промена на името. Премиерот Рамуш Харадинај, претседателот Хашим Тачи и спикерот Кадри Весељи им се заблагодарија на САД за „несебичната помош во сите фази за слобода и независност на Косово“. На свеченоста по повод трансформацијата на КСБ, Харадинај ги повика сите војски во регионот, како и Војската на Србија, на партнерство со Вооружените сили на Косово.