1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Меркел ги знае комбинациите околу името за Македонија

Силвера Падори-Кленке18 јули 2014

На годишната традиционална летна прес конференција, канцеларката Ангела Меркел одговори на две прашања врзани за Македонија, со кои потврди дека е инволвирана во разговорите околу спорот со името

https://p.dw.com/p/1Cf7V
Фотографија: Reuters

За четири дена, најпрво во Дубровник, а денес и во Берлин, канцеларката Ангела Меркел зборуваше за Македонија. На Јадранот, со шефовите на државите на Западен Балкан, а во Берлин со германските и странските акредитирани новинари во Германија.

„ Во Дубровник со сите земји на Западен Балкан и јас како гостин, разговаравме до кој стадиум на приближување до Европската Унија се наоѓа секоја од земјите. Кај сите има различни стадиуми. Што се однесува до Македонија, разговаравме за спорот со името. Развојот на Македонија е блокиран, зашто не е решен спорот со името. За ова сум во разговори и со грчкиот премиер. Но, сметам дека треба да се види дека за Македонија од големо значење би било оваа расправија околу името да се надмине. Без компромис, тоа нема да е возможно. Но, независно од ова, во целокупниот процес на вклучување на Македонија во Унијата темата за правата на малцинствата ќе има централна улога“, кажа канцеларката Меркел одговарајќи на прашање на новинар од Косово: „дали во Дубровник се дикутирало за спорот со името и за протестите на Албанците во Македонија, чии права се кршени од страна на Владата?“.

Дојче веле побара од канцеларката Ангела Меркел „фантазија“ во случајот со Македонија. „Ви паѓа ли на ум креативно и умно решение за таканаречениот спор околу името? Сакате ли и лично повеќе да се заложите околу решението?“

„Со оглед што бројот на комбинациите околу името кои доаѓаат в предвид е ограничен, сега јавно не би ги кажала, зашто така би го „изгорела“ предлогот. Така е зашто ако нешто кажам, можам да се обложам дека ќе пристигнат два деманти - од Грција и од Македонија, или еден...Значи таа варијантата нема да е веројатна. Затоа, моите разговори околу името се доверливи. Тоа е и онака тешко. Затоа има бранови во кои се внесувам во спорот, но и фази во кои оставам работите да мируваат. Но, со сигурност - ќе дојде момент кога лично ќе се заложам. Но, на крајот видете, може да помогнеме, но доколку актерите меѓусебно не се доближат, мојата помош не помага“, одговори канцеларката Ангела Меркел.