1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Младите луѓе се виновни за ширење на коронавирусот?

Елизабет Шумахер
9 мај 2020

Коронавирусот особено се прошири меѓу младите луѓе на возраст од 20 до 40 години, објавено е неодамна, со повикување на студија од Харвард. Работата сепак е малку покомлицирана.

https://p.dw.com/p/3bxDz
Berlin Blüte der Zierkirschen
Фотографија: Reuters/M. Tantussi

Коронавирусот масивно ги оптовари здравствените системи ширум светот и предизвика зголемување на смртните случаи. Владите беа принудени на воведување забрани за движење и меѓусебни контакти на луѓето. Во фокусот на јавноста во светот се најдоа земји како Јужна Кореја, Нов Зеланд и Германија, со оглед што во нив пандемијата имаше помали последици. Тоа го разбуди интересот како на професионани научници, така и на хоби-епидемиолози.

Затоа не чуди вниманието кое го предизвика студија за тоа колку во Германија се почитува правилото за излегување и неконтактирање. Според таа студија, посебно младите луѓе не се придржуваа на забраната за контактирање и со тоа придонесоа за ширење на коронавирусот. До тој резултат стигна група научници од Универзитетот Харвард. Сознанијата се објавени во магазинот за наука, заразни болести и епидемиологија, Eurosurveillance. Студијата се појави по викенд во кој голем број млади луѓе уживаа во градските паркови, а некои учествуваат во протести против забраните за движење и контактирање.

Поголем ризик за младите луѓе

„Младите на возраст меѓу 20 и 24 години ја шират пандемијата на коронавирус во Германија“, беше насловот во Тагесшпигел, повикувајќи се на студијата од Харвард. Но, колку се сигурни тие тврдења ако подобро се погледнат податоците? Епидемиолозите од Харвард, Едвард Голдштајн и Марк Липсич во студијата ги користеле податоците од Институтот Роберт Кох. Тие користеле податоци за бројот заболени од Ковид-19 во последната недела од март и почетокот на април. Од тоа изведуваат заклучок дека релативниот ризик за инфицирање со коронавирус во Германија е многу повисок кај лица на возраст меѓу 15 и 34 години, а посебно за оние меѓу 20 и 24 години, отколку за сите останати возрасни групи. Слична ситуација научниците утврдиле и во Јужна Кореја, каде најмногу заразени има кај групата меѓу 20 и 29 години. 

Равенка со повеќе непознати

Но, студијата изричито вели дека научниците не можеле да утврдат причини за зголемениот ризик од зараза кај оваа старосна група. Нивната студија споменува дека можноста за ширење на коронавирусот е поврзана со „послабо придржување на одредбите за држење растојание кај лицата меѓу 15 и 34 години.“ Но,  научниците не се занимавале со фактот дека младите луѓе почесто извршуваат работи кај кои доаѓаат во контакт со многу луѓе, како на пример во хотели и ресторани, во продавници, автобуси и трамваи. Некои од тие сектори во текот на корона-кризата навистина мораа да бидат затворени, но харвардските научници се повикуваат на податоци кои се делумно настанати пред воведувањето на ограничувањето на движење. Тоа значи дека е можно дека мадите луѓе се заразиле во тоа време на своето работно место. Студијата исто така не го зема во превид тоа што младите луѓе поретко имаат свој автомобил и затоа во време на пандемија мора да користат јавен превоз. Освен тоа, не се зема во превид фактот дека во Германија епидемијата на коронавирус почна да се шири преку младите луѓе кои се враќаа од скијање во Австрија или кои славеа карневал.

Deutschland Corona-Pandemie | Hotspot Heinsberg | Ortseingangsschild
Хајнсберг - жариште на пандемијата на коронавирус во ГерманијаФотографија: picture-alliance/dpa/J. Güttler

Едно друго истражување уште повеќе ги комплицираше работите. Тоа беше објавено во ист ден како и студијата од Харвард, а се однесува на областа Хајнсберг, еден од епицентрите на Ковид-19 во Германија. Околу 9.000 жители на овој мал град беа тестирани на коронавирус. Добиените податоци велат дека 20 проценти на инфицираните биле асимптоматични, што значи биле заразени без да забележат. Тоа би можело да значи дека во Германија до 1.800.000 луѓе веќе дошле во контакт со Ковид-19. Тоа е десетпати поголем број заразени од официјалниот според Институтот Роберт Кох. Ако таа претпоставка биде потврдена, тогаш заклучоците изведени од податоците на Институтот Роберт Кох би изгледале уште пошпекулативни.

Мноштво сомнителни студии

Во поново време, научниците повикуваат на критичко посматрање на разните студии кои се шират преку интернет за коронавирусот. Некои од нив не се ни официјално објавени, што значи дека не се проверени од независни стручњаци. Дури и кај студиите кои поминале низ т.н. „peer-review", постои проблем од премал број или преоптоварени експерти. Освен тоа, студијата од Харвард е наведена како т.н.  „rapid communication", што во научните часописи е израз за забрзан процес на објавување на статијата за некоја моментно важна тема. Слично важи и за студијата од Хајнсберг: недостига проверка на независни експерти.

Без оглед на импресивните слики на луѓе на пикник во парковите или протестите, нема научни докази дека младите луѓе во Германија почесто ги кршат правилата за држење дистанца отколку постарите. Но, има доволно докази дека младите луѓе под 35 години носат посебен товар од пандемијата, економски и физички. Тие припаѓаат на генерации кои ионака се понеимашливи од нивните родители и баби и дедовци. Сега треба да стравуваат и од невработеност и рецесија.