1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Криминал

Мексико во костец поради кражбата на бензин

Андреас Кноблох
12 јануари 2019

Планот на владата за борба против масовната кражба на бензин доведе до недостиг во снабдувањето. Народот е револтиран, владата ги смирува.

https://p.dw.com/p/3BOMB
Mexiko Kraftstoffmangel - Warteschlange an Tankstelle
Фотографија: Reuters/D. Becerril

На многу бензински пумпи во Мексико од почетокот на годинава нема доволно бензин за потрошувачите. „Има многу долги редици и никогаш не си начисто дали и колку бензин ќе може да купиш", вели Генади Монтоја, еден од вработените во Толука. „Некои продаваат само 10-20 литри, а тоа не е доволно за да го наполниш резервоарот. Никогаш не знаеш колку ќе ти трае бензинот."

Таквата ситуација на некои места предизвика хаос и незадоволство. Многу бензински пумпи во повеќе сојузни држави се затворени, а пред други има километарски редици. Во Гвадалахара, во сојузната држава Халиско, само 40 проценти од вкупно 450 бензински пумпи беа снабдени со бензин, во Леон во Хуанахуато само 22 од 200. Во Морелија повеќе од еден милион ученици, како и илјадници вработени не можеа да дојдат до училиштата, односно нивните работни места. Многу автобуски линии се прекинати заради недостигот на гориво.

Не се мислело на логистиката?

Министерката за енергетика Рокио Нале во интервју за мексиканско радио призна дека имало проблеми во распределбата на ресурсите: „Веројатно во моментот на пресметување на количествата немавме доволно логистика за снабдување на бензинските пумпи подеднакво." Тоа довело до недостиг на бензин и дизел во различни региони на земјата.

Хуачиколео, како што Мексиканците ја викаат кражбата на бензин во Мексико, во изминатите години доби невидени размери. Само во изминатата 2018 година државниот нафтен концерн Петролеос Мексиканос Пемекс од кражби бележи загуба на околу три милијарди американски долари.

Mexiko - Kraftstoffmangel
Фотографија: Getty Images/E. Castro

На 20 декември владата на новиот претседател Андрес Мануел Лопез Обрадор имплементираше план против кражба на бензини. Според планот, бензинот во еден период наместо преку нафтоводи „безбедно" ќе биде транспортиран во буриња со камиони до бензинските пумпи. Нале нагласи дека проблеми со снабдувањето се појавиле особено во регионите каде е забележан поголем број на случаи со нелегален одлив на бензин.

Во Мексико Сити, Веракруз или Јукатан немало недостиг на бензин. „Тешка е ситуацијата зашто ги апсиме сите што краделе или продавале бензин", Вели Генади Монтоја. „Повеќето бензински пумпи таму продавале краден бензин." Експертите сепак посочуваат на тоа дека многу сопственици на бензински пумпи биле уценувани да продаваат украден бензин.

Претседателот го брани својот план

Со оглед на проблемите за снабдување на различни места, претседателот Лопез Обрадор се обидува да ги смири страстите. Се работело за „преоден период додека да се реши проблемот со кражба на бензин." Има доволно количества бензин во земјата. „Лесно би било само да ги отвориме цевките и да кажеме дека ситуацијата се нормализирала, но тоа би значело дека со умисла помагаме да продолжи кражбата на бензин, а тоа нема да го сториме. Планот на владата предвидува надзор на рафинерии и плантажи од страна на војската. Околу 4000 војници треба да ги чуваат 58-те постројки на Пемекс. Освен тоа, отворена е истрага против менаџерите на компанијата кои се наводно вмешани во скандалот. Кон крајот на декември Лопез Обрадор објасни дека во нафтениот концерн е изградена паралелна мрежа за кражба на бензин која функционирала. Тројца вработени се веќе уапсени, се води истрага и против шефот на безбедносната служба на Пемекс, Едуардо Леон Траувиц. Истиот беше и телохранител на поранешниот претседател Енрике Пења Нието додека тој беше гувернер на сојузната држава Естадо де Мексико. Станува збор за тоа „да се искорени еден корумпиран систем“, кој е тесно поврзан со власта, се заложи Лопез Обрадор.

Mexiko - Kraftstoffmangel
Фотографија: Getty Images/E. Castro

Нарко-мафијата се вмеша

И мексиканските нарко-картели кои во измината година ги диверзифицираа своите бизнис активности, се вмешаа во бизнисот со кражба на бензин тежок милијарди евра. Пред неколку години организираната кражба на гориво беше второстепен бизнис, и на картелите пред сѐ им служеше за да ги снабдат своите камиони и авиони. Во јануари 2017 година тогашниот претседател Пења Нието ги либерализираше цените на бензин и гас, кои потоа се зголемија и грабежот на бензин стана еден од најпрофитабилните бизниси. Оттогаш и локалните и регионалните банди се борат за хуачиколео што резултира во големи загуби за Пемекс.

Новоизбраниот претседател Лопез Обрадор смета дека ова е „замајување“ и „фарса“ за да се скрие учеството на владата во целата работа. Во Пемекс имало „шурување“ оти целиот систем за транспорт на бензин се контролира од оваа компанија. Забележливо е „кога паѓа притисокот во цевките како резултат на тоа што бензинот се одлева во паралални мрежи кои се направено специјално за таа цел." Целта на оваа акција Обрадор ја опишува со зборовите: „Во Пемекс има многу замешани страни и тоа е тоа што ние сакаме да го искорениме."