1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Македонското сценарио“ и спасителите-месии

Гордан Георгиев
19 март 2019

Каде сме ние, Македонците од Северна Македонија во српската приказна? Никаде, ама баш никаде. Небитна монета за пи-ар поткусурување помеѓу Вучиќ и странците. Пишува Гордан Георгиев

https://p.dw.com/p/3FIqU
Gordan Georgiev
Фотографија: privat

Очекувано, како според некакво однапред напишано сценарио (а постои ли навистина однапред напишано сценарио?!?), Србија дојде на дневен ред. На Србија не и’ е прв пат да доаѓа на дневен ред. Таа редовно, еве ќе навршат веќе 7-8 века, се појавува на насловните страници, како општа тема за жестоки полемики низ балканските меани па се’ до претседателската маса во Овалната соба. Од Косовската битка до битката на спасување на она малку што остана од српско Косово, Србија е главниот мангуп во регионот. Секој од нас има изграден став и чувства за Србија. Од отворено гадење и презир до филистерска воодушевеност дека сепак „Србите знаат како треба“. Моите чувства, пак, кон Србија отсекогаш биле измешани. Учен и научен да не ги гледам нациите и териториите како едно тело со еден дух кој живее во него, но и со стекнато знаење и искуство дека важно е да се брани своето, отсекогаш сум се трудел пченицата да ја издвојам од кокалот. Саемот на книги во Белград, културата на отпор и слободољубие, писателите, сликарите, правниците, уличните интелектуалци, врвните спортисти кои очигледно пијат различна вода од нас кои живееме јужно од Табановце...сето тоа ми будело исклучителна почит, наместа и восхитеност од духот и делото што го произведува таа територија. Така, многу би сакал мојата држава да има премиер чиј ментор бил Хабермас (Ѓинѓиќ) но еднакво не би сакал претходникот на таквиот премиер да се вика Слободан Милошевиќ. Контрадикциите кои ги создава оваа држава се големи, веројатно споредливи по релативна магнитуда со пост-Вајмарска Германија или пред-аболиционистичка Америка.

Калта на невратот

Приказната за волкот во јагнешка кожа, кој ги менува влакната но ќудот му останува, ја протресува Србија деновиве. Растен и формиран на почетокот на деведесетите години од минатиот век, пиејќи од стомната на највеличествените четнички традиции, потоа фениран, шатиран и ботоксиран за да го дочека новото време, Александар Вучиќ денес е кингмејкерот на старо-новата Србија. Поинтелигентен и многу пообразован од шестачето од Економскиот факултет во Прилеп, но во суштина епигон во имитирањето на политичката авторитарна технологија на неговиот пријател со привремен престој во Пешта, Вучиќ е главната точка на интерес на информираната јавност деновиве и тој интерес би можел да се срочи во фразата „Колку длабоко овој човек ќе забразди во калта на неповратот?“. Дали нему ќе му се случи ноќната мора која тој си ја самонарече „македонско сценарио“? А сите знаеме дека од „македонско сценарио“ нема спас, а први на удар се токму спасителите-месии, додека останатите може и да се испазарат.

Mazedonien Serbien Vucic bei Gruevski
Вучиќ е поинтелигентен и многу пообразован од шестачето од Економскиот факултет во Прилеп. Никола Груевски и Александар ВучиќФотографија: DW/P. Stojanovski

Јамка на вратот

Сепак, мислам дека големиот Вучиќ од уште поголемата Србија нема да ја повтори грешката на малиот Груевски од малата Македонија. Бидејќи таа грешка е толку очигледна и толку јасно исцртана на балканската геополитичка карта што дури ни најголемата заслепеност од моќта на секојдневието не останува имуна на „денот потоа“. Македонското сценарио е најдобриот можен подарок за Вучиќ и однапред трасиран пат по кој не треба да оди. Нему му останува да си ги одбере чевлите и да ги следи знаците покрај патот, ако веќе не успеал да го прочита дневникот на големиот сонародник Иво Андриќ. А вистинскиот пат за Србија оди преку Косово, овојпат без Косово на менито. Јамката околу вратот која Вучиќ самиот си ја стави, од немајкаде или од виспреност ќе дознаеме набрзо, е многу слична на јамката која Груевски си ја стави ветувајќи им на „странците“ дека еве прашање на ден е кога ќе го реши спорот за името. Цената на таквата наивност на истите тие „странци“ се разбира дека ја плативме ние, граѓаните на тогашната Република Македонија. Цена која значеше обилно крадење, местење избори, монтирани апсења и да, нелегално прислушкување на илјадници граѓани. Колку и да се трудат нашите слободољубиви браќа и сестри Срби да го докажат спротивното, Вучиќ е сѐ уште мало дете за нашиот Црни Груја. И добро ќе биде за сите да остане дете, бидејќи во недостаток на „бомби“ и релевантна критичка муниција на раштрканата и шарена српска опозиција, родителите сепак ќе се обидат да бидат милосрдни кон детето. И повторно, сите знаеме дека евентуално “српско сценарио“ е многу поголема аждаја од македонското. А соодветно на тоа, цената е многу поскапа. Вучиќ треба едноставно да го испорача тоа што го ветил во некоја тајна одаја, и потоа мирно да се повлече и да се обиде да  ја дочека 2020-та година. Бидејќи за оваа година Нобеловата награда веќе му ја лапна нему омразениот Заев.

55. Münchner Sicherheitskonferenz: Aleksandar Vucic, Johannes Hahn, Hashim Thaçi, Wolfgang Ischinger.
Александар Вучиќ и Хашим Тачи на безбедносната конференција во МинхенФотографија: DW/B. Cani

Веќе виден „трилер“    

Каде сме ние, Македонците од Северна Македонија во српската приказна? Никаде, ама баш никаде. Небитна монета за пи-ар поткусурување помеѓу Вучиќ и странците, копчето на телеграфот кој дојавува сигнали таму каде што е потребно и во функција на внатрешна употреба. До неодамна, Србија за нас претставуваше потајно посакуван и истовремено одбивен, а никогаш не(до)разбран политичко-културолошки конгломерат. Денес, за нас северњаците, членови на НАТО, оваа Србија е толку лесно прочитлива и едноставна за разбирање, како омилен тежок психолошки трилер кој сме го гледале десетина пати.

Но Северот памти, ги памти студените зими што доаѓаа од другата страна на Ѕидот, ги памти Белите одачи и во 1990-та и во 1995-та, го памти и Стенковец во 1999-та, и Црвените беретки во 2001-ва, и криминалните операции на режимот на Груевски со братскиот народ, па сѐ до слободниот коридор од граничниот премин Гостун до пријателска Унгарија. Можеме да простиме, но нема да заборавиме. За да не ни се повтори.  

Затоа, најдобро е сега да се разијдеме, макар привремено, онака другарски и со добра мисла. Ние никогаш нема да бидеме Србија, ни по добро ни по лошо. Србија секогаш ќе предничи во капацитетот да прави глупости, но и во капацитетот да оди напред и да го воодушевува регионот. Едноставно, таква е природата на тоа општество, полно со контрадикции (а кое општество не е ?!?), натопено во грандоманија, митологија и митоманија, но жилаво, огно и водоотпорно со силни либерални јадра, силни индивидуи и силна дијаспора (и либерална и конзервативна). Со гратис добиена институционална меморија од една империја (Југославија) и неколку кралства и полу-кралства кои изгледаат бесмислено од оваа историска дистанца, но сепак се важни места на сеќавање на Србите.
Можеби некогаш ќе се сретнеме и пак ќе се дружиме, ние го посакуваме тоа најискрено. Дотогаш, пријателски и соседски им посакуваме да си го најдат местото под сонцето, под услов претходно да осознаат дали тоа изгрева на Запад или на Исток.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи