1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонија ќе се распадне ако не влезе во ЕУ

7 јануари 2020

Деновиве повторно делбите на Македонија ќе бидат актуелни не само како дел од предизборните кампањи, туку како реална опасност од изборните резултати. Пишува Ерол Ризаов.

https://p.dw.com/p/3Vpg9
Nord-Mazedonien Journalist Erol Rizaov
Фотографија: privat

Единствен спас Македонија да не се распадне е членството во Европската унија. Оваа одамна позната и загрижувачка опомена е изречена од повеќе научни, интелектуални и политички авторитети и државници, но е и трагично докажана со крвавиот распад на Југославија кој предизвика најголема катастрофа на европскиот континент по Втората светска војна. Ова го повторувам редовно и упорно во сите  деликатни ситуации од прогласувањето на независноста на Македонија. Деновиве повторно делбите на Македонија ќе бидат актуелни не само како дел од предизборните кампањи, туку како реална опасност од изборните резултати.

Опомените на Милан Кучан и Латинка Перовиќ

Како и сите вистини кои не се атрактивни како манипулациите и лагите, прилично глуво помина кај нас исповедта на Милан Кучан, поранешниот словенечки претседател, еден од главните актери на најважните настани во СФРЈ од крајот на осумдесеттите години, во интервју дадено за белградски Неделник. Интервјуто беше пренесено и достапно и на македонските интернет мрежи, но без големи реакции, а веројатно и со малку успешни поуки. Кучан децидно вели: да останеше Југославија денес ќе беше фактор во Европската унија. А, немаше да се распадне ако преовладаше здравиот разум и се прифатеше реалноста за неопходните реформи, демократизација и натамошна обнова на потрошениот историски модел. Една демократска држава, било федерација, или конфедерација ќе ја внесеше на голема врата Југославија во ЕУ и во НАТО и нејзиниот развој досега ќе беше импозантен. Мега популарниот словенечки претседател има ист непроменет став искажан и во интервју кое го работев пред 15 години за Утрински Весник. И тогаш и сега е искрен и аргументиран кога вели дека не е виновен странскиот фактор за распадот, туку национализмот и забеганоста да се обезбеди хегемонија над другите.

По приемот на Словенија во НАТО и во ЕУ, Кучан тогаш искажа зачудувачки став дека пред Словенија претстои огромна работа во битките со примитивизмот, провинцијализмот и популизмот. Ќе бидеме европска периферија ако тие битки не ги добиеме низ една перманентна активност, беше категоричен тој. На моето прашање како тоа Словенија, која е најнапредна од сите југословенски држави, има проблеми со примитивизам, одговори лаконски кратко: ќе видите кога тоа ќе го осознаете. И еве видовме, ама не го спречивме и не се бориме против тој аждер кој ја гуши Македонија, напротив - го храниме добро да стане монструм.

И една друга, многу мудра и учена личност, српската историчарка и општественик, легендарната Латинка Перовиќ силно ги опомена Србите дека не е ништо ново и во поновата историја државите да исчезнуваат и да се распаѓаат. Тоа во светот се случува и денес. Таа директно и јасно им порача на српските политичари и елити: Ако не влеземе во ЕУ, Србија ќе ја снема. Тоа за другите помали балкански држави и народи беше уште посилна опомена да не ја испуштат историската шанса. За жал, и во Македонија во добиена позиција сѐ уште е присутна заканата да се напушти европскиот пат.

Провиден трик на Мицотакис и Мицкоски  

Проблематизирањето на договорите со Грција и со Бугарија со голема изгледност можат да нѐ одведат кон исчезнување, бидејќи тоа се ветува во подземната кампања, оркестрирана на социјалните мрежи со патриотски и милитантен вознес за враќање на изгубеното уставно име на државата, за наводно изгубениот идентитет и јазик. Застрашувачки е жесток нападот по сите сетила на неопределените гласачи да се казни политиката за евроатлантските интеграции и иднината на поколенијата. Тажно е сознанието, не толку од овие партиски валкани памфлети, туку од фактот колкав е бројот на изманипулираните приврзаници да се поништат историските договори бидејќи со тоа ѓоа се спасуваат нацијата и јазикот, а во суштина се упропастува Македонија до целосен распад.

Непоходните компромиси повторно се креваат на ниво на предавство, криејќи се зад лажната парола - демек и ние сме за ЕУ и за НАТО, ама не под овие услови. Ѓаволи се за ЕУ и за НАТО! Поповолни услови нема, може да има само полоши, или никакви. Ако тие лаги на партиските пропагандисти ја преминат границата на издржливост и на толеранција на Брисел, кој и онака има сериозни проблеми со притисоците за спречување на Западен Балкан да биде дел од ЕУ, дури тогаш ќе го обереме бостанот. Тие што ќе дојдат на власт јавајќи на казната за потпишаните договори со Грција и со Бугарија ќе нема со што да владеат, поточно ќе бидат носители на распадот. Тие тоа добро го знаат, па затоа оваа валкана работа е препуштена на социјалните мрежи и на медиумите кои имаат божем професионален предзнак. Мислат дека по освојување на власта можат лесно да се дистанцираат од своите нарачки само со изјавите дека договорите со Грција и со Бугарија нема да се менуваат бидејќи, иако се штетни, се непроменливи. Многу провиден трик кој веќе успешно го употреби премиерот Кирјакос Мицотакис во Грција, кој уште првиот ден по освојување на власта, спротивно на неговата предизборна кампања кога ветуваше подобар договор од потпишаното „предавство", јасно и гласно да каже дека нема да се менува Преспанскиот договор.

Имајќи го ова предвид Христијан Мицкоски и неговите соработници одлучија оваа работа да ја препуштат на медиумите, а тие да ја форсираат тезата дека нивните гревови направени во ерата на груевизмот се помали од тие на СДСМ, или попрецизно кажано - дека грешките на Никола Груевски се бенигни во споредба со оние на Зоран Заев. 

Други колумни од авторот:

Паднаа најповолните понуди на акшам пазар

Европските, комшиските и домашните шамари

Идејата е да се вовлече Заев во аферата „Рекет“

Во оваа пропагандна војна, почната од првиот ден по падот на Груевски, ја препознавам и доктрината да се вовлече и Зоран Заев и врвот на СДСМ во корупциската афера со јасна определба за изедначување на 11-годишниот режим на Никола Груевски и грабежот и злоделата на комплетниот партиски врв на ВМРО-ДПМНЕ, со грешките и промашувањата од две и пол годишното преземање на одговорноста за вкупните состојби во државата на владата на Зоран Заев и коалиционите партнери. Човекот кој како премиер прв пријавил во обвинителството да се истражат поплаките од деловни луѓе дека се уценувани, сега се атакува да биде жртва на таа негова претпазливост, законска обврска и граѓанска должност. Катица Јанева се прикажува како кадар на СДСМ иако е прифатена едногласно од лидерите на сите релевантни политички партии и безмалку едногласно во парламентот да биде главен јавен обвинител на СЈО, а рецидивите на ВМРО-ДПМНЕ, инкорпорирани во целиот правосуден систем кои одработија на застарување на кривичните дела, се квалификуваат како неспособност на владата и на Заев да ги казни виновниците и тоа да го направи на вмровски начин со притисок и закани врз судиите и правните институции во земјата. И сведоштвата на првообвинетиот во аферата Бојан Јовановски добиваат поголемо значење во текстовите на големите новинарски истражувачи како да станува збор за крунски докази кои ја потврдуваат тезата за вмешаноста на Заев и врвот на СДСМ. Кога има предизборна кампања каква што е во Македонија, борба на живот и смрт, тогаш вистината е најневеројатна. 

Медиумите - партиски штабови

Значи, не станува збор за вообичаени критики на владата и на центрите на моќ при злоупотребите на власта и корупциските афери присутни и во најдемократските земји. Тоа е основната и најзначајна работа на професионалните медиуми - да ги откриваат и објавуваат и најмалите кршења на законите од страна на носителите на власта. Секое откривање на незаконско посегнување во џебот на граѓаните со трошење на пари од буџетот, секој судир на интереси, неплатени даноци, ќе мора да значи и одговорност, оставки, судски пресуди и казни, одземање на неправедно стекнат имот, поддржано со силен притисок на комуникациски едуцираната јавност. И во тоа нема ништо спорно гледано од професионален и етички аспект.

Во Македонија, за жал, тоа не е целта. Освен неколку исклучоци, медиумите се вклучени во креирање политика небаре се партиски штабови. Притоа се премолчува дека за време на режим и страховлада, каква што беше онаа на Груевски и неговото опкружување, новинарите немаа право на избор. Во такви ситуации, кога државата е заробена од носители на организиран криминал сместени во врвот на власта, единствена професионална и морална обврска е да бидат жестоки во пресметката со режимот по цена и на животот и затворски казни и измачување, што и се случи во времето на тиранијата на Груевски и ВМРО-ДПМНЕ. Тие новинари и јавни личности што 11 години седеа во скутот на Груевски и го величаа небаре е император, светски првак по реформи, денес немаат ни морално, ни професионално право повторно да пакуваат истражувачки подвизи подготвени во партиски штабови. Но, не помалку загадочна и сомнителна е позицијата на критичарите на претходната власт со неадекватното изедначување на грешките на владата која го собори режимот на Груевски и ги отвори европските перспективи на земјата. 

НАТО не може да нѐ заштити од нашата омраза

Се разбира, критиките се составен дел на работа на секој професионален новинар и медиум и тука не смее да има никакви дилеми. Дури и кога имаат превентивна улога можат да бидат и претерани и напумпани, од тоа нема штета, туку само корист. Тој притисок на јавноста за одговорност за злоупотребите на политичарите и кршењата на законот е една од најголемите придобивки на демократијата, но само ако тоа не е формална осуда без последици. Затоа демократијата без владеење на правото е поблиску до анархија или до систем на репресија што води кон диктатура. Ќе прашате дали може НАТО да ја спаси Македонија од распаѓање ако не стане членка на ЕУ? Не, не може. Членството во НАТО е силна гаранција за стабилноста на Македонија и отстранување на опасноста од надворешна агресија. Сојузот со најмоќните земји во светот е историски настан од епохално значење и силен поттик за побрз економски и сестран општествен развој. Но, тоа за жал не е доволна заштита од внатрешни конфликти, од националистички и шовинистички пресметки, од омраза кон различните од себе, од постојана веќе 30-годишна ужасна пропагандна војна на политичките противници и нивните следбеници. НАТО уште помалку е заштита од наездата на примитивизам и провинцијализам, од грабежи, арамилак и генетски наследена корупција, не може да помогне пресудно да се спасиме од анахроните политички хорди со истите „револуционерни“ идеи од крајот на 19 век, денес преземени од квазипатритоски чети кои ја загадуваат и уништуваат преостанатата здрава човекова околина повеќе и од фабричките оџаци и дивите депонии. Единствен спас за опстанок и развој на Македонија, да не се распадне и исчезне, е членството во ЕУ и влез во европското смејство. Мислам дека мнозинството во земјата ќе го препознае тоа и ќе одлучи како што налага историската закономерност.