1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Мораториум на умот

13 октомври 2020

Или зошто дванаесет градежни фирми не можат да инвестираат во наредните три години над милијарда евра свои пари во скопските општини Центар и Карпош? Пишува Ерол Ризаов.

https://p.dw.com/p/3jpKA
Nord-Mazedonien Journalist Erol Rizaov
Фотографија: privat

Загрижени и исплашени од третиот бран на пандемијата, од секојдневните апокалиптични бројки на починати и новозаболени, од катастрофалните последици во економијата, револтирани од најавите за „братските“ блокади на Бугарија на преговорите со ЕУ, во амбиент на песимизам и неизвесност како да се преживее, кога безмалку сите пишуваме и зборуваме за една те иста тема во милион варијанти, една вест ми го привлече вниманието: група домашни градежници и инвеститори, десетина приватни компании, сакаат да вложат во две скопски општини над милијарда евра свои пари во изградба на современи станбени и деловни објекти!?

Во наездата на лажни вести и партиски пропаганди прво што помислив е дека се работи за нова ујдурма, тазе новинарска патка, какви што се изначитавме и изнаслушавме во годините на „изградба“ на потемкиновите села и скопски чуда кога државата беше главен инвеститор со наши пари на „белите слонови“, синоним на промашени инвестиции, во слава на власта во предизборните битки и во потрага по пославно античко минато.

Тогаш, заразени од антикоманија и спомненикоманија, се уште неизлечена, се фрлија близу милијарда евра буџетски пари во фалшив барок и рококо, во со векови задоцнета балканска ренесанса, небаре сме империјална царштина.

Arbeiter - Baustelle in Ohrid Mazedonien
Фотографија: DW/A. Dimitriveska

Веднаш се дадов во потрага можно ли е ова да е вистина, кои се овие луѓе и компании кои во вакви околности сакаат да инвестираат милијарда евра. И гледај чудо, вистина е. Дванаесет градежни фирми сакаат да инвестираат во период од три години, колку што ќе трае изградбата на објектите, над милијарда евра во скопските општини Центар и Карпош. Си велам, треба веднаш да ги пречекаме со раширени раце, додуша без црвен килим и не еуфорично како индискиот милијардер Субрата Рој, или мексиканецот Карлос Слим, туку со една деловна претприемчивост да им олесниме во рамките на закононите, што побрзо да ги остварат своите проекти. Ефектот од милијарда евра инвестиција, економистите велат, е над две милијарди евра и уште стотици нововработени. Но, изненадувањето беше шокантно уште во првите реченици во разговорот со двајца најголеми инвеститори кои се подготвени да вложат околу 500 милиони евра на локации во општината Центар.

Други колумни од авторот:

-Зошто Заев и Мицкоски не можат ништо да договорат

-Минатото како оружје против иднината

-Бугарите не се Македонци

Мошне претпазливо со бирани зборови и со готови макети на масите кои изгледаат како да се направени од светски архитекти со обележја на 21 век со уважување на нашите архитектонски посебности и традиции ми ги покажаа своите проекти за кои веќе имаат локации и извршени подготовки. Зошто, тогаш, анонимност и толкава воздржаност во јавниот настап. Е, тука веќе работите стојат многу покомлицирано. 

Arbeiter - Baustelle in Ohrid Mazedonien
Фотографија: DW/A. Dimitriveska

Проблемот воопшто не е нов и непознат во јавноста. Ново е што сега инвеститорите настапуваат заеднички бидејќи досега цели три години не е можно да се најде решение. Има мораториум за изградба во општините кој е противуставен, а општините и градоначалниците се над уставот и над законите. Секој обид на инвеститорите, одделно да се дојде до решение и да се гради во јавноста се дочекува на нож. Се создава амабиент на линч.

Ако имаше разбирање за мораториумот по познатата дехуманизација на просторот со изградба на спомениците и античките кич зданија и нагрдување на центарот на главниот град, забраната за изградба во централното градско подрачје се претвори во мораториум на умот која трае цели три години. Надлежните општински, градски, државни институции и невладини организации се уште дуваат исплашени во јогурт како да е жешко млеко. Последиците се катастрофални, во овие две скопски општини со најатрактивни локации речиси ништо позначајно не се гради. Стопиран е секој обид за донесување на урбанистички планови, во ера кога се легализираат илјадници дивоградби. Стотици луѓе остануваат без работа, а градежништвото кое треба да е носител на развојот, особено во кризни ситуации, пропаѓа. 

Апсурдот оди дотаму што во две соседни општини Центар и Гази баба кои ги дели само една улица, кај некогашното сајмиште кое сега е големо градилиште, се до Автокоманда од спротивната страна кај остатоците од руралната населба Крњево важи мораториумот. Во Гази Баба не важи, во Центар важи! Слична е ситуацијата и со локациите кај Ново маало за кои инвеститорите велат дека досега ги прифатиле сите забелешки и ги извршиле сите барани промени, но мораториумот излезе посилен од Уставот и од законите. Милионските суми во евра за комуналии и за изградба и ангажирање на повеќе компании и вработени чекаат три години во процедуралниот бирократски лавиринт да се најде решение за инвестиција од милијарда евра. Нема подобра потврда за сомнежите дека во Македонија без корупција не може ни една педа да се ископа.

Инвеститорите се подготвуваат сето ова заеднички да го презентираат пред владата прифаќајки ги сите законски одредби да се деблокира мораториумот. Тие не бараат ништо надвор од законите и прописите, да не се одолжува мораториумот, да се донесат деталните урбанистички планови за да можат да работат непречено. Според некои нивни пресметки доколку во целата држава се решат овие бирократски пречки инвестициите, само на градежните компании во наредните три - четири години, можат да достигнат до две милијарди евра со ефект од четири милијарди што заедно со државните инвестиции во инфраструктурата би била силна локомотива за излез од кризата.

Во урбанистичките планови доколку се применат светските стандарди можни се решенија кои ќе ги задоволат интересите и на граѓаните и на инвеститорите. За тоа има извонредни искуства во многу земји. Треба само да се применат.