1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Моја Европа: Борба на политичарите за минатото

27 април 2019

Популистите милуваат да нѐ пренесуваат во минатото. Старите проблеми го свртуваат вниманието од реалните проблеми на сегашноста, смета бугарскиот културен антрополог Ивајло Дичев.

https://p.dw.com/p/3HWkk
Ivaylo Ditchev
Фотографија: BGNES

Политиката почнува да личи на реконструкција на историјата. Не зборувам за комеморации, полагање венци и повторни погреби, работи кои моментно се во мода. Новите културни борци одат уште подалеку, се фрлаат во сериозни војни на линиите на фронтот од минатото. Во реконструираните битки, возрасни луѓе облекуваат костими и се борат едни против други со тапи мечеви или пластични копја. Некои сакаат да ги проверат историските тези, за некои тоа е ритуал во чест на погинатите предци, додека некои сакаат само да го убијат времето преку забава. И додека на комеморациите се одбележуваат поранешни настани кои оставиле траги во колективното паметење, при историските реконструкции станува збор за желба да се промени историјата преку обиди за исправање на неправди од минатото.

На пример, Бугарите негуваат ритуал на реконструкција на Априлското востание против османлиското владеење од 1867 година. Притоа е важно на тој обид за ослободување да му се даде херојска димензија и посебно историско значење, иако бунтот бил крваво задушен. Во забавниот парк „Сталинова линија“ во Белорусија, со воени игри се слави советскиот одбранбен проект кој во стварноста бил – фијаско.

Симболични борби за историски фигури

Првенствено популистите милуваат да нѐ пренесуваат во минатото. Да ги земеме на пример грчките неонацисти од Златна зора. Тие секоја година инсценираат националистичко кичерско шоу кај споменикот кој ја евоцира Битката кај Термопилите меѓу Грците и Персијанците. Нивната порака е јасна: тие ветуваат дека до смрт ќе се борат проти наводна „инвазија“ на мигранти, но и против секое мешање на европската „империја“ во работите на слободољубивата татковина.

Отворањето стари рани е посебно омилена метода на одвраќање на вниманието од реалните проблеми на сегашноста. Како во случај на вистинските војни, симболичките конфликти ја јакнат политичката легитимација на противниците и затоа тие не се против кооперација на тоа рамниште.

Bildergalerie Skopje
Статуата на Александар Велики во СкопјеФотографија: DW/A. Feilcke

„Македонското прашање“, кое некогаш ги предизвикало трагичните Балкански војни, во регионот е оживеано од симболички борби околу историски фигури како што се Александар Велики или Самуил (еден од последните цареви на првото бугарско царство) или околу името или јазикот на земјата. Но, чудно е што изгледа дека и борбата против османлиското владеење станува сѐ поинтензивна, иако таа завршила уште во почетокот на 20. век во целиот балкански регион. А и борбата против комунистичкото угнетување или сѐ друго што поминало, отпосле како да е сѐ посилна.

Играта под име „Историја“ пак да почне од нула

Сето тоа не важи само за југоисточната периферија на Европа. Британското гласање за Брегзит во голема мерка беше под влијание на сеќавањата на „Empire", каде сонцето никогаш не заоѓа. Доналд Трамп вети повторно да ја направи Америка голема, што би можело да имплицира превласт на белиот маж. Од друга страна, мноу луѓе од бившите колонии повторно ја доживуваат неправдата поради која страдале нивните предци, а тоа го засилуваат филмови и ритуали на сеќавања. Овој емотивен „сиров материјал“ го инструментализираа Ал Каида и Исламска држава.

Носталгијата по минатото е меланхолично чувство. Турскиот нобеловец Орхан Памук го употребува непреведливиот збор „узун“ (со конотации како тага, грижа, но и отуѓување од господ) кога зборува за одвеаниот сјај на Османското царство кој е засекогаш загубен. Но, популистите имаат сосема друг начин да го привикуваат минатото: тие енергично го реконструираат, за сите подоцнежни несреќни настани да можат на магичен начин да исчезнат и за играта со име „Историја“ да може повторно да почне од нула.

Пад на идејата за иднината

Верува ли некој вистински дека земји со средна големина како Обединетото кралство или Турција повторно би можеле да станат империи? Или – дека во нашиот глобализиран свет може да има сѐуште горди национални држави со хомогено население? 

Други колумни од авторот: 

Моја Европа: „Балканизацијата“ на ЕУ е опасна

Моја Европа: Бизнисите со европски пасоши ги зајакнуваат популистите

Моја Европа: Демократија против владеење на правото

Едно од објаснувањата за политиката на реконструкција на историјата е експлозијата на идентитети. Граѓанинот и конзументот сакаат право на сопствен идентитет од онаа страна на работата, автомобилот и паметниот телефон. Зошто би живеел со болката на загубените битки од минатото, со понижувањето кое го доживеале неговите предци или со губитокот на територии? Историчарите велат дека работите се одвивале онака како што се одвивале, но зошто да се слушаат тие „бирократи“?

Во основа, идејата за иднината доживеа пад. Живееме со сѐ поголем број слики на катастрофи, климатска апокалипса и тероризам, астероиди и вируси. Во меѓувреме станавме убедени дека на нашите деца нема да им биде подобро отколку нам. Во најдобар случај, се надеваме дека ќе го добијат она што и ние го имаме. Чудно ли е што политичарите ѝ вртат грб на сегашноста и порадо се ангажираат во битката за ослободување на подјарменото минато?

Ивајло Дичев е професор по културна антрополгија на Универзитетот Софија во Бугарија. Предавал, меѓу другото, во Германија, Франција и САД

 

Ивајло Дичев
Ивајло Дичев Ивајло Дичев е долгогодишен автор и дописник на бугарската редакција на ДВ.