1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Меркел бара построги ограничувања наместо отворање

ЖА / агенции
29 март 2021

Германската канцеларка Ангела Меркел и нејзината партија ЦДУ бележат пад во анкетите на јавното мислење. На тоа влијаеше неуспешната борба против пандемијата на Ковид-19, а посебно последните делумно повлечени одлуки.

https://p.dw.com/p/3rK43
Bundeskanzlerin Angela Merkel zu Gast bei Anne Will
Фотографија: Wolfgang Borrs/NDR/dpa/picture alliance

Бројот на новоинфицирани во Германија повторно силно расте. Планираните рестриктивни мерки и нивното делумно повлекување предизвикаа жолчни дискусии. Канцеларката во Бундестагот лично им се извини на граѓаните за тоа. Минатата недела беше вистински бурна за Ангела Меркел. Синоќа (28.03) таа во интервју за Првата програма на германската телевизија АРД, во околу еден час настојуваше да ја врати довербата на граѓаните во нејзината политичка борба против пандемијата. Притоа, остро критикуваше некои сојузни покраини.

Меркел е незадоволна од постапките на одделни покраински премиери. Таа смета дека се нужни строги ограничувања заради брзо запирање на порастот на нови инфекции. „Мораме да воведуваме соодветни мерки со крајна сериозност. Некои сојузни покраини тоа го прават, некои не“, рече Меркел. Таа смета дека мора да се активира договорената „кочница во итни случаи“, односно воведување строги рестриктивни мерки доколку во одредено подрачје седумдневната инциденција на 100.000 жители ја премине границата од сто нови инфекции. Канцеларката размислува и за воведување дополнителни мерки: „Забраната за излегување може да биде многу делотворно средство."

Германија соочена со трет бран коронавирус

Меркел се изјасни против нова, предвремена конференција со покраинските премиери, но нагласи дека нема мирно да посматра растот на нови инфекции да стигне до стравувани 100.000. Остро се спротистави на сите најавени олабавувања на мерките на ограничување, па и на т.н. експериментални проекти, во кои под одредени услови е можно одржување на спортски или културни манифестации.

Законот за заштита од инфекции на повторна проверка

Канцеларката исто така најави можност владата да наметне одредени мерки кои се нужни, ако сојузните покраини тоа не го прават. Единствена можност е „промена на Законот за заштита од инфекции и конкретно наведување кои мерки следат во одделни случаи...Ние сме со закон задолжени да спречиме ширење на инфекцијата, а моментно не се врши такво спречување“ . Меркел нагласи дека уште размислува околу оваа опција, одлуката не ѝ е конечна, а совен тоа, за неа е потребно мнозинство во Бундестагот и во Бундесратот.

Ноќната конференција како пресврт

Долгата ноќна конференција со покраинските премиери одржана ноќта во понеделникот кон вторникот минатата недела Меркел ја оцени како пресвртна. На таа конференција беше донесена одлука за денови на мирување од четврток до понеделник за време на Велигден, која потоа сепак беше повлечена. „Не може да се продолжи на овој начин, да се состануваме секои четири недели и да работиме потоа како и досега“, беше категорична Меркел. Таа вели дека на работите исто гледаат и поголемиот дел покраински премиери, но и во однос на ова таа нема конечна одлука.

Во врска со постепеното отворање, за што одлуката беше донесена на почетокот на март, Меркел тврди дека тоа бил компромис. „Тоа беше компромис во уверување дека ‘кочницата за итни случаи' навистина ќе биде употребена. Но, таа не се спроведува, што значи тоа е кршење на постигнатиот договор“, истакнува Меркел, додавајќи дека досега постигнатите одлуки со покраинските  премиери ги нудат сите потребни инструменти за сузбивање на пандемијата. Таа потсетува на можноста за натамошно ограничување на контактите, воведување забрана за излегување и обврска на работодавачите на вработените да им понудат работа од дома онаму каде е тоа можно.