1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Моја Европа: Парада за Вучиќ

Андреј Ивањи
11 мај 2019

Која беше целта на демонстрацијата на руско оружје на улиците на Ниш и тоа еден ден по Денот на победата? Имаше ли уште нешто освен ширење на култот на личноста на Александар Вучиќ? Авторски текст на Андреј Ивањи.

https://p.dw.com/p/3IKpg
Serbien | Nis | Militärparade
Фотографија: DW/J. Dukic-Pejic

Западот на Европа го слави Денот на ослободувањето на 8 мај. Истокот слави Ден на победата на 9 мај. Разликата во датумот е историски условена. Србија оваа година пак славеше на 10 мај во градот Ниш со воена парада по повод капитулацијата на нацистичка Германија под слоганот „Бранење на слободата". „Данас", еден од малкуте критички весници во Србија се обиде да најде историско објаснување за поместувањето, но на крајот само заклучи дека 10 мај е меѓународен ден на „културата на тело”. Но, исто така е на пример и меѓународен ден на Монти Пајтон статусот. Од властите имаше објаснување за поместувањето на парадата, но тоа е разбирливо и воопшто не е вицкасто, освен можеби за стандардите за хумор на Летечкиот циркус од Монти Пајтон. На 9 мај српскиот претседател Александар Вучиќ учествуваше на регионална конференција во Тирана и така централната манифестација за одбележување на денот на победата беше адаптирана на неговата агенда. Парадата по поместувањето требаше да го остави впечатокот дека е инспирирана од антифашистички европски вредности. Сепак се покажа како демонстрација на сила, вткаена во градењето на култот кон претседателот и врховен командант – присуството на Вучиќ беше побитно отколку почитта спрема историјата.

Бомбардирањата на НАТО

Поновата историја е како проклетство над земјата со кандидатски статус за ЕУ, Србија. Големата воена парада беше првично планирана за 24 март, 20 годишнината од бомбардирањето на Србија и Црна Гора од страна на НАТО кое траеше речиси 3 месеца. Дури и за една Србија на која Западот (сè уште) ѝ ја толерира шпагата меѓу љубовта кон Русија и Владимир Путин и прагматичното приближување кон ЕУ, тоа би би било премногу, предупредија од Вашингтон и Брисел. Би можело да се сфати како подбив, или барем провокација спрема НАТО, кој не сака да биде потсетуван на исклучително дискутабилните мотиви и резултати од бомбардирањето на Србија. Вучиќ ја подвитка кичмата и воената парада ја помести за Денот на победата. Ок, за ден по Денот на победата. Повод за парадата била и 20 годишнината од почетокот на бомбардирањето на НАТО, потсети весникот „Вечерње новости" кој е близок до владејачката структура. За секој случај, за да биде уште еднаш појаснето.

Во знакот на Русија

Воената парада во Ниш беше пример за обидите на српскиот државен врв да ја надмине политички-историската бездна во која ја втурнаа земјата. Од една страна претседателот Вучиќ уверува дека членството на Србија во ЕУ било надворешнополитички приоритет за Србија, а од друга страна „ѕвезди" на воената парада во Ниш беа руските МИГ29, рускиот воен хеликоптер МИ-35, рускиот тенк Т-72. Некои беа купени, други беа подарок од Руската федерација за Србија.

Andrej Ivanji, serbischer Journalist
Андреј ИвањиФотографија: Milovan Milenkovic

Покрај тоа српските медиуми со години шират антизападно расположение и пролетта во која се одбележува 20 годишнина од „НАТО агресијата" и од „воените злосторства на НАТО" во Србија се како измислени за тоа. Од гледна точка на Србија, НАТО ја бомбардирал Србија само за да им го одземе Косово на Србите – лулката и срцето на српството. Србија пак, така се вели во Белград, никогаш и под ниедни услови нема да ја признае независноста на Косово и ќе го блокира неговиот прием во меѓународните институции со поддршка од Русија.

Демонстрација на сила и култ кон личноста

Српската воена парада на 10 мај во која учествуваа околу 4 илјади војници и полицајци, 400 тенкови и возила и дефилираа 40 воени авиони, во основа беше демонстрација на моќ, која го глорифицира претседателот Александар Вучиќ и покажува до каде стасала Србија под негово водство. Со антифашистички вредности, на кои се темели ЕУ и на кои се потсетува вообичаено на Денот на победата над фашизмот, парадата немаше многу допирни точки. Не штима ниту внатрешната логика на српската војска која се темели на руски арсенал. Врз основа на српскиот устав вјската би требала да го брани територијалниот интегритет на Србија. Со оглед на тоа дека од гледна точка на Србија Косово е привремено окупирано од „албански терористи" армијата би требала да нападне во Косово. Но, бидејќи тоа не доаѓа во предвид, човек се прашува зошто ли Србија се наоружува и тоа со руско оружје. Дали се чека на подобри времиња?  

Иако во Србија нема недостиг на мегаломанија, оддалечувањето од реалноста сепак има свои граници. Целта на воената парада во Ниш беше да се глорифицира еден човек кој се постави над парламентот и владата: Александар Вучиќ. На народот му се презентираше слика за силна, воено воскресната, меѓународно угледна Србија некаде меѓу Истокот и Западот и слика на сопствената величина, заедно со надежта за подобар живот.     

Српскиот новинар Андреј Ивањи е роден во Белград. Тој пишува и за германски медиуми, меѓу другото за ТАЦ и за МДР.