1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Која е руската агентка во САД, Марија Бутина?

Роман Гончаренко
15 декември 2018

Марија Бутина призна дека имала илегални активности како руски агент во САД. Таа пред судот во Вашингтон кажа дека од 2015. до нејзиното апсење во јули 2017., по налог на владин претставник од Москва, оперирала во САД.

https://p.dw.com/p/3A8HV
Maria Butina
Фотографија: picture-alliance/dpa

Притворената руска агентка Марија Бутина во четвртокот (13.12.2018) призна дека две години оперирала во САД. Тоа го опфаќа и периодот на предизборната кампања во 2016 година. Обвинителството на 30-годишната Русинка ѝ ветило полесна казна во замена за нејзиното признание на делото.

Веста за апсењето на Бутина стаса неколку часа по средбата помеѓу американскиот претседател Доналд Трамп и рускиот колега Владимир Путин на 16.јули годинава во Хелсинки. Бутина се обидела како „агент на руската влада“ да гради релации со американски граѓани и да се инфилтрира во политички кругови, соопштија од американското Министерство за правда. Бутина прво ги отфрлаше обвинувањата. Нејзиниот татко ги демантираше наводите за можно признание на вината. Сега, сепак, се случи очекуваното.

Путин: „Сирото девојче“

Случајот Бутина досега во Русија не предизвика големи реакции. Претседателот Путин во вторникот првпат излезе со изјава, само неколку часа пред почетокот на судското рочиште и Бутина ја нарече „сирото девојче“, погоден од казната што ѝ се заканува и додаде дека руските тајни служби по негово барање го информирале оти немале никаков материјал за неа. Изминатите месеци имаше жалби од Министерството за надворешни работи, дека Бутина била „политички затвореник“. Според нејзините адвокати, таа неколку недели била во самица.

Контакти на различно ниво

Според американските медиуми, Марија Бутина не е позната само по нејзиното апсење. Во истражувањата на новинарите за наводните руски контакти со изборниот тим на Доналд Трамп, тие брзо налетаа на Бутина. Тоа не беше тешко, бидејќи таа отворено агитираше и постојано пишуваше статуси на социјалните мрежи за нејзините активности – на пример, за нејзиното учество на традиционалниот молитвен појадок кај тазе избраниот претседател Трамп на почетокот на февруари 2017 година во Вашингтон, како член на „16-члената руска делегација“.

На социјалната мрежа ВКонтакти, рускиот пандан на Фејсбук, Бутина напиша дека е многу важно да се развијат контакти на различни „теми“ помеѓу САД и Русија, без разлика дали се тоа политички, верски, бизнис или граѓанско-општествени. Тоа е многу важно за да се излезе од „кризата“ која е продлабочена со „санкции и обострана пропаганда“. „Многу е важно Трамп да добие морална поддршка“, пишува Бутина.

USA, Washington: Zeichnung des Gerichtsprozesses von Maria Butina
Цртеж од судскиот процес против Бутина во САДФотографија: picture alliance/AP Photo/D.Verkouteren

Соработка со НРА

Марија Бутина потекнува од еден сибирски град, студирала политички науки и првично се занимавала со производство на мебел. На 22 години се сели во Москва и ја основа организацијата „Право на оружје", лоби-групација во земјата во која има голем интерес за поседување на оружје, но тоа е строго ограничено и регулирано. Покрај тоа, Бутина се ангажираше и во партијата „Обединета Русија“ и стана помошник на еден влијателен политичар. Неговото име е Александер Торчин, кој до скоро беше заменик шеф на Руската централна банка и поранешен член на Советот на федерацијата, нешто како Горен дом на рускиот парламент.

Според американските медиуми, Бутина и Торчин воспоставиле контакт со моќното американско лоби за оружје НРА уште неколку години пред победата на Трамп на претседателските избори. Претставници на НРА доаѓале во Москва, а Бутина повеќепати патувала за Америка, каде меѓу другото имала прилика на еден настан, кратко откако Доналд Трамп ја најавил кандидатурата, со него да зборува за идните односи со Русија.

Дали ќе има размена за Бутина?

Пред околу две години Бутина се преселила во САД за да студира на еден универзитет во Вашингтон. Американското обвинителство ја обвини дека со студентска виза, а без да се регистрира како „агент“, се обидела да воспостави преговарачки канал меѓу руската влада и водечки американски политичари. Освен тоа, таа со своите контакти сакала да ги спроведе руските интереси, што се смета за „заговор“.

Повеќе: Вашингтон и Москва разменија шпиони во Виена

Во Русија сега се шпекулира дали ќе се направи размена за неа, нешто како во 2010 година со руската тајна агентка во САД, Ана Чепман. Московскиот весник „Новаја Газета" кон крајот на септември пишуваше за наводната желба на Русија, за Бутина и уште двајца Руси обвинети во САД, да направи размена за украинскиот филмски режисер Олег Сенцов. Сенцов во Русија издржува дваесетгодишна казна за наводно планирање на терористички напад врз Крим. Досега Москва го нема официјално потврдено ова наводно барање за размена.