1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Критики од Стразбур за македонската полиција и за состојбата во затворите и психијатриските болници

25 јануари 2012

Комитетот за спречување на тортурата на Советот на Европа, објавува нов извештај за ситуацијата со затворите, притворите, за психијатриските институции во Македонија и одговорот на Македонската влада.

https://p.dw.com/p/13pNZ
Фотографија: DW

Извештајот на Комитетот за спречување на тортурата се однесува на посетата од есента 2010 година, кога Комитетот за спречување на тортурата констатира дека голем број на лица обвинуваат дека биле малтретирани од страна на полицајци. При што им препорачува на македонските власти да продолжат со преземање на мерки за борба против лошиот третман од страна на полицијата. Под ова се подразбира и спроведувањето на ефикасни истраги при секое обвинување за лошо однесување или злоупотреба на овластувањата на полицијата.

Во одговорот, македонската влада дава информации за спроведени истраги, кои се однесуваат на случаите наведени од страна на Комитетот за спречување на тортурата, како и мерките кои се спроведуваат за промовирање на почитувањето на човековите права од страна на полицијата.

Gefängnis Skopje
Затворот ИдризовоФотографија: DW

Ситуацијата во македонските затвори загрижувачка

Комитетот за спречување на тортурата смета дека се потребни фундаментални промени во затворскиот систем на Македонија, за тој да се соочи со предизвиците кои стојат пред него.

Комитетот за спречување на тортурата е посебно критичен за недостигот на професионален пристап во управувањето со затворите, малобројноста на затворскиот персонал, како отсуството на одговорност и јасни правила.

Во најголемиот македонски затвор – Идризово, Комитетот за спречување на тортурата забележал извесен број на веродостојни обвинувања за малтретирање на затворениците од страна на персоналот исто како и насилство меѓу затворениците, што останува и понатаму сериозен проблем. Бројни се затворениците кои се чуваат во ужасни услови, натрупани во трошни, опасни и нездрави за живот услови, а најголемиот дел од затворениците немале никакви активности и биле затворени во нивните ќелии 23 часа на ден.

Во затворите во Скопје и Тетово, исто така не е организиран и не им е предложен никаков вид на активности на затворените лица и тие имале право само на помалку од еден час дневно на активност на отворено.

Gefängnis Skopje
Затворот ИдризовоФотографија: DW

Забелешките не се нови

Овие забелешки беа присутни и во претходните извештаи на Комитетот за спречување на тортурата, а и во новиот е изразена посебна критика за третманот на малолетните лица кои се наоѓаат во затвор, при што им препорачува на властите да преземат чекори, за да им се обезбедат конечно образовни и рекреативни активности и да се гарантира тие да не се ставаат директно во изолација.

Македонските власти во одговорот испратен во Стразбур, даваат преглед на преземените активности за подобрување на затворските услови, посебно во затворот во Идризово, благодарејќи на заемот од Банката за развој на Советот на Европа.

Во одговорот се даваат и информации за мерките за борба против малтретирањето на затворениците од страна на затворските чувари и по специфично за подобрување на безбедноста на затворот во Идризово. Во таа насока е изработен нов правилник, кој има за цел да им понуди на сите затвореници лепеза на активности, исто како и минимално легално право на два часа активности на отворено.

Regierungsgebäude der Republik Mazedonien
Македонската владаФотографија: DW

Различен третман на пациентите во Демир Хисар и во Демир Капија

Што се однесува до ситуацијата со трите психијатриски болници, кои ги посети Комитетот за спречување на тортурата, во извештајот исто така се забележува дека има обвинувања за лош третман на пациентите од страна на персоналот во болницата во Демир Хисар.

Стразбур испраќа препораки за да се избегне малтретирањето на болните, во што се подразбира и политиката на нулта толеранција, подобрување на ефективите на вработените во болницата и нивниот професионализам, како и воведување на систем на жалби и инспекции. Македонските власти во препораките се повикуваат да ги подобрат животните услови во посетените болници.

Македонската влада на ова одговори, дека се работи на спроведување на протоколи за да се води сметка дека медицинскиот персонал се однесува соодветно кон пациентите, и за организирање на постојано обучување за медицинските сестри и болничарите. Владата исто така дава детали за подобрувањето на животните услови.

За специјализираната иснтитуција од Демир Капија за лицата кои страдаат од ментален хендикеп, Комитетот за спречување на тортурата забележа позитивни и опуштени односи меѓу вработените и лицата кои престојуваат таму. Сепак, Комитетот изрази загриженост за потребата во областа на здраствената нега, која според нив не била коректно давана. Македонските власти како одговор велат дека квалитетот на негата е подобрен откако биле вработени нови лица.

Symbolbild Depression Angst Verzweiflung
Фотографија: picture-alliance/dpa

Извештајот на Комитетот за спречување на тортурата (долг 88 страници) и одговорот на македонската влада (елабориран на 45 страници) се објавени во јавноста по барање на македонските власти.

Комитетот за спречување на тортурата предупредува дека ако Македонија не ги исполни препораките за надминување на слабостите, се изложува во согласност со конвенцијата за превенција на тортурата член 10 став 2 на јавна декларација, односно критика.

Автор: Тони Гламчевски

Редактор: Александра Трајковска