1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Меркел: заканата од тероризмот останува

БГ
23 декември 2016

Германската канцеларка Ангела Меркел порача дека нацијата може да здивне по убиството во Италија на главниот осомничен за нападот во Берлин. Но заканата од тероризмот останува

https://p.dw.com/p/2Unwh
Deutschland Merkel Statement zum Anschlag in Berlin
Фотографија: Reuters/H. Hanschke

„Можеме да чувствуваме олеснување на крајот од неделава дека акутната опасност е завршена. Но, опасноста од тероризмот генерално останува, како што беше случај веќе неколку години. Сите го знаеме тоа“, рече Меркел на прес-конференцијата на која им се заблагодари на италијанските власти за убиството на главниот осомничен за нападот во Берлин од понеделникот.

Тунижанецот Анис Амри утрово бил откриен во рутинска контрола во близина на Милано. Во престрелката со полицијата бил смртно застрелан, а еден полицаец е повреден.

Меркел најави дека во наредниот период ќе се анализира дали и какви политички и правни промени се потребни во земјата по нападот на божикниот пазар во Берлин во кој загинаа 12 луѓе, но и другите терористички закани со кои се соочува Германија.

Првиот чекор ќе биде забрзувањето на депортацијата на лица кои немаат право на азил во земјата. Во таа насока, Меркел уште попладнево разговарала со тунискиот претседател Беџи Саид Есебси од кого е побарано да овозможи тоа да се случи во најбрз рок. Осомничениот напаѓач Амри, имено, во неколку наврати требало да биде депортиран назад во родниот Тунис, но тамошните власти го одбивале тоа поради што не поседувал легални документи.

Германските власти соопштија дека истрагата за нападот во Берлин во наредниот период ќе се концентрира на можните соучесници на Амир или на потенцијалната мрежа со која соработувал.

Попладнево, новинаската агенција на „Исламската држава“- Амак објави видео во кое атентаторот му искажува верност на лидерот на терорисичката организација.