1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонија меѓу Србија и Косово

29 мај 2009

Политичките аналитичари во Косово сметаат дека косовскиот претседател Фатмир Сејдиу направил исправен потег со откажувањето на посетата на Скопје. Но, тие сметаат дека односите меѓу Косово и Македонија не се загрозени.

https://p.dw.com/p/Hzlk
Претседателот СејдиуФотографија: picture-alliance/dpa

Претседателот Фатмир Сејдиу направи вистинска работа со откажувањето на посетата на Скопје, бидејќи Македонија веќе двапати се „пошегува со Косово“, смета косовскиот политички аналитичар Миљазим Красниќи. Прв пат тоа се случи за време на инаугурацијата на македонскиот претседател Ѓорге Иванов кога на Сејдиу му беше порачано и покрај поканата да најде начин да не дојде во Скопје, за да се избегне бојкот на српскиот претседател Борис Тадиќ. Во последниов случај пак беше променет карактерот на посетата на Сејдиу на Скопје, истакнува Красниќи.

Односите меѓу Косово и Македонија се добри

Тој сепак смета дека станува збор за изолирани случаи и оти односите меѓу Косово и Македонија се добри, затоа што станува збор за соседни земји кои се поврзани со роднински, трговски и многу други односи. „И Македонија и Косово се декларираа за регионалните и европските интеграции и тоа така и треба да биде. Во таа смисла, мислам дека ова е изолиран случај. Мислам дека таа порака македонскиот претседател и владата треба внимателно да ја прочитаат, и да продолжат добрите односи, но под некои стандарди на меѓусебно уважување“, вели Красниќи.

И поранешниот премиер на Косово, Агим Чеку се согласува со ставот дека македонските власти треба добро да ја разгледаат одлуката на Сејдиу: „Мислам дека одлуката на нашиот претседател треба да им послужи за тоа, повторно да ја разгледаат својата позиција кон Косово и кон албанскиот народ во Македонија, како и повторно да разгледаат колку придонесуваат во изградбата на добрососедски односи во регионот.“

Чеку верува дека новиот македонски претседател Иванов ќе го подобри својот пристап кон Албанците, затоа што како што вели, на Македонците токму Албанците им се стратешки партнери.

Македонија се обидува да игра урамнотежена дипломатска игра

На прашањето зошто Македонија одолговлекува со воспоставувањето дипломатски односи со Косово, политичкиот аналитичар Красниќи вели дека е тешко да се одговори, но смета дека Македонија најверојатно се обидува да игра урамнотежена дипломатска игра во односите со Косово и со Србија.

„Македонија е земја која има многу проблеми, исто како и Косово. Да спомнеме дека тие имаат проблем со соседна Грција, бидејќи не можат да се договорат околу името. Од друга страна неколку месеци имаа тешки односи со Србија поради признавањето на Косово и навистина не им се потребни дополнителни компликации во односите со Косово“, истакнува Красниќи.

Автор: Зулфија Јакупи / Симе Недевски

Редактор: Александра Трајковска