1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Меркел: Крајот, имено, започна

Фридел Таубе
1 октомври 2018

Зад Ангела Меркел се бурни денови. Таа призна една грешка, доживеа пораз во партијата и имаше една прилично исцрпувачка посета од странство. Анализа на една недела полна настани.

https://p.dw.com/p/35msl
Unionsfraktion im Bundestag, Bundeskanzlerin Angela Merkel (CDU) und Volker Kauder (CDU)
Фотографија: picture-alliance/dpa/K.Nietfeld

Само една мачна насмевка за гостинот, повеќе не можеше да се извади од Ангела Меркел за задолжителната официјална фотографија со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган по прес конференцијата. Претходните 30 минути канцеларката имаше самоуверен настап. Јасно ги наведе силните разлики во релациите со Турција и не глумеше пријателство таму каде што не постои. Би можело да се каже дека се врати „старата“ Ангела Меркел. Онаа која ги одработува големите прашања во надворешната политика водека од интереси, а не од емоции. Канцеларка која знае да ја процени ситуацијата и која не дозволува да биде влечкана за нос, без разлика колку мажествено се претставува другата страна. Самоуверениот настап при посетата на Ердоган колку и да беше тежок сигурно добро и дошол. Сепак не поминаа ни три дена откако во земјата се збореше дека конечно дошол крајот на ерата Меркел. Една недела којашто канцеларката би сакала да ја заборави.

Меркел ја губи контролата

Всушност се работи за една недела на која канцеларката долго ќе се сеќава. Со сигурност може да се каже дека изминатите осум дена и она што Меркел на 24 септември го изјави на темата Масен, воопшто не одговара на сликата за „тефлон“ канцеларка на која се и поминува со леснотија. Спорниот шеф на Службата за заштита на уставниот поредок, Ханс Георг Масен, со одобрение на тројцата партиски лидери, ЦДУ, ЦСУ и СПД беше деградиран во државен секретар, за по протестите во јавноста, биде поставен на новоизмислена позиција во Министерството за внатрешни работи со истата плата како и претходно. И како Меркел го објасни тоа? Премногу се водела од потребите на Министерството за внатрешни работи, наместо да размисли што е повеќе во интерес на граѓаните, и потоа го изговори она што привлече најмногу внимание:

Türkischer Präsident Erdogan in Deutschland Kanzleramt
Фотографија: picture-alliance/dpa/J. Denzel

„Жалам многу." Волку јасно да се признае грешка воопшто не е синоним за оваа канцеларка. Факт е дека ситуацијата со Масен целосно и избега од контрола, нејзиниот осет за проценка на ситуацијата којшто ја одликуваше тринаесет години, потфрли. Во политиката извинувањето понекогаш може да се смета и за силна страна, но не и во овој случај. Меркел предоцна увиде. Извинувањето не беше знак на сила, туку признание на слабост.

Пратеничката група губи доверба

Додека во земјата се дебатираше за тоа како треба да се сфати изненадното каење на канцеларката, за неа веќе во вторникот вечерта веќе се појави следниот тест на издржливост. И тоа во ситуација во која никој не мислеше дека би можело да има проблем, редовниот избор на претседател на пратеничката група на Унијата. Додуша за првпат по 40 години се појави и против кандидат за местото кога за јавноста релативно непознатиот Ралф Бринкхаус му стана конкуренција на сопартиецот Фолкер Каудер. Со оглед на тоа дека Меркел интензивно работеше за изборот на Каудер никој не ни мислеше дека би можел да не биде избран. Но тоа сепак се случи и повторно во рок од 24 часа Меркел мораше да признае пораз. Со Каудер исчезна и еден лојален обезбедувач на мнозинство за Меркел. Но, уште пострашно е дека пратеничката група веќе не покажува дисциплина. Што може да направи една канцеларка која не може ни сопствените луѓе да ги држи под контрола. Барањето на ФДП да има гласање на доверба за владата, сосем во нејзин стил го изигнорира.

Unionsfraktion im Bundestag, Bundeskanzlerin Angela Merkel (CDU) und Volker Kauder (CDU)
Фотографија: picture-alliance/dpa/M.Kappeler

Крај на самоодлучувањето

Но што ако не само фракцијата, туку при планираниот партиски конгрес во декември во Хамбург и мнозинството од партијата и откаже послушност? Ако Меркел, како што очекуваат повеќе аналитичари се пријави за реизбор за претседател на ЦДУ, тоа ќе биде часот на вистината. Сепак таа секогаш нагласуваше дека претседател на партија и премиерската функција задолжително мора да бидат обединети во една личност. Ако и биде оддржана лекција или што уште потешко може да се замисли да изгуби, тешко дека ќе може да остане канцеларка. Што останува како заклучок од овие турбулентни денови? Дека крајот на нејзината кариера како канцеларка не е во некоја далечна иднина очигледно и стана јасно на Меркел минатата недела. Но ако сметала дека заминувањето од власта ќе може самата да го оркестрира, веројатно сега и е јасно дека моментот за доброволно заминување од службата очигледно го промашила. Посетата на Ердоган покажа дека надворешно-политички веројатно уште ги држи уздите во раце. Но, барањата за обнова од сопствените редови конечно допреа и до нејзините уши.