1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Мечкина услуга“ за Грција или соочување со реалноста?

12 септември 2011

Дали Германија се подготвува за евентуален банкрот на Грција? Од редовите на најголемата партија во владејачката коалиција, ЦДУ жестоки критики на сметка на министерот за финансии Филип Реслер кој не ја исклучи можноста.

https://p.dw.com/p/12XN7
Фотографија: Fotolia/ChaotiC_PhotographY

Во Германија се разгорува дебатата околу евентуална несолвентност на презадолжената Грција. Очигледно дека во владејачката коалиција (ЦДУ, ЦСУ и либералите) постојат разлики на оваа тема.

Од редовите на најголемата партија во владата, ЦДУ, остри критики на сметка на шпекулациите за несолвентност на Грција или на нејзино истапување од еврозоната. Во моментов е важно Грција да ги исполни обврските и да ја добие следната транша од европскиот фонд за спас на еврото, изјави членот на пратеничката група на партиите од Унијата во Бундестагот, Петер Алтмајер, за утринскиот магазин на АРД. Сите други шпекулации се контрапродуктивни и опасни, особено од директно одговорните политичари, подвлекува тој, асоцирајќи меѓу другото на шефот на Партијата на либералите, Филип Реслер, кој е и сојузен министер за економија. Реслер прв од членовите на германската влада отворено проговори за опцијата-банкрот на високозадолжената Грција. Тој за весникот „Ди велт“ изјави дека е можен контролиран банкрот, ако за него постојат на располагање соодветни инструменти.

Генералниот секретар на Христијанско-демократската унија Херман Гре исто така отворено застана против изјаснувањето на Реслер.

„Мораме да ја поддржуваме Грција, а не да ја ’закопуваме’, со тоа не помагаме никому“, вели Гре за агенцијата Ројтерс.

Поддршка за изјавите на Реслер

Griechenland EU Flaggen bei Akropolis Symbolbild Finanzkrise Gipfel
Фотографија: dapd

Шефот на Христијанско-социјалната унија, Хорст Зехофер напротив е задоволен од „истапот“ на Реслер, зашто конечно некој јавно проговорува за таа тема. Зехофер, кој е и покраински премиер на Баварија, со јасен став:

„Ние сме партија која ја почитува стабилноста на парите. Тоа исклучува Германија како држава постојано да ги презема долговите на другите земји“.

Зехофер исто така го преферира контролираниот банкрот и предупредува да се биде подготвен за него.

Од редовите на Партијата на либералите во одбрана на својот партиски шеф застана генералниот секретар Кристијан Линднер. Според него, задача на министерот за економија е да размисли околу сите можни сценарија, а истовремено да ги има во предвид и германските интереси. Во сегашната ситуација со Грција не смее да има табу-теми, истакнува Линднер.

Опозиционата Социјалдемократска партија побара во ова разногласие од владејачките партии да пресече канцеларката и да ја соопшти каков е курсот на владата во случајот со Грција.

Генералниот секретар на СПД Андреа Налес укажува на штетите предизвикани од  изјавата на Реслер.

Меркел го чека извештајот на „тројката“

Канцеларката Ангела Меркел засега не зазеде став за мислењето на својот министер за економија. Портпаролот Штефан Зајберт во Берлин образложи-основа за донесување одлука за канцеларката се заклучоците на т.н. тројка, ЕУ, ЕЦБ и ММФ, чии претставници в среда повторно патуваат во Грција за да ги контролираат напредоците на Грција во спроведувањето мерки за штедење. Зајберт е убеден дека Грција ќе биде во состојба да ја исполни целта и да ја спроведе програмата за штедење.

Автор: ЖА/ БГ/ дпа/ ртре/ афп

Редактор: Александра Трајковска