1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нема да се преживува со 50 денари дневно

Костадин Делимитов
22 мај 2019

Пакетот законски реформи во социјалниот сектор носат бенефит за најзагрозените категории граѓани, но и предизвици за надлежните. Државата конечно и реално станува социјална, коментираат упатените.

https://p.dw.com/p/3IrWn
Mazedonien Skopje vor dem Referendum
Фотографија: DW

Корисниците на социјалните права во Северна Македонија конечно можат да здивнат. По двегодишни најави, големата социјална реформа станува оперативна. Парламентот ги усвои пакетот закони за социјална и детска заштита, како и оној за сигурност на старите лица. Ова практично значи дека во државата веќе нема да има луѓе кои преживуваат со по 50 или 100 денари дневно, пензија ќе има за секого, но уште поважно, детскиот и образовен додаток се зголемува и тоа дури за 20 пати:

„Ова е голем ден за нашата држава, за сите наши граѓани и граѓанки. Со ова овозможуваме секој да ги постигне своите потенцијали во општеството, затоа што веруваме во инклузивно општество, еднакво општество, општество кое што дава шанса и се грижи за секој поединец. Ова е важно за мене како министерка многу, но исто така е важно за Владата и е важно за целото општество. Работиме директно на намалување на сиромаштијата на нашата држава и вложуваме во идните генерации“, изјави министерката за труд и социјална политика Мила Царовска.

Повеќе:Царовска за ДВ: Детскиот и образовен додаток ќе опфати 20 пати повеќе деца

Граѓанскиот сектор е задоволен

Задоволни се во Владата, но задоволни се и во граѓанскиот сектор кој беше активно вклучен во целиот процес на подготовка на оваа голема законска промена: 

„Овој закон е со европско знаменце и беше неопходност ние како држава да го донесеме со оглед дека нѐ очекува и еден многу критичен период во кој очекуваме да добиеме датум за преговори со ЕУ. Граѓанскиот сектор беше вклучен во работните групи кои работеа на законите, ние го поддржувавме министерството во напорите за ова конечно да го доживееме. Заложбите на министерката, која иако беше под голем притисок и големи напади, пред сѐ од коалициониот партнер ДУИ, сепак на крај успеа да се избори законите да се усвојат. Со ова конечно и навистина стануваме социјална држава, не само на хартија, туку и во реалноста“, коментира Уранија Пировска, извршна директорка на Хелсиншкиот комитет.

Mazedonien Skopje - Mila Carovska, Ministerin für soziales Mazedonien im DW Interview
Царовска: Работиме директно на намалување на сиромаштијата на нашата државаФотографија: DW/K. Delimitov

Со ова, според неа, се заокружува еден важен процес на кој надлежните, но и граѓанскиот сектор посветено работеле:

„Овој тренд на позитивно дејствување се случи со носењето на законот за спречување и заштита од дискриминација, понатаму законот за спречување на бременост и сега овој пакет, којшто во голема мера ќе го олесни животот особено на децата, бидејќи се зголемува детскиот додаток и се зголемува дијапазонот во којшто тој додаток ќе биде одобруван за децата коишто имаат потреба. Македонија е земја со исклучително големо ниво на сиромаштија, земја во која што имаме процентуално висок број на граѓани коишто живеат во социјален ризик. Овој закон беше неопходност, бидејќи ние мораме да одиме во чекор со некои стандарди коишто се на ниво на ЕУ", смета Пировска.

Повеќе: Живот на лажиче- сиромаштијата го „убива“ секој петти Македонец!

Дополнителни предизвици за надлежните

Законската реформа е значаен чекор напред и за оние кои со години јавно се залагаа и бореа за социјална правда и подобрување на условите за живот:

„Во секој случај ова е еден добар исчекор, особено кога ќе се има предвид колку досега беа ниски социјалните издатоци. Примателите на социјална помош во Македонија досега располагаа со по 50, или 100 денари дневно, едноставно не можеа да скрпат живот. Со ова, направен е мал исчекор во насока на обезбедување каков таков живот на тие категории граѓани. Нормално дека тоа не е доволно, но сепак е чекор во правилна насока“, коментира за ДВ Здравко Савески, професор, активист и член на „Левица".

Пралелно со законските измени, според него, треба да се работи и на други прашања. Пред сѐ на зголемување на транспарентноста на ресорното министерство, но и расчистување на другите отворени прашања:

„Она што е проблематично со ова, настрана што се фали владата, е што таа имаше предвидено буџетски средства за зголемување на социјалната помош уште од јануари. Носењето на овој закон дури во мај, покажува дека близу половина од тие пари ќе останат неискористени. Министерството има одговорност да каже за што ќе бидат пренаменети, бидејќи станува збор за сериозна сума од 36 милиони евра колку што се предвидени за целата реформа. На граѓаните им е потребна отчетност, бидејќи беше неодговорно што со одложувањето некој си поигруваше со нивната судбина“, реагира Савески.

Живуркање со 200 денари дневно

Дополнително, според него, е многу важно и Министерството за труд и социјална политика да почне редовно да го објавува точниот број на приматели на социјална помош, по примерот на Агенцијата за вработување која на месечно ниво ги објавува податоците за луѓето што се без работа.

Социјалната помош и до трипати повисока

Колку ќе се подобри буџетот на најранливите категории граѓани ќе се почувствува веќе од наредниот месец. Социјалната помош кај некои семејства ќе биде тројно повисока, или околу 10.600 денари. Со детскиот и образовен додаток семејства со вработен кој зема минималец ќе има месечни примања од 16.000 денари.

Со новиот закон се предвидува детскиот додаток наместо досегашните 3.200, да го користат 73.500 деца. Исто така и во делот на образовниот, кој наместо 3.800, сега ќе го примаат 64.316 деца. Се воведува и социјална сигурност за стари лица кои останале без старосна пензија и немаат други извори за егзистенција. Ова ќе значи дека сите оние кои што имаат навршени 65 години старост, а немаат никаков стаж, ќе земаат по 6.000 денари месечно.

Обука за да не се одбива работа

Со реформата, се воведува блиска работа на социјалните тимови со секој поединец и семејство приматели на социјална помош, до конечно извлекување од социјален ризик, односно до нивно вработување. Во таа насока веќе извесен период се спроведуваат активности од страна на надлежните институции кои треба да ги мотивираат социјалците да се вклучат на пазарот на труд. Веќе извесен период се поврзани системите на Агенцијата за вработување и Центарот за социјална работа во насока на обезбедување на лицата во системот мерки кои содржат преквалификација, доквалификација. Дополнително е вклучен и бизнис секторот кој преку разни програми се мотивира да ангажира кадар посебно во делот на нискоквалификуваните позиции. Со ваквата политика ќе се обезбедат услови секој работоспособен да се вклучи на пазарот на труд. Ова ќе значи дека никој нема да може трајно да ја ужива социјалната помош, односно да одбива понуда за работа:

„Да, двапати ќе им се нуди и ако одбијат -  ја губат. Освен за работонеспособно лице, за кое има посебен коефициент. Дури и ако семејството ги загуби правата, тоа лице ќе продолжи да зема социјална помош само за себе", изјави министерката Царовска во неодамнешното интервју за Дојче веле.

Mazedonien Reportage
Социјалната помош за некои семејства ќе биде тројно повисокаФотографија: V. Gushevski

Поддршка и за лицата со попреченост

Не само во делот на вработувањето,туку новини се воведуваат и во делот на лицата со попреченост кои добиваат лична асистенција и услуга домашна нега. Дополнително, правото за попреченост се проширува и за лицата со интелектуална попреченост, додека пак додатокот за надоместок за плата за скратено работно време за родител кој чува дете со попреченост се зголемува и изнесува до 50% од просечна нето плата. Дополнително, биолошките семејства на лицата со попреченост, ќе добиваат зголемен износ на правото на посебен додаток за 15%. Се развива и услугата за домашна семејна грижа која ќе обезбедува краткотрајно згрижување на зависни членови од семејството заради одмор, лични и професионални потреби на другите членови на семејството.

Пакетот закони за социјална заштита на владина седница помина уште лани, а шест месеци беше блокиран во Парламентот. Главната причина беа несогласувањата помеѓу коалиционите партнери СДСМ и ДУИ во однос на детскиот додаток, кој се укинува. Наместо него се воведува еднократна помош за прво, второ и трето дете.