1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кој сѐ во моментов протестира ширум Европа и зошто?

11 март 2019

Франција, Србија, Албанија - тоа се само некои од државите во кои во моментов се протестира. Зошто се демонстрира и со какви резултати?

https://p.dw.com/p/3EgMQ
Serbien Proteste in Belgrad
Фотографија: picture-alliance/dpa/F. Babic

Шарена револуција, Бојкотирам... Додека во Македонија зенитот на притисокот од улицата е минато, ширум Европа периодов се шири бран на граѓански протести:  Жолти елеци, 1 од 5 милиони, Во петок за иднината- се само дел од нив. 

Протестите се важен дел од европската политичка култура. Без оглед на тоа зошто се покренати, главниот мотив е секогаш ист - надеж за подобра иднина. Поради долгогодишната финансиска криза Грците излегуваа на улица почесто и помасовно од вообиченото. Во само 4 години беа одржани над 20.000 демонстрации. Многу се протестираше и во Бугарија. Во 2013 година протестите траеја вкупно 405 дена. 

Темата беше обработена во последната епизода на #EUROPEO:

Бран протести се шири низ Европа

Последните масовни протести беа поради високите цени на горивата. Во Франција се побунија сиромашните граѓани кои едвај составуваат крај со крај. Демонстрациите на „жолтите елеци" некои аналитичари ги нарекуваат протест на провинцијата против главниот град. Но, и против претседателот Емануел Макрон. Слично како и во Србија каде од недела во недела ширум земјата се демонстрира против аполутниот владетел во државата, Александар Вучиќ.

Ни на албанскиот премиер Еди Рама во моментов не му е лесно. И во Албанија се протестира - против социјалистичката влада и корупцијата. Корупцијата беше и една од главните теми на студентските демонстрации во декември 2018 и во јануари 2019 година. Политичарите многу добро знаат каква опасност се заканува од улицата.

Albanien Tirana - Protest der Opposition
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/H. Pustina

Во Бугарија, во последните 6 години, паднаа две влади по ред. Со надеж дека со тоа ќе го запре бранот протести францускиот претседател Макрон понуди и конкретни отстапки. Но, тоа не му успеа, бидејќи демонстрантите сакаат повеќе. И се организираат преку социјалните мрежи кои ни Макрон, а ниту Вучиќ, не можат да ги контролираат.