1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

251010 EU-Außenministerrat

26 октомври 2010

Министрите за надворешни работи на ЕУ во Луксембург разговараа за германско-францускиот предлог за промени на договорот за ЕУ, а освен тоа, Србија од вчера (25.10.10) е чекор поблиску до членство во Унијата.

https://p.dw.com/p/PnzC
Министрите за надворешни работи на Белгија, Франција, Грција и ШпанијаФотографија: picture alliance/dpa

Министрите за надворешни работи на ЕУ одлучија - Европската комисија може да почне со изработка на мислењето за подготвеноста на Србија за членство во ЕУ, што е предуслов за почнување на конкретни преговори за прием на балканската држава. Како еден вид награда за согласноста на Белград за почнување дијалог со Приштина, српското барање за членство во ЕУ е одблокирано, една година откако Србија формално ја предаде кандидатурата. Меѓутоа, белгискиот министер за надворешни работи и претседател на Советот на министри, Стивен Ванакере, нагласи дека пред земјата стои уште работа:

„Истовремено нагласуваме дека тоа не менува ништо во очекувањата на меѓународната заедница, а особено на ЕУ, Србија потполно да соработува со Хашкиот трибунал“, рече Ванакере, притоа мислејќи на апсењето и екстрадирањето на Ратко Младиќ и Горан Хаџиќ.

Заменик-премиерот на Србија, Божидар Ѓелиќ, изјави:

„Целта на Србија сега е да не размислува само за добивање кандидатски статус, туку непосредно потоа да ги почне и претпристапните преговори за членство во ЕУ“, рече Ѓелиќ притоа нагласувајќи дека освен соработката со Хашкиот трибунал, Србија мора да се фокусира и на спроведување на внатрешните реформи.

EU Luxemburg Außenminister Treffen Belgien Steven Vanackere
Белгискиот министер за надворешни работи и претседател на Советот на министри, Стивен Ванакере нагласи дека пред Србија има уште работаФотографија: AP

По одлуката на шефовите на европските дипломатии, се очекува ЕК да го изработи мислењето за Србија кон средината на наредната година, по што ќе им биде проследено за разгледување на земјите-членки на Унијата.

Немир поради германско-францускиот план за промени на Пактот за стабилност

И додека на Србија и` олесна по вчерашниот состанок во Луксембург, кај земјите-членки на ЕУ постои вознемиреност поради плановите на Германија и Франција за промени во Пактот за стабилност на еврото. Имено, Париз и Берлин предлагаат во иднина да им биде одземено правото на глас во Советот на министрите за економија на евро-зоната на оние земји, кои ја пречекориле границата на дозволен државен дефицит. Германскиот министер за надворешни работи, Гидо Вестервеле, потврди дека предлогот наидува на контроверзни дискусии:

„Сепак, според нашето мислење, и според нашето чувство за праведност, ако некој не ги исполнува своите обврски, не може истовремено да каже дека има право да продолжи да се однесува така. Кој сака да има права, мора да биде подготвен да се носи со обврските“, нагласи шефот на германската дипломатија.

Luxemburg Außenminister Jean Asselborn
Жан Аселборн: Европа треба да биде нешто повеќе од користење на економската моќ на одделни земјиФотографија: AP

Пак низ исти маки?

Таквите промени на Лисабонскиот договор ќе бараат и ратификација во сите земји-членки на ЕУ. Имајќи предвид дека неговото изгласување траеше со години, малку е веројатно дека кој било во ЕУ би сакал уште еднаш да поминува низ истите маки. Жан Аселборн, министер за финансии на Луксембург, смета дека зад предлогот на Франција и Германија се крие друг мотив. Според него, тоа значи „враќање во 19. век“:

„Политичко-економски погледнато, многу ни‘ е драго што ја имаме Германија во ЕУ. Меѓутоа, Европа треба да биде нешто повеќе од користење на економската моќ на одделни земји, за остварување на нејзините политички цели.“

Автор: Марина Максимовиќ / Кристоф Хаселбах / Трајче Тосев

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска