1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Меркел бара од Путин ослободување на украинските војници

ЕМФ /агенции
11 декември 2018

Германија и Франција сакаат да посредуваат во украинскиот конфликт. Канцеларката Меркел меѓутоа постави јасен услов. Сѐ уште е нејасно дали рускиот претседател Путин ќе се согласи со тоа.

https://p.dw.com/p/39rPY
Türkei Vierer-Gipfeltreffen in Istanbul Merkel und Putin
Фотографија: Reuters/M. Sezer

Надворешнополитичките советници на шефовите на држави или влади на Германија, Франција, Русија и Украина денеска во Берлин разговараат за конфликтот во Азовското Море. Германско-францускиот посреднички обид беше најавен од страна на германската канцеларка Ангела Меркел по средбата со рускиот претседател Владимир Путин, на маргините на самитот на Г20 во Буенос Аирес.

Во телефонски разговор со Путин, Меркел вчера побара Русија да ги ослободи припадниците на украинската воена морнарица. Руската крајбрежна служба пред околу две недели го блокираше преминот преку теснецот Керч за три украински бродови. Притоа беа повредени повеќе украински војници и беа уапсени 24 припадници на украинската воена морнарица.

Теснецот пред Крим ги поврзува Црното и Азовското Море. Москва смета дека теснецот е дел од руските територијални води.

Russland Konflikt Krim Ukraine | Ukrainische Schiffe im Hafen von Kerch
На крајот на ноември во теснецот Керч беа уапсени 24 украински војнициФотографија: picture-alliance/dpa/Tass/S. Malgavko

Според наводи на портпаролот на германската влада Штефен Зајберт, канцеларката Меркел во својот телефонски разговор со Путин нагласила дека е неопходно преземање мерки за да се обезбеди премин на бродови без проблеми.

Повеќе: 

Украина мобилизира резервни сили

Азовско море: Украина е во право, но Русија има контрола

Германија и Франција посредуваат во украинскиот конфликт уште од 2014 година, главно безуспешно. Германскиот министер за надворешни работи Хајко Мас во текот на изминатата недела даде конкретен предлог за деескалација на кризата во Азовското Море: постоечката набљудувачка мисија на ОБСЕ да се прошири и на Азовското Море, со цел на тој начин да се обезбеди слободен бродски сообраќај. Шансите за успех на ваквиот предлог на Мас се лоши. Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров веќе се изјасни негативно. ОБСЕ, инаку, го надгледува спроведувањето на Договорот од Минск во источна Украина. Договореното примирје помеѓу проруските сепаратисти и украинските владини сили постојано е прекинувано со борби.