1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Што беше тоа фер плеј?

31 август 2021

Напливот на независни кандидати и листи за локалните избори е знак на јакнењe на рудиментот на македонското граѓанско општество, кое бара пат надвор од конгломератите на партиско-финансиските интереси.

https://p.dw.com/p/3ziPB
Предизборната кампања за локалните избори во С. Македонија започнува на 27 септември
Предизборната кампања за локалните избори во С. Македонија започнува на 27 септемвриФотографија: Reuters/O. Teofilovski

Има цел месец до почетокот на изборната кампања (27-ми септември), а уште сега се вкрстија копјата меѓу дел од учесниците во трката за градоначалнички позиции. Нѐ очекуваат интересни локални избори или промоција на уште една примитивна увертира во нив? Засега сите симптоми укажуваат на второто. Не е на повидок битка со аргументи за изборните програми, бидејќи тие сѐ уште не се промовирани, туку девалвација на другиот, аd hominem. Колку што се на удар актуелни градоначалници кандидатити за втор мандат, толку се на удар и нови кандидати.

Демократијата подразбира натпревар под еднакви услови, и пред сѐ, фер плеј. Демократијата подразбира дека никој не може да остане во комфорна зона, дека секој е на испит, секој ден. Таа комфорна зона годинава за првпат е подраматично разнишана од поголем број кандидати. Ако досега почесто имавме „привид за избор“, овојпат на менито навистина има избор од повеќе имиња, направен преку поголем кандидатски исчекор надвор од политичкиот „мејнстрим“. Напливот на независни кандидати и листи е знак на оживување и јакнења на рудиментот на граѓанското општество, кое бара пат за остварување на интересите на граѓаните надвор од конгломератите на партиско-финансиските интереси.

Во демократски процес, и партиските и непартиските кандидати заслужуваат подеднаква шанса, а кој од нив ќе ја добие довербата одлучуват гласачите.

Тоа е првата лекција што треба да ја знаат оние кои стојат на стартната линија и чекаат да почне трката. Со удари под појас, со рецензија на биографии и вербални дисквалификации, само се промовира несигурност и ниска самодоверба кај оние кои посегнуваат по таков вид дискредитација кон опонентите. Спин докторите на дел од нашите темпераментни кандидати би им дале многу краток совет за однесувањето пред изборите. „Зборувај само за себе и за твојата програма, и биди ладен како шприцер!“

Од кандидатите се очекува да знаат дека дека во земји со зрела демократија и политичка култура на секој конкурент му се посакува – добредојде во трката! Затоа треба да внимаваат - дали лошо ќе се препорачаат само себеси, или демократските дострели на земјата во која се борат за локални функции. Или со двете заедно ќе се самопретворат во конкретна илустрација зошто нешто не е добро. 

Второ, конкуренцијата е благословена работа. Нема успех, ни мерило за успех во битка без конкуренција. Перцепциите дали некој се смета за автентичен партиски или за лажно независен кандидат, треба да се остават настрана. Исто како и овдешната политичка култура која повеќе ги вреднува критиките, отколку искрените и навремени одговори на поставуваните прашања.

Живееме во мала земја, каде во принцип сѐ се знае. На граѓаните/гласачите не им се потребни толкувачи за чија било кандидатска биографија. Тие многу лесно можат да препознаат какви кандидати им се нудат - дали се реално независни или нечии заднински играчи, дали им се нудат кадровски остатоци за кои немало место во централната власт па се прекомандувани во трка за локална, дали им се нудат визионери и стратези или авантуристи и демагози, и дали треба да гласаат за нова сила или за копија на веќе видено.

Локалните избори и промените во власта

Држењето лекции од страна на партиските субјекти не поминува добро. И самиот факт што се појавуваат многу независни листи говори дека граѓаните се заинтресирани за локални власти кои ќе бидат необврзани кон партиски интереси и диктати. Нивните очекувања се да се ослободат од имиња на локални моќници, неработници и претенденти за истото, без разлика под која „етикета" ќе бидат понудени. Секако, илузорно е да се верува дека при изборот сите гласачи ќе го следат својот инстинкт и дека ќе нема контингенти кои ќе гласаат по повик на партија, која и да е. Но, факт е дека политичкиот пејсаж постепено се менува. Без оглед на парадоксот дека овде повеќе им се верува на метеоролозите и на пророците отколку на политичарите, изборните циклуси секогаш биле доживувани како битка за смрт или живот, во политичка смисла. Тоа е резултат на фактот дека процесот на создавање нови лица и нови политички елити е бавен и долготраен, а уште помалку извесен ако исти лица остануваат во барабанот. Во таква ситуација за успех се смета ако политичката сцена се ослободи барем од пет до десет имиња кои на локален план го инспирираат незадоволството на граѓаните. Од некаде мора мора да се почне. Но, она што е задолжително, без исклучок, е фер плеј. Ако тоа не се почитува, би можело некои кандидати и партиски субјекти да го искористат почетокот на несоодветна атмосфера како алиби за да отидат најдалеку во нефер игра. Тоа на никого нема да му користи, а ќе им штети на сите.