1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Минск: Склучено примирје

ЕМФ/дпа/ртр/афп5 септември 2014

Во белорускиот главен град Минск е склучено примирје меѓу страните во конфликтот во источна Украина. Примирјето, како што соопшти ОБСЕ, почнува во 18 часот по локално, односно 17 часот по средноевропско време.

https://p.dw.com/p/1D7kN
Фотографија: Vasily Maximov/AFP/Getty Images

Веста што прво ја соопштија проруските сепаратисти - дека е постигнат договор за примирје, во меѓувреме доби потврда од ОБСЕ и од украинскиот претседател Петро Порошенко, кој според сопствени наводи, им дал на украинските сили наредба за прекин на огнот. Договорот е поздравен и од Кремљ. Експертите, сепак, оценуваат дека со оглед на компликуваната хиерархија на структурите кои треба да издадат наредба за прекин на огнот, спроведувањето на примирјето на двете страни нема да биде едноставно. Непосредно пред почетокот на примирјето, премиерот на Украина, Арсениј Јацењук, на седница на владата во Киев побара гаранции од ЕУ и САД за примирјето. „Нема да ни успее нам самите со Русија. Потребни ни се гаранции“, рече Јацењук.

Во регионот на конфликти, независно од преговорите во Минск, на кои учествуваа претставници на Украина, Русија и ОБСЕ, како и на проруските сепаратисти, денеска повторно има загинати и повредени.

Борбите околу стратешки важниот град Мариупол продолжуваат со несмалена жестина. Сепаратистите, според сопствени наводи, успеале да се пробијат поблиску до градот, додека украински воен портпарол изјави дека владините трупи успеале да ги потиснат бунтовниците.

Руската агенција Интерфакс известува дека на периферијата на градот се слушаат експлозии, но дека во центарот на Мариупол не можат да се видат вооружени борци. Раководството во Киев стравува дека доколку сепаратистите го освојат Мариупол, ќе биде создаден коридор меѓу Русија и анектираниот Крим.