1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Моне за почетници

15 ноември 2017

Јасно е дека овој предлог на Вајгл не е само негова идеја, туку е дел од еден поширок концепт Македонија да се изнесе на раце и во последен момент да го фати возот кон Европа, во кој веќе се качени Црна Гора и Србија

https://p.dw.com/p/2nel1
Belgien Die mazedonische Fahne am EU-Parlament
Фотографија: DW/M. Maksimovic

Очигледно е дека еден значаен дел од македонската јавност не ја гледа или не сака да ја види големата слика со предлогот на известувачот на Европскиот парламент, Иво Вајгл, за средби во тишина на пратениците во куќата на Жан Моне близу Париз. Погледот на европската архитектура од Македонија секогаш бил искривен, што од незнаење, што од инстинктивна сомничавост дека уште еднаш некој ќе им работи зад грб на овдешните граѓани, а особено на македонскиот народ. Таа опседнатост да се бараат некакви скриени намери во секој предлог на Брисел (се разбира, освен кога оттаму треба да пристигнат бесплатни пари) и да се воспеваат сувереноста и независноста на овдешните институции и нивните претставници, го помина прагот на тривијалноста.

Јасно е дека овој предлог на Вајгл не е само негова идеја, ниту е од некни (за неа се разговараше и за време на летната посета на европарламентарната тројка на Скопје, но тогаш беше премолчена), туку е дел од еден поширок концепт Македонија да се изнесе на раце и во последен момент да го фати возот кон Европа, во кој веќе се качени Црна Гора и Србија, а потоа со можеби побрз развој на настаните отколку што очекуваме, прва да слезе на главната бриселска железничка станица. Во тој концепт е и прашањето за името, чие решавање до следната пролет ќе може да се помрдне, да се дадат некакви рамки за договор, за да може ЕУ да ги почне преговорите со Македонија.

Mazedonien - Wahlkampf: Führer der Oppositionspartei VMRO-DPMNE Nikola Gruevski
ВМРО ДПМНЕ е на два ума – дали да учествува во градењето на европската иднина на Македонија или да ја брани моќта (а можеби и слободата) на лидеротФотографија: Reuters/O. Teofilovski

За нови избори Пржино може, париско Пржино не може

Очекувано, владините коалициски партнери ја прифатија ваквата идеја на Вајгл, но  ВМРО-ДПМНЕ, барем официјално, уште се колеба.  Нивното соопштение дека „ВМРО-ДПМНЕ нема ништо против политички дијалог, но повторувањето на Пржино во или надвор од Македонија е непотребно и неприфатливо“ и дека „ВМРО-ДПМНЕ се уште нема прецизни информации околу темите на кои би се разговарало во Париз во јануари догодина, па во овој момент не би можеле априори да се произнесеме“, е повеќе одраз на конфузијата во партијата и распоредот на силите во неа пред расплетот по поразот на изборите, отколку рефлексија на европскиот предлог. Затоа што оваа прва реакција на идејата на Вајгл против повторување на Пржино не е во корелација со изјавата на Никола Груевски од долгиот говор во ноќта по вториот круг на локалните избори. Тогаш Груевски побара „организирање предвремени парламентарни избори согласно пржинскиот модел кои ќе бидат спроведени од техничка влада, на ист начин како што беа организирани парламентарните избори на 11 декември 2016 година“. За нови избори Пржино може, а за подобрување на работата на Собранието и меѓусебен дијалог на пратениците за важни прашања париско Пржино не може.

ВМРО-ДПМНЕ инстинктивно мисли дека во новите времиња може да го извлече помалото чкорче, дека сега европското замешателство не ѝ носи ништо добро на партијата, а особено не на нејзините главни предводници, па затоа е на два ума – дали да учествува во градењето на европската иднина на Македонија или да ја брани моќта (а можеби и слободата) на лидерот.

 

Иво Вајгл пред некој ден дообјаснуваше дека процесот „Жан Моне“ не е замена за Пржино,  ниту пак таму ќе се носат одлуки кои се во надлежност на македонското Собрание и дека тоа добро им го објаснил на сите за време на средбите во Скопје. „Би сакал ВМРО да присуствува и наскоро да донесе одлука“, изјави тој за агенцијата Мета. ВМРО-ДПМНЕ брзо би донела одлука и би присутвувала ако во партијата се убедени дека тие разговори ќе завршат како некоја француска палома хартија или како бесмислените анкетни комисии во Собранието за прислушувањето, или како оние визитинг екскурзии на пратениците во Лондон организирани од Вестминстер фондацијата. Сега е нејасно дали одбивањето да се оди во Париз ќе значи дека сегашниот лидер не го исполнува третиот услов што го наведен генералниот секретар на партијата, Христијан Мицкоски – да биде прифатен од меѓунардоната заедница.

ОМД, која себеси се претставува како најголема организација на дијсапората, отиде уште подалеку од вмровската реторика. Повторно играјќи на патриотско-националистичкиот фон, ОМД ја омаловажи оваа европска иницијатива, побара од Иво Вајгл да се произнел за „легитимитетот на иницијативата за нетранспартентни меѓупартиски разговори во Париз“, оцени дека „оркестрираната демократија води кон тотален хаос и неспокој“ и дека македонските граѓани сами требало да си го изградат патот кон европското семејство. Па уште отвори анкета – Да, за Париз и Не, за Париз – во која нејзините членови и поддржувачите во Македонија ќе се изјаснуваат за европскиот предлог за дијалог. Така ти е тоа, седиш во Вашингтон и пишуваш соопштенија како треба да изгледа политичкиот живот и иднината на сонародниците во Македонија, кои биле опколени само со душмани. 

EU-Kommissar Johannes Hahn
Хан доаѓа во посета на СкопјеФотографија: picture alliance/dpa/Sputnik/G. Sisoev

Хан во објаснувачка мисија

Идната недела во Скопје доаѓа еврокомесарот за проширување Јоханес Хан, се чини на сите неверни Томи да им каже дека Македонија е на чекор да го почне долгото европско патување и дека е потребен уште еден важен напор со реформите. Доаѓањето на Хан сега влегува во графата на стандардна проверка на земјите кои сакаат да станат членки на ЕУ. И во тоа нема ништо политички спектакуларно затоа што негова работа е да ги посетува земјите кои се на патот за ЕУ. Веројатно, Хан ќе објасни колку е важно за европската идеја македонски пратеници да заминат во Париз и во куќата на Жан Моне да се потсетат и во буквална смисла колку сме и ние Европејци. Европскиот параламент во 1982 година ја купи куќата на Моне, каде што тој по Втората светска војна ја конципираше заедничката европска идеја, за да покаже дека големите проекти за развојот на Европа може да се создадат и на село, а не само во големите сали на Версај, Виена или Јалта. И дека тоа мало место на 40-тина километри од Париз може да ја симболизира новата обединета Европа.

Тоа треба да го знаат нашите политичари – дека новата идеја за Македонија може да почне да се конципира во домот на големиот Европеец, а потоа да продолжи дома, а не да се исфрлаат пароли за повреда на суверенитетот или потценување на македонските пратеници. Тоа е напреден курс за почетници, но мора да се совлада доколку сакаш да седиш на европската маса. За таа маса се нарачени уште неколку столчиња и ние треба паметно во брз рок да осигураме едно за нас. А не повторно да ни бидат потребни години, па и децении, за да ја санираме штетата.

 

Љупчо Поповски
Љупчо Поповски Уредник, новинар и политички аналитичар