1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Милошоски: Грција не дозволува влез на Македонија во ЕУ пред Србија

АТ/ миа1 јуни 2014

Поранешниот шеф на македонската дипломатија Антонио Милошоски во интервју за Радио Слободна Европа оцени дека Грција тежнее кон одолговлекување на решението за спорот околу името.

https://p.dw.com/p/1CA7q
Поранешниот министер за надворешни работи на Македонија Антонио Милошоски со екс шефицата на грчката дипломатија Дора Бакојани (архива)Фотографија: MIA

„Во Грција сѐ уште имаме позиција која решението за спорот не го гледа како главна цел во однос на Македонија, туку неговото одолговлекување, со цел Македонија што подоцна да се приклучи во меѓународните организации каде што Грција е веќе членка“, вели поранешниот министер за надворешни работи на Македонија, Антонио Милошоски, во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

„Во прилог на тоа ќе ја кажам изјавата што во една тет-а-тет средба со тогашната колешка Дора Бакојани ми беше кажана во Мадрид, кога Шпанија претседаваше со ОБСЕ. Таа кажа дека позицијата на официјална Атина е таква што тие ќе ги направат сите можни чекори и ќе ги преземат сите можни дејствија Македонија да не стане членка на ЕУ, пред тоа да стане Србија“, вели Милошоски.

Тој не верува дека до Самитот на НАТО може да се случи конечно решение, пред сѐ, поради прекраткото време, во кое би требало да има сериозен, издржан предлог, редовни консултации.

„Еден од предусловите за да се стигне до конечно решение е да има и македонско-грчки дијалог на што е можно повисоко политичко ниво, но гледаме дека од грчка страна изостанува таквата волја. Ниту грчкиот премиер, ниту грчкиот министер за надворешни работи или претседател во моментов не покажуваат спремност да имаат личен, тет-а-тет, очи в очи дијалог со своите македонски колеги и тоа не го олеснува начинот на изнаоѓање на решение“, вели поранешниот шеф на македонската дипломатијата.

Во врска со изјавите на Али Ахмети околу последните предлози на Нимиц, Милошоски истакнува дека имаат различни ставови со ДУИ во однос на тоа прашање по две работи.

„Првата работа е тоа што ние гледаме да не избрзуваме со изложување на нашите ставови во јавноста, затоа што изложување на секој став не му прави добра услуга на кој било предлог. Ако македонската страна каже дека некој предлог е неприфатлив, тогаш тоа е сигнал за грчката страна да го каже спротивното, и обратно, ако македонската страна каже за некој предлог дека е добра основа, тоа најчесто било сигнал за официјална Атина да го одбие веднаш таквиот предлог. Затоа сметаме дека изложување на ставовите по однос на спорот за името е најдобро да бидат канализирани во дипломатската комуникација која се одвива на релација Македонија-ОН-посредникот Нимиц и официјална Атина“. Втората работа, додава Милошоски, по која имаат разлики со коалициониот партнер по ова прашање, е начинот на одлучување и стигнување до конечно решение.

„Ние сметаме дека конечното решение и одговор треба да биде резултат на изјаснување на граѓаните на референдум. Од ДУИ не го негираат да речам тоа како можна варијанта, но сепак гледаме дека не се најзадоволни со една таква процедура при решавањето на ова прашање, затоа што за нив времето на решавањето на спорот е поважно од квалитетот на решението на македонско-грчкиот спор, додека за ВМРО-ДПМНЕ квалитетот и долготрајноста на можното решение меѓу Македонија и Грција е поважно од временските рамки што некој се обидува да ги наметне“, изјави Антонио Милошоски.