1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Меркел за спорот за името: „Сосема без компромис нема да може“

СН/ам/дпа/миа/мф/афп15 јули 2014

Нерешениот проблем со името и идентитетот меѓу Македонија и Грција е товар за нас, изјави германската канцеларка во Дубровник додавајќи дека мора на некој начин да се постигне Македонија да стане членка на НАТО и на ЕУ.

https://p.dw.com/p/1CdXX
Фотографија: picture-alliance/dpa

Македонија треба да стане дел од Европската унија (ЕУ) и НАТО, порача германската канцеларка Ангела Меркел на состанокот на шефовите на земјите од Западен Балкан во Дубровник. На состанокот, кој е дел од „Брдо-Бриони процесот“, германската канцеларка се осврнала и на спорот за името, тврдејќи дека таа е запознаена со сите комбинации околу името и дека за евентуалното решение мора да се постигне компромис.

„Мислам дека може и мора некако да го решиме тоа. Јас лично се вклучив во тоа и размислував за сите можни комбинации за името, но некогаш мислам дека не постои ништо повеќе што може да се измисли“, рече Меркел. „Сосема без компромис не ќе може да се реши проблемот, а компромисот значи дека сите страни истовремено треба да бидат незадоволни. Од компромисот не може да се очекува дека се ќе заврши со среќа. Кога сите се незадоволни на некој начин мора да се постигне компромис“, изјавила Меркел.

На состанокот учествуваше и македонскиот претседател Ѓорге Иванов, изразувајќи надеж дека Европскиот совет ќе ја донесе одлуката за пристапни преговори, имајќи ја предвид можноста за паралелно движење во интеграциите и надминувањето на билатералните проблеми. Говорејќи пред регионалните политички лидери германската канцеларка, пак, ја повторила својата поддршка за европската перспектива на Југоисточна Европа, оценувајќи дека „климата на уништувањето“ од минатото е заменета со обнова на ова подрачје, кое тежнее кон придружување во ЕУ.

Kroatien Dubrovnik Merkel 15.7.2014
Фотографија: picture-alliance/dpa

„Во сите области работиме на реализација на европската перспектива за сите држави од Југоисточна Европа“, истакнала Меркел, додавајќи дека Германија не се откажува од овој пристап и дека сите германските политички партии ја поддржуваат европската перспектива на земјите од регионот.

Според неа, сите држави од регионот го одработиле својот дел во патот кон членството во Унијата. „Кога говориме за овие теми секогаш се работи за политички пристап за расправање и решавање на судири. Пред 15 години во овој град се’ уште имаше видливи траги од воените случувања и затоа сакам да истакнам дека е добро што веќе не постои клима на уништување, туку на нејзино место има изградба и обнова“, рекла германската канцеларка.