1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Мајорка се брани од непристојниот масовен туризам

Н.Штригел/С.Недевски19 јули 2014

На властите на шпанскиот остров Мајорка им дојде преку глава од масовниот туризам. Со нови прописи и „жешки“ казни, тие сега сакаат да се ослободат од туристите кои трошат малку, пијат многу и се однесуваат непристојно.

https://p.dw.com/p/1CUwX
Фотографија: DW

Властите на шпанскиот остров Мајорка се заситени од масовниот туризам и сакаат да се ослободат од него со нови прописи.

Добредојдовте на Плаја де Палма, најпопуларно место за забава на Мајорка, директно на плажата. Кафулињата и ноќните клубови долж плажата се - рај за туристите, посебно за Германците.

„Тука сум три часа и лудо е.“

„Сонце, лето, плажа, пиење. Пиеш од канта. Канти на плажа. Едноставно забораваш на се’: работа, заборав за се’ наоѓаш во алкохолот“, задоволни се овие млади туристи од Германија.

Но, на ова му доаѓа крајот. Имено, од почетокот на јуни полицијата не ги следи само трговците на плажа и измамниците со кибритчиња, туку и туристите.

„Стаклени шишиња се сега забранети на плажа. Ниту тоа веќе не е дозволено. Сега само ве информираме. Следниот пат ќе ве пријавиме. Казната изнесува 200 евра“, предупредуваат полицајците неколку млади германски туристи.

Mallorca Ballermann 6
Фотографија: picture-alliance/dpa

Конзумирање алкохол на јавни места во Палма отсега е забрането, освен во угостителските објекти. Со новите прописи главниот град на островот сака да ги натера туристите на плажа и во градот на пристојно однесување.

„Многу туристи мислат дека можат да прават се’ што сакаат бидејќи не се во својата земја. Но тоа не оди така. Сепак плажата е за сите, не само за туристите“, објаснува Педро Љабрес, полицаец од Палма де Мајорка

Правила на однесување за сите: се казнува агресивно питачење, уличните музичари не смеат повеќе да настапуваат каде било, а на туристите им е забрането да шетаат голи од појас на горе, секаде освен на плажа. Палма сака да го поправи својот имиџ.

Раководителот на оделот за туризам Алваро Хихон настојува со прописите повторно да воведе ред во својот град. Тој вели дека со задоволство ќе се откаже од пијаните туристи кои бесрамно насекаде вршат нужда, посебно затоа што Палма од нив речиси и да нема профит.

„Туристите тука во последно време трошат значително помалку, што значи дека сме дотраени како дестинација. Долго размислувавме како повторно да се позиционираме за квалитативно да се кренеме на повисоко ниво“, истакнува Алваро Хихон, одговорен за туризмот во Палма де Мајорка

А конкуренцијате не спие. Луда забава има и во триесетина километри одалечениот Магалуф. За разлика од Плаја де Палма, која е популарна меѓу Германците, ова место е во рацете на Англичаните. И, за разлика од Палма, пиењето на плажа и на улиците тука е и понатаму дозволено. Некои од трговците веќе сметаат дека туристите во иднина ќе и’ сврат грб на Палма и ќе дојдат во Магалуф, местото во кое таквите морални правила се незамисливи.

„Кај нас луѓето би излегле на улица и би го запалиле градското собрание. Овде 90 проценти живеат од продавање алкохол и од тоа што туристите тука добро се забавуваат. Најлоши гости се оние кои тука не доаѓаат. Затоа кај нас се сите добредојдени. Ние добро ќе се однесуваме кон нив“, вели Хозе Санчез, трговец на мало од Магалуф.

Mallorca Ballermann Sangria Deutschland Flash-Galerie
Фотографија: picture-alliance/chromorange

Во Плаја де Палма расте отпорот кај трговците и граѓаните, кои веруваат дека прописите ќе останат само на хартија. И навистина се чини дека тие засега не се спроведуваат. Полицијата не ги казнува туристите, туку само ги информира.

„Мислам дека примената ќе биде поделотворна ако луѓето прво само ги информираме. Дури подоцна, ако раководството го смета тоа за неопходно, ќе поднесуваме и пријави“, истакнува полицаецот Љабрес.

Значи, некој вид пробен рок, сѐ додека сите хотели, туристички водичи и полицајци детално не ги запознаат прописите. Сепак, туристите кои непримерно се однесуваат би требало да бидат казнувани веќе ова лето.