1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Образование

Кој добива, а кој губи од штрајкот на наставниците

ДТЗ
13 април 2022

Министерот за образование Јетон Шаќири смета дека со штрајкот губат сите. Најавува дека решение за платите ќе се бара со преговори. СОНК се согласува за зголемување од 18%.

https://p.dw.com/p/49t3M
Nordmazedonien - Streik der Bildungsangestellten in Skopje
Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Веќе трет ден наставниците во Северна Македонија штрајкуваат за поголеми плати, а учениците не следат настава, очекувајќи разрешница од преговорите на СОНК со Владата. Министерот за образование Јетон Шаќири вели дека од прекинот на наставата губат сите- и децата, и наставниците и државата. „Тоа се ненадоместливи загуби. Штрајкот не смее да биде прв чекор на синдикална борба, не може да почнете преговори со такво условување“, порача Шаќири во гостувањето на телевизијата „Алсат-М“. Ресорниот министер се надева дека преку преговори ќе се дојде до прифатливо решение за платите. 

Платите треба да се зголемат, но колку?

Став на Владата и на Министерството за образование е дека зголемување на платите на наставниците треба да има и дека низ преговори треба да се утврди најдобриот начин тоа да се направи.

„Да мислевме дека платите не треба да се зголемат, ќе се спротивставевме уште на првите средби со СОНК и ќе ги прекиневме преговорите. Но, тоа не го направивме. На секоја средба истакнувавме дека треба да се види секоја добра можност за да се зголемат. Но, изминатите две години имавме здравствена криза, и сите знаеме како функционираше образовниот систем во таа ситуација. И синдикатот и јас знаеме дека се боревме за опстанок, само да го заштитиме здравјето“, рече Шаќири.

Анализи

Во тек се буџетски анализи за што побрзо да се одговори на барањето на СОНК и да се види колку најмногу може да се исполни и кој е најсоодветен модел.

Со измените на Законот за минимална плата сите што добиваат под минималната плата, треба да се израмнат со минималната плата. По усвојување на минималната плата, во рок од 6 месеци, треба да се усогласат сите плати. Но, порастот на минималната плата предизвика незадоволство во сите сектори, кои најавуваат протести и штрајкови за покачување на платите.

„Може да прифатиме и 18 отсто покачување на платите. Кога станува збор за преговори, тогаш сѐ е можно. Очекуваме Владата да го даде својот предлог за да се преговара“, порача во меѓувреме претседателот на СОНК, Јаким Неделков.

СОНК сѐ уште нема добиено покана од Владата, ниту од ресорните министерства, во однос на продолжување на преговорите по однос на нивните барања за усогласување на платите во образовниот сектор со минималецот. Неделков на социјалните мрежи порача дека очекува „среда да биде среќен ден“.

„Добро утро, добар ден! Нека денешниот ден, среда, биде среќен ден за сите нас. Да се надеваме дека денес ќе бидеме повикани на преговори и ќе ни биде дадена разумна понуда. Дотогаш, среќно!“, напиша утринава на Фејсбук првиот човек на СОНК, Јаким Неделков.

Штрајкот трае од понеделникот (11.04) и со него е опфатен наставниот кадар во градинките, основните и средните училишта.