1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Меркел го пречека Заев во Берлин

СН/ агенции
29 април 2019

Премиерот на Северна Македонија беше официјално пречекан во Берлин од страна на германската канцеларка која заедно со францускиот претседател Емануел Макрон е домаќин на средбата со лидерите на државите од Западен Балкан

https://p.dw.com/p/3Hdmf
Deutschland Westbalkan-Gipfel Angela Merkel empfängt Zoran Zaev
Фотографија: Getty Images/C. Koall

Македонскиот премиер Зоран Заев според планираното имаше официјален дочек од страна на Ангела Меркел во 16 часот во седиштето на канцеларијата на германската канцеларка. Заев беше првиот лидер од Западен Балкан кој беше пречекан од Меркел, спроти  денешната Конференција за Западен Балкан. На неа покрај Заев ќе учествуваат и лидерите на Србија, Босна и Херцеговина, Албанија, Црна Гора, Хрватска, Косово и Словенија.

Состанокот кој беше свикан заеднички од страна на германската канцеларка Ангела Меркел и францускиот претседател Емануел Макрон и официјално треба да започне по 19 часот.

Инаку на кратката средба со Меркел по официјалниот дочек, на која покрај Заев учествуваа и од вицепремиерот за европски прашања, Бујар Османи и министерот за надворешни работи, Никола Димитров заеднички било констатирано дека Северна Македонија и Договорот од Преспа се позитивен пример на Балканот и дека тој успех е охрабрување за сите земји учеснички на Конференцијата за Западен Балкан.

Повеќе:

-Битка за датум на самитот во Берлин

-Меркел го притиска Макрон за датум за Северна Македонија

-Самит во Берлин: Македонија се бори за јуни, Меркел и Макрон туркаат кон септември

Премиерот Заев претходно во Берлин имаше средба и со високата претставничка за надворешна и безбедносна политика на Европската унија, Федерика Могерини. Притоа, како што соопшти македонската влада, Заев и Могерини се согласиле  дека за стабилноста на регионот и особено за придобивките на граѓаните на Северна Македонија и на Грција по Договорот од Преспа, неопходно е земјата да биде поддржана и да продолжи уште побрзо на патот кон очекуваната европска интеграција.

Belgien mazedonischer Ministerpräsident Zoran Zaev und EU-Außenbeauftragte Federica Mogherini
Фотографија: European Union/Mauro Bottaro

Договорот од Преспа, за време на разговорот бил потенциран како успешен пример и одлична вест која регионот ја испраќа кон Европа, а беше потенцирано и дека денешната Конференција, меѓу другото, има цел да ги слави придобивките за регионот од Договорот. 

Според најавите за денешната Конференција во нејзиниот фокус се наоѓа спорот меѓу Србија и Косово, но македонската делегација очекува и дека на неа ќе добие позитивни сигнали за отворањето на преговорите за членство со ЕУ во јуни, како награда за постигнатото во изминатиот период- во прв ред Договорот од Преспа но и започнатите реформи во повеќе области.