1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Левицата и нацијата

Гордан Георгиев
22 јануари 2019

Левицата не треба да се плаши да ги отвори темите во кои десницата навидум суверено плива. Договорот од Преспа не треба да биде табу тема помеѓу приврзаниците на левицата. Пишува Гордан Георгиев.

https://p.dw.com/p/3Byd8
Gordan Georgiev
Фотографија: privat

Левицата не се разбира со нацијата. Оваа реченица станува општо место во демократскиот свет. Левицата ја прегрна глобализацијата, неочекувано јавнувајќи го бранот на неолибералниот економски поредок. Индивидуализмот, отфрлање на стегите на нацијата, космополитанизмот, воодушевеност кон разликите и различните, мултиетничност и мултикултурност... Левицата ги сака овие концепти, удобно и’ е, се расфрла со овие пароли. Но левицата, под налетот на неправдите кои ги генерира глобализацијата и неолибералниот пазар, одеднаш удира во ѕид. Ѕидот е тешко пробоен, бидејќи левицата мора најмалку на секои четири години да оди на национални избори. И да кокетира, меѓу другото, и со национални теми. Теми кои ја допираат нацијата, етникумите, заедниците, национализмот. И тука левицата останува без тема, бидејќи темата е целосно киднапирана од страна на десницата, и онаа меинстрим десница и онаа радикалната десница и оние популисти од сите бои и знамиња.

Но, на левицата ѝ треба нацијата. Не само заради добивање „национални“ гласови, туку и затоа што таа е вградена во и изградена од нацијата. Солидарноста како темелен принцип на левицата, иако номинално интернационалистички поставена, најпрво и најдобро се отелотворуваше во рамките на нацијата. Солидарност помеѓу класите и во самите класи, солидарност помеѓу богатите и сиромашните, солидарност помеѓу етничките заедници кои живеат на ист простор, во исти национални граници. Сите овие идеали на крајот на денот завршуваа на националните граници. И најголемиот успех го доживуваа на меѓниците на нацијата.

Други колумни од авторот:

-Мерак и љубов во 2019

-За 24 декември, без емоции

-Историјата е опасна

Преспанскиот договор не донесе ништо ново на овој план. Договорот не ја уништи нацијата, но го потврди она што го знаевме уште на почетокот на 90-тите години, дека чиста етничка нација не може да постои на Балканот. А оние кои се обидоа да направат такви нации, ги платија со многу крв и солзи. И територија. Но нацијата не мора да биде чиста за да биде задоволна со себе. Внатре-македонскиот судир, кој порано реферираше кон нашите сограѓани Албанци а денес реферира самиот кон себе и во рамките на македонскиот етникум, покажува дека за кавга не се секогаш потребни двајца. Судирот со самиот себе некогаш е пострашен и подеструктивен отколку судирот со Другиот. И додека денес десницата во Македонија се бави самата со себе, разјадувајќи се однатре, влечејќи ги опашките од блиското минато и бавно бавно сфаќајќи дека сегашниот пристап не донесува победа на избори, левицата можеби има што да каже на тема нација и македонски етникум.

Десниот гласач денес е разочаран. Неговата партија, која секојдневно се колнеше во негово име, ги изгуби големите битки. Не успеа да го „спаси“ името, десет години сееше страв и земаше арач и од десниот гласач, направи идентитетски хаос во нашите глави, се скара среднорочно со Албанците и краткорочно со странците... а главниот протагонист на десницата е на шопинг во Будимпешта на неодредено време. Гледано од оваа куса перспектива, се чини дека на десницата и' се потонати сите бродови. Сепак, без претерани илузии, десницата ќе добие шанса да се ревитализира. Националистичките, сега веќе јалови, теми ќе бидат во далечниот фон на таа ревитализација. Економијата, неостварените очекувања од граѓаните, тврдата десна гласачка база и големите цени кои секогаш ги плаќа левицата ќе бидат доволен мотив за некаква идна победа на изборите. Тоа нема да биде толку брзо колку што посакува македонската десница и личните амбиции на некои луѓе околу неа, но сепак...

Во меѓувреме, левицата има простор и самата да се ревитализира и да ги поврати одамна изгубените позиции во некои општествени долапи. За да го каже тоа што можеби има да го каже, левицата треба дискретно да влезе во небранетиот десен политички простор. Не, палење свеќи пред камери за време на големите христијански празници не е тоа што мислев. Конечно, ни илјада запалени свеќи не ја спасуваат деградираната позиција на Македонската православна црква во очите на верниците. Но, левицата не треба да се плаши да ги отвори темите во кои десницата навидум суверено плива. Договорот од Преспа не треба да биде табу тема помеѓу приврзаниците на левицата. Десницата, со своето неодговорно поведение,  несмасно се потруди да го втемели чувството дека „немало алтернатива“ и дека „морало така“. Па зарем Јанко Бачев може да е алтернатива на вмровскиот гласач? Темата село-град, периферија-центар, сиромашни-богати, запоставени-интегрирани е национална тема која исто така мора да биде адресирана од левицата. Кога велам национална, мислам на сите граѓани на Република Северна Македонија, но уште поконкретно на етничките Македонци (да, уште има такви и во новата држава, како што имаше и во претходната!) кои посебно се чувствуваат маргинализирани, а дома се. Левицата треба да им влезе во таа „дома" на тие луѓе, и во метафорична и во буквална смисла. Да им каже дека сочувствува со нивните стравови и фрустрации и да им покаже дека, и покрај тешките одлуки кои морала а ги донесе, подготвена е да се грижи за нив, а тие нека гласаат како сакаат.

Убаво е и фенси е салонските левичари да не сакаат да разговараат со лутите националисти и популисти, да ги прогласуваат за неподобни за општеството, за штетни и опасни, но таквиот пристап само ги одалечува и од потенцијалните центар-десно гласачи и од можноста за поголема кохезија во општеството. Да, национализмот е штетен, тој донел многу страдања и многу погроми во историјата. Вештиот популист и автократ лесно може да ја премине границата од национализам до фашизам и тоталитаризам, во името на некакво национално единство или спас на нацијата. Но, националните теми и грижи се објективен феномен, широко присутен во истата таа Европа кон која се стремиме. Граѓанинот од Берово и од Дебар не ги споделува истите грижи со граѓанинот од Карпош. Вестите што стигаат до Берово се повеќекратно дисторзирани, без разлика дали се работи за „продавање на името“ или за тоа дека „Беровци сега ќе мораат да учат албански јазик“. Но, тоа некој треба да им го објасни на тие луѓе, многу пред искуствено да го доживеат. Улогата на десницата ќе биде да долева масло во огнот, но левицата е таа која треба да го гаси пожарот.

Отварање на тешките теми кои десницата најчесто ги отвара за да не ги затвори, левицата треба да ги отвори за да ги адресира и да се обиде да ги решава. Дебатите за имигрантите, за стравот од губење на нацијата и нарушување на суверенитетот, за опасноста од глобализацијата и сиромашните како нејзини жртви, соживотот со граѓаните од другите етникуми, помирувањето... Тука левицата мора отворено да влезе во домовите на луѓето и да ги соочи и да се соочи со нивните стравови, кои често се објективни а само понекогаш имагинарни. Верувам дека ваквиот пристап на левицата може многу да помогне во рехабилитација на македонското општество.

Дали ова го разбираат во нашата левица, која тешко дека дури и би можела да се нарече левица? Не сум сигурен...