1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Избори, укинување царини, па дијалог?

Беким Шеху
5 октомври 2019

Како да е извесно дека кој и да дојде на власт во Приштина, драконските царини за српски производи ќе бидат укинати. Потоа би требало да се обнови дијалогот. Но, кандидатите за премиер на Косово не говореа многу за ова.

https://p.dw.com/p/3Qj8R
Kosovo | Regierungsschef Ramush Haradinaj tritt zurück
Харадинај е единствениот кој ги брани царините за српски производиФотографија: picture-alliance/dpa/AA/E. Keci

Изборната кампања во принцип е често во знакот на големи ветувања и „удирање в гради“. Ништо поинаку не е ниту на Косово, каде во недела (06.10.2019) се избира нов парламент откако претходниот премиер Рамуш Харадинај поднесе оставка поради обвинение пред Специјалниот суд за злосторства на УЧК. Слушајќи ги водечките политичари во Приштина, може да се заклучи дека се откажале од преголеми ветувања – речиси сите, освен Рамуш Харадинај, се свесни дека по формирањето на владата драконските царини за српските производи мора да се укинат. Потоа треба да следи враќање на преговарачката маса. Тоа барање на меѓународната заедница, а особено на САД, неколкупати го повтори и американскиот пратеник за западниот Балкан, Метју Палмер. И вршителот на должност шеф на косовската дипломатија, Беџет Пацоли, рече нешто слично – кој и да дојде на власт, мора да ги укине царините, без разлика на тоа што ветува во изборната кампања.

„Кој и да победи, таа личност ќе биде соочена со темата дијалог која може да влијае на траењето на идната влада“, вели за ДВ политичкиот аналитичар Бљерим Бурјани. „Идниот премиер мора да има коалиција со мнозинство во Собранието, односно 80 гласови за усвојување на конечната спогодба помеѓу Косово и Србија. Мислам дека тоа може да го направи само влада на широка коалиција или широк консензус на политичкиот спектар“, вели нашиот соговорник. Без широка поддршка, дијалогот останува непремостлив предизвик, констатира Бурјани. Но, во времето на кампања речиси ништо не навестуваше дека е можна опцијата за широка коалиција. Како што вели Бурјани, носители на листите не се премногу конкретни, па е нејасно во која насока би го воделе дијалогот.

Повеќе:

Ричард Гренел - хушкачот на Трамп ќе ги смирува Србија и Косово

Метју Палмер - новиот Холбрук на Балканот

Косово - „камче во чевелот“ кое го жули Балканот

Што велат кандидатите за премиер?

Вјоса Османи, кандидатката на Демократската лига на Косово (ЛДК) има најмногу шанси да стане премиер со оглед дека нејзината партија, според анкетите, има близу 30% поддршка. Таа вели дека во случај на изборна победа, лично ќе го води дијалогот со Србија. Таа ја критикува досегашната пракса дијалогот да го води претседателот на Косово. „Дијалогот треба да го води владата на Косово и јас ќе го водам тој процес. На полето на преговори и дијалози имам повеќе искуство од кој било кандидат за премиер“, изјави таа во медиумите. „Откако ние како влада ќе преговараме и потпишеме спогодба со Србија, секако во соработка со парламентот на Косово, и кога спогодбата ќе биде ратификувана во Собранието, Претседателот ќе има само церемонијална должност да стави потпис на декретот за нејзина ратификација“, рече Османи.

Донеодамнешниот премиер Рамуш Харадинај ја предводи коалицијата на неговата Алијанса за иднината на Косово и Социјалдемократската партија. Тој повторува дека одлуката за воведување царини од сто проценти на српските производи била исправна, бидејќи со тоа се испратила порака дека Приштина не се согласува на дијалог под услови диктирани од Белград.

„На Косово и Србија им се потребни добрососедски односи. Ние сме подготвени на тоа, но не сме подготвени на повторно потчинување“, рече Харадинај во изборната кампања. „Две држави, два соседа кои имаат свои интереси. Оваа ситуација Србија никогаш не сакала да ја сфати и тоа и го покажавме со царините."

Лидерот на движењето Самоопределување, Албин Курти, вели дека треба да се разгледаат сите досега постигнати спогодби во дијалогот помеѓу Косово и Србија. Додава дека, доколку биде избран за премиер, со неговата влада ќе формира преговарачки тим кој ќе ја разгледа секоја област. Кандидатот на Иницијатива (Нисма), Фатмир Лима,ј повикува на единство на политичкиот спектар и вели дека „народот на Косово не заслужува сојузниците на Косово, оние кои во клучните моменти застанаа до нашиот народ, да бидат разочарани."

Единствено кандидатот на Демократската партија на Косово, Кадри Весељи сѐ уште не го соопшти својот став во однос на дијалогот со Србија. Се претпоставува дека неговата партија заедно со движењето Самоопределување ќе ја води битката за второ место.