1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Меркел како „последна шанса“

Герхард Гнаук
7 февруари 2017

Денеска германската канцеларка Ангела Меркел доаѓа во посета на Варшава. Врв на посетата ќе биде средбата со лидерот на партијата Право и правда, Јарослав Качински.

https://p.dw.com/p/2X5Q9
Berlin 2006 Angela Merkel & Jaroslav Kaczynski
Фотографија: Getty Images/S. Gallup

Полските медиуми овие денови интензивно гледаат кон Германија. Денеска германската канцеларка Ангела Меркел е во посета на Варшава, додуша кратка, но со бројни состаноци. Фотографијата на Меркел е на насловните страници на речиси сите медиуми. „Меркел како последна шанса - Полска и Германија се осудени една на друга“, пишува либерално-католичкиот неделник „Тигодник Повчешњи“. „Германија и Полска - принуден брак“, пишува на насловната страница на магазинот „Впрост“, проследено со фото-монтажа на која Меркел и претседателот на партијата Право и правда, ПиС, Јарослав Качински, речиси се во прегратка.

Состанок со Качински на неутрален терен

Доаѓањето на Меркел во Варшава всушност е возвратна посета, по престојот на полската премиерка Беата Шидло на Берлин во минатата година. Покрај со премиерката, канцеларката ќе разговара и со полскиот претседател Анджеј Дуда, со шефовите на опозиционите партии ПО и ПСЛ, двајцата членови на Европската народна партија, како и со претставници на германското малцинство. Но, најважен состанок е оној со лидерот на владејачката национал-конзервативна партија Право и правда. Варшава испратила покана за Меркел, се вели од Берлин.

Качински во моментов е најмоќниот човек во Полска. Тој веќе со години не патува во странство, ни приватно, ни службено. Неговиот главен интерес е внатрешната политика, првенствено - „конзервативната контрареволуција“, како што тој самиот го објаснува својот ангажман во Полска. Сепак, по победата на неговата партија на изборите кон крајот на 2015. година, тој прими неколку странски гости, меѓу кои и претседателот на Украина, министерот за надворешни работи на Франција и еден висок по ранг американски политичар од таборот на Доналд Трамп. Сега на ред е Ангела Меркел. Состанокот е закажан на „неутрален терен“, се порачува од Варшава, веројатно хотелот „Бристол“. Не се планирани изјави за медиумите. 

Brexit Symbolbild Big Ben Unionjack
Во Брегзит Полска гледа шанса за јакнење на сопствените позицииФотографија: picture alliance/dpa/M. Kappeler

Блиски односи - на дистанца

Германско-полските односи денес се блиски како никогаш претходно. Трговската размена меѓу двете земји за 2016. година првпат би можела да достигне сто милијарди евра. Соработката на полето на безбедноста и одбраната во целина се одвива добро. Што се однесува до политиката кон Русија, освен по прашањето за гасоводот „Северен тек“, Берлин и Варшава во голема мерка се едногласни. Но, проблеми сепак има. Притоа, воопшто не зборуваме за односот на полската влада кон владеењето на правото - ЕУ поради тоа покрена постапка за надзор против Полска. Берлин се воздржува од јавна критика, не сакајќи, како што се вели, германската влада да ја „билатерализира“ темата на ЕУ.

Најважните теми во Варшава веројатно ќе бидат иднината на ЕУ и миграциската политика. Полска сака да издејствува доста промени во Европските договори, и тоа во прилог на јакнење на државите-членки. Берлин тоа го отфрла. „Ако почнеме со една земја, тогаш се отвора Пандорината кутија“, вели еден германски дипломат.

Во поглед на миграциите од југ, Берлин и Варшава се сложни дека границите на ЕУ треба посилно да се штитат и да се сузбиваат причините за бегство. Но, околу прашањето за решенија внатре во ЕУ, и натаму нема приближување на ставовите. Германската влада се надева на „праведна распределба“, но многу земји сигурно и натаму ќе ја одбиваат распределбата на мигранти и бегалци меѓу членките на ЕУ. Во најдобар случај, би можело да се размислува околу распределба на финансискиот товар.

Германците „не прифаќаат други ставови освен своите“

Соработката меѓу Варшава и Берлин е тешка и поради тоа што полската страна ретко кога формулира јасни предлози. За пример може да се спомене идејата за европска војска, за која дебата, во различно време, иницираа како Качински, така и шефот на унгарската влада, Виктор Орбан. Во голем дел неодговорено останува и прашањето кои се всушност целите на т.н. Вишеградска група- Полска, Чешка, Словачка и Унгарија.

Полската влада, од својастрана, има причини зошто на Брегзит и на победата на Трамп во САД има поинакво гледање одошто Германија. Додека за Берлин и едното и другото претставуваат проблем, владата во Варшава, со својот благо евроскептичен став, во тоа гледа шанса за „јакнење на позицијата и значењето на Полска“, пишува политикологот Олаф Осица во неделникот „Тигодник Повчешњи“. На полската елита, додава тој, кај Германците ѝ пречи нивната „намалена способност да прифатат други ставови освен своите сопствени“. Осица објаснува дека причината е германското уверување дека „германската политика изградила универзални политички пристапи.“ Многумина германски политичари, пишува Осица, веруваат дека придржувањето кон нивните пристапи ќе води кон решавање на речиси сите проблеми во светот, а оној кој тоа не го сфаќа, е глуп и заостанат.

Осица во овој контекст набројува многу спорови меѓу Полска и Германија (миграцијата, климатските проблеми, „Северен тек“, еврозоната) и доаѓа до заклучок: „Принципот на спорни точки меѓу Берлин и Варшава, е независен од ориентацијата на владејачките партии.“ Сега за многу работи остро се дебатира во јавноста, истакнува Осица, додавајќи ја својата надеж дека ќе дојде до „сериозен разговор за сериозни теми и до дефинирање на заедничките интереси.“