1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Минстер - политичка инструментализација на една трагедија

Матијас фон Хајн
10 април 2018

Инцидентот во Минстер, каде еден човек со психички проблеми со возило влета во група луѓе и усмрти две лица, некои побрзаа да го искористат за собирање политички поени

https://p.dw.com/p/2vkpe
Münster Kleinbus rast in Menschenmenge
Фотографија: Getty Images/AFP/P. Stollarz

Стравот, се вели, е лош советник. Можеби затоа со помош на страв е толку лесно да се прави политика. Посебно со страв од терористички напади. Трагичниот инцидент во Минстер покажува дека е можна политичка инструментализација и на смртоносното влетување со возило во група луѓе од страна на психички болен човек, без оглед што притоа не станува збор за терористички напад.

Најпрво, за роднините на двете жртви кои Јенс Р. ги прегази со кампинг-комбето, не постои разлика дали тие ги загубија своите блиски во несреќа, напад или трагичен чин на еден човек опфатен од самоубиствени мисли. 

Повеќе: 

Јенс Р. мистериозниот напаѓач од Минстер

Возило влета во маса луѓе во Минстер

Болна потреба за внимание

Сепак, за политичко вреднување на делото, постои разлика дали смртоносниот чин е израз на некоја идеолошка програма или со него одредена терористичка група сакала да се катапултира во фокусот на јавноста. Во случај на напад, политиката се вклучува во кризен модус. Критичките погледи се свртуваат кон полицијата и безбедносните органи. Чукнува часот на оние кои бараат поголеми средства за безбедносните сили и построги закони. Често чукнува часот и на оние кои под генерално сомнение ставаат цели национални групи, на пример муслиманите и странците.

Кога некој свесно влетува во маса луѓе со возило, се будат асоцијации на нападите во Ница во јули 2016. година, во декември 2016. во Берлин и во април 2017. година во Лондон и не е чудо што многумина помислуваат на исламистичка заднина. Тоа се случи и во саботата во Минстер.

Весникот „Рајнише пост“ во интернет-изданието кратко по настанот на пример твиташе: „Атентат во Минстер - тројца мртви“. Само пет минути претходно новинската агенција ДПА емитуваше итна вест за смртоносното возење во Минстер, а со своја прва вест се јави дури половина час потоа, исклучително трезвено формулирана и без употреба на зборовите атентат или терор.

Deutschland Münster Attacke mit Campingbus | Polizei vor Wohnung des Täters
И полицијата апелираше да не се шпекулира преурането околу мотивитеФотографија: Getty Images/AFP/M. Gottschalk

Пребрзани ритуали

Во политиката во меѓувреме, за жал, се усвоени и уиграни рутински ритуали: за збор се јавија германскиот претседател, канцеларката, повеќе министри, изразија шокораност и тоа во момент кога за извршителот на делото ништо не се знаеше. Сообраќајна несреќа со идентичен трагичен исход веројатно не би предизвикала толкаво внимание.

Пратеничката од десно-популистичката Алтернатива за Германија, Беатрикс фон Шторх во екстремно преуранет момент премина во напаѓачки став, инсинуирајќи со еден твит дека тоа може да биде дело само на некој мигрант, а вината за него, поради својата бегалска политика, ја сноси канцеларката Ангела Меркел.

Кога во вечерните часови се испостави дека зад воланот на возилото во Минстер не стоел радикализиран мигрант од исламска вера, туку еден 48-годишен Германец со психички проблеми и без препознатливи врски со екстремистички групи, верски или политички, кај бројни политичари и медиуми се рашири олеснување.

Ердоган исто подбуцнува

Првиот канал на германскиот јавен ТВ сервис, АРД, првично најави специјална емисија за настанот, а потоа ја откажа. Политичката дискусија со ова не е завршена, посебно не политичката инструментализација на слични драми.

Во тоа се истакнува особено турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган: јасно алудирајќи на Минстер, Ердоган го нападна својот француски колега по функција, Емануел Макрон со зборовите: „Гледате ли што прават терористите во Германија, или не? Тоа ќе се случи и во Франција. Ќе тонете сѐ додека Западот ги храни овие терористи“, изјави турскиот претседател во саботата.

Поводот за вербалниот напад на Ердоган беше што Макрон претходно прими претставници на сириската курдска милиција ИПГ. А во саботата Курдите во Минстер демонстрираа против турската војна во северна Сирија. Од аспект на Анкара, вината за инцидентот беше лоцирана кај „вообичаено осомничените“: Курдите.

Deutschland Münster Attacke mit Campingbus | Trauer & Gedenken
Граѓаните на Минстер покажаа зрелост во односот кон трагедијатаФотографија: DW/C. Chelsome-Pill

Без комеморација за жртвите

Но, и во Германија натамошно се вршеше подбуцнување: дури и откако беше јасно дека инцидентот во Минстер нема терористичка заднина, политичарката од АфД, Беатрикс Шторх во своите твитови пишуваше за „имитирање на исламистички терор“. Гневната и делумно отровна размена на вербални удари меѓу АфД и нејзините противници влезе во нова рунда. А дали беше организирана комеморација за жртвите? Не.

Во меѓувреме, претседателот на Централниот совет на муслиманите во Германија со твит се презентираше во улога на жртва. Ајман Мациек критикуваше постоење „двоен стандард“ во дебатата околу теророт: ако се извршителите Германци, нив ги означуваат за психички болни. Муслиманските напаѓачи пак се класифицираат како терористи. Мациек пожнеа жестока критика и укажувања дека и терор од десниот спектар се означува како „терор“.

Минстер и неговите граѓани примерно се однесоа кон инцидентот. Тие го задржаа мирот, понудија утеха и помош. Но, останува впечатокот: емоциите поврзани со терор и страв се сили кои многумина сакаат да ги мобилизираат за свои цели.