1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Моја Европа: Црвени сијалички и семејни приказни

Станислав Штрасбургер
15 јули 2017

Кој сум? Од каде доаѓам? Дали е мојот идентитет монолитен или плурален? Овие прашања денес често се поставуваат, од различни причини. Станислав Штрасбургер е во потрага по одговор.

https://p.dw.com/p/2gamw
Stanislaw Strasburger
Фотографија: Mathias Bothor

„Имате германско име, а пишувате на полски, се занимавате со сите овие странски земји. Како се чувствувате, како Полјак или Германец? Рака на срце, на каков јазик сонувате?“- често ми поставуваат вакви прашања.

Но, не само мене. Амин Малуф, познатиот француски писател од либанско потекло, уште пред 20 години беше поттикнат да напише книга за тоа. Во неговата книга „Убиствени идентитети“, тој со право укажува дека во формулациите како „како што се чувствувате вистински?“ е скриена подмолна претпоставка: постои длабока вистина за нас самите, предодредена еднаш за секогаш уште со нашето раѓање. Личните, семејните и општественополитичките преференци и влијанија, кои го одредуваат текот на нашиот живот, според оваа претпоставка, се - второстепени.

Крваво наследство

Поимите за кои се верува дека се еднозначни и не мора да се преиспитуваат, често се премногу лажливи. Во нив спаѓа и поимот „идентитет“, на пример во национален, религиозен,  сексуален смисол. Од каде извира потребата на луѓето да им се припишуваат еднозначни идентитети? Искрено, дали човек и самиот не се фаќа себе си со помислата дека оваа еднозначност му ветува безбедност и внатрешен мир?

Од научно-историска перспектива, „идентитет“ е наследство од понова, нововременска Европа. Тешко наследство, испрскано од крвта на многу луѓе. Имено, тоа е наследство на реформацијата и на контрареформацијата, на колонијализмот и империјализмот, па дури и на просветителството. Наследство на следбениците на овие идеи, кои, во романтичарска или во позитивистичка насока, учествувале во формирањето на поимот национална припадност и национална држава.  И не само тоа: на пример, и сексуалниот „идентитет“, кој од секого побарува еднозначна хомосексуална, хетеросексуална или друга ориентација, е производ на тоа време.

Поедноставено кажано, ова нововремско наследство се темели на еден точно одреден светоглед. Светот е вечна битка меѓу старото и новото. Според дијалектичката срж на ова размислување, од таа борба е можен само еден победник, кој стои наспроти поразениот. Според оваа идеја, светот претставува вечна конфронтација.

Ваквата слика нужно оди заедно со грчевита потрага по една вистина. Се верува дека светот, исто и човековото однесување, може да се опишат со тоа „какво се“ или „какви не се“. Етиката, која се потпира на ваква вистина, познава само само поделби: „добрите“ на една и „лошите“ на друга страна, а светот се дели на „ние“ и „странците“.

Дуалистичката слика на светот често е идеална основа за насилство, кое на нашиот континент расте против сите кои ги перцепираме за „странци“. Имено, сѐ додека на наша страна се наоѓа „единствената и цела вистина“, „другите“ можат да бидат само „лоши“, значи, под одредени услови, тие смеат дури и да бидат убивани.

Дел од дебатата за „идентитетите“ е и соочувањето со тоа наследство. Дури и ако е тоа може да боли и да потрае, патот е неодминлив.

Symbolbild Stift Schwarz Weiss
„Ние“ и „тие“ - дуалистичките светогледи се основа за насилствоФотографија: Fotolia/Paco

Семејни вистини

Истовремено, постои и семејна перспектива. На неа изричито укажува и Малуф. Тој повикува да застанеме, да ја турнеме настрана целата политичка и медиумска бука и да почнеме лично истражување на идентитетот. Резултатот може да биде изненадувачки: секој на европскиот континент ќе најде роднина кој зборувал на друг јазик или кој доаѓа од друга област. Сигурно и верата и сексуалната ориентација кај предците биле различни. Останува само прашањето до кој степен сме храбри во откривањето семејни тајни.

Потарага по претци денес е во мода. Интернетот ни помага во пронаоѓањето заборавени роднини и повторно откривање на минатото. Се истражуваат аргиви, се скицираат семејни стебла, се објавуваат книги за потеклото.

Според Малуф, во проучувањето на идентитетот, важна улога играат личните склоности и влијанијата. Секој човек во текот на својот живот развива поврзаност со други луѓе. Покрај местото на потекло, јазикот и семејството, тие врски може да се создадени во локалниот фудбалски тим, партии или неформални групи, соседи, можно е да произлегуваат од омиленото јадење кај бабата, чиј вкус залудно го бараме по нејзината смрт. 

Одвишно е да с екаже дека таквите врски со текот на времето се менуваат и ги разменуваат местата во личниот список на приоритети. Сите заедно ја создаваат топографијата на идентитетот. Таа никогаш не може да се дополни до крај, ниту никогаш ќе биде иста за двајца различни луѓе.

Тоа искуство на променливост е во спротивност со крутиот поим на „идентитет“ и соодветното наследство. Дури, може да се каже дека поимот е репресивен кон нашата семејна историја. Тоа е уште една причина да го преиспитаме таквото наследство.

Црвена сијаличка

Денешна Полска е добар пример за големиот јаз меѓу идентитетскиот дискурс кој преовладува во јавноста и повеќегласните семејни приказни. Зборот „бегалец“  е до тој степен преоптоварен, да не кажеме дури и злоупотребен, што речиси никој на помислува на конкретна човечка судбина при неговото споменување. Наместо тоа, веднаш се пали сијаличката: опасност, борба!

Овој збор често веќе не ја одразува личната топографија на идентитетот. Но, и во Полска е во мода истражување на потеклото. Кога личните, семејните (бегалски) приказни би биле во фокусот на јавниот дискурс, тогаш жителите на Полска, во тоа сум длабоко уверен, громогласно би искажувале солидарност со бегалците.

Политичките центри на моќ и медиумите во сето тоа имаат решавачка улога. Кој од овие два дискурси ќе биде во прв план? Секое европско општество мора да се погрижи за тоа никој да не биде исклучен од породувачките болки. Утописка континентална заедница, така јас ја нареков. И тоа и надвор од нејзините граници. 

Станислав Штрасбургер е роден во Варшава. Тој е писател и културен менаџер, тежишта во неговата работа се темите колективна меморија, миграција и мултикултурност. Живее во Берлин, Варшава и Бејрут.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи