1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Модернизацијата на Штутгарт ги подели граѓаните

28 август 2010

Во Штутгарт почна уривањето на старата железничка станица која беше заштитена како споменик на културата. Уривањето е дел од проектот за модернизација вреден 5 милијарди евра. Дел од граѓаните на Штутгарт протестираат.

https://p.dw.com/p/OyLT
Жестоки демонстрации на граѓаните против проектотФотографија: picture-alliance/dpa

„Штутгарт 21“ е најголемата инвестиција во историјата на покраината Баден Виртемберг и еден од најголемите проекти за модернизација во Германија во догледно време. Тоа е проект за подземна железница, тунел долг девет километри, нова делница во продолжение и нова населба со големина од 140 фудбалски игралишта. Сето ова треба да се изгради до 2016 година, за речиси пет милијарди евра.

Железничката станица во Штутгарт, со своите 16 перони и околу 300.000 патници дневно, е една од најголемите во Германија.

Возовите на станицата во швапската метропола, изградена во дваесетите години од минатиот век, можат да влезат и излезат само од едната страна. Сега треба да биде изградена подземна железница, која ќе биде поврзана со аеродромот и со мрежата на брзи меѓународни возови. Портпаролот Јирген Фридман зборуваше за големиот проект:

„Модерниот концепт на железничката станица во Штутгарт, претставува можност за флексибилно патување од и во сите правци. Тоа е предност, оти возовите нема да си пречат како на старата станица. Во иднина ќе имаме двоен капацитет, и времето за патувањето од Штутгарт до Улм ќе се преполови.“

Deutschland Bahn Baustart für unterirdischen Bahnhof in Stuttgart
Изгледот на новата железничка станица во ШтутгартФотографија: AP

Најголемо градилиште во Европа

Во наредните десет години во срцето на Штутгарт ќе биде најголемото градилиште во Европа. Градоначалникот Волфганг Шустер вели:

„На Европа и‘ се потребни брзи делници. Инаку која би била алтернативата во Средна Европа? Или мораме да изградиме нови автопати, што еколошки не е пожелно. Или да го засилиме авионскиот сообраќај, што е едвај изводливо, ако се земе предвид преоптовареноста на воздушниот простор над Париз или Франкфурт.“

Европската унија ќе го поддржи проектот со 250 милиони евра. Покраината Баден Виртемберг ќе издвои скоро една милијарда, а државата 1,5 милијарди. Над новоизградените перони, во центарот на Штутгарт ќе се издигне нова населба.

Локалните економски здруженија ја поздравуваат одлуката за „Штутгарт 21“. Андреас Рихтер, раководителот на Индустриската и трговска комора вели:

„Баден Виртемберг е регион ориентиран кон извоз. Во целиот свет моментално сме можеби најголемиот индустриски центар. Но, нашата економија е зависна од добри сообраќајни врски.“

NO FLASH Stuttgart 21
Фотографија: AP

Голем број граѓани против проектот

Но, проектот „Штутгарт 21“ има и многу противници. Ганголф Штокер е портпарол на граѓанското движење „Живеењето во Штутгарт“:

„Покраинската влада веќе најави дека планира двете милијарди делумно да ги издвои од средствата за регионализација, кои служат за набавки во регионалниот сообраќај. Тоа е на штета на регионалниот сообраќај.“

Покрај тоа треба да биде урната надворешната фасада на старата станица, а загрозени се и многу дрвја. Од железницата, пак, истакнуваат дека новата станица ќе биде со еколошки карактер. Портпаролот Јирген Фридман истакнува дека преку ден нема да има вештачко осветлување, ниту греење или климатизација, оти има постојана циркулација на воздух, и затоа проектот го смета за чекор напред во заштитата на животната средина.

Автор: Даниел Шешкевиц/Јасна Мушиќ Јанчулева

редактор: Борис Георгиевски