1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Моратинос верува дека Скопје и Атина се блиску до решение за името

4 февруари 2010

Шпанскиот министер за надворешни работи Мигел Анхел Моратинос најави скорешна посета на Скопје. Тој пред Комисијата за надворешни работи на ЕП оцени дека Скопје и Атина се блиску до конечно решение за спорот со името.

https://p.dw.com/p/LstS
Министерот за надворешни работи на Шпанија МоратиносФотографија: dpa

Шпанскиот министер за надворешни работи, Мигел Анхел Моратинос наскоро ќе го посети Скопје, најави лично утрово при неговото обраќање пред Комисијата за надворешни работи на Европскиот парламент, но не даде прeцизен датум.

Според него, Атина и Скопје се блиску до конечно решение за спорот со името. Одговарајќи на прашање на европратениците, Моратинос изјави дека шпанското претседателство на ЕУ ќе стори се’ што е во негова моќ на ова поле. Тој смета дека има добри изгледи да се реши спорот и дека ставот на новата грчка влада е многу поволен. „Двете страни работат под покровителство на ОН, и верувам дека во овој момент е подобро двете страни да разговараат меѓу себе со поддршка на ОН. Ако биде потребна европска интервенција, од страна на шпанското претседателство, ние сме подготвени за тоа“, изјави министерот Моратинос. „За таа цел, многу логично одлучив наскоро да отпатувам во Скопје за да го поткрепам овој став“, додаде тој.

Symbolbild EU Ratspräsidentschaft Spanien

Моратинос се осврна и на останатите земји од регионот, потенцирајќи дека Западниот Балкан е на врвот на приоритетите на ова ново претседателство и дека регионот нема да биде заборавен. Сараево во мај ќе биде домаќин на Самит на државите од Западниот Балкан на кој ќе се дискутира за европската иднина на регионот и ќе се утврдуваат правците за стабилноста на Западниот Балкан, рече Моратинос.

Шпанскиот министер изрази поддршка и за процесот на придружување кон ЕУ на Хрватска. Моратинос се надева дека Загреб ќе ги затвори преговорите ако не до крајот на јуни, тогаш до крајот на оваа година и најави дека многу скорo ќе го посети Загреб.

Автор: Тања Милевска

Редактор: Александра Трајковска