1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Моќниот воен апарат клучен за „династијата Асад“

14 февруари 2012

Сириската војска го продолжува „неселективното“ бомбардирање на градот Хомс. Бруталноста отсекогаш била одлика на режимот во Дамаск, кој моќта ја потпира на силната армија.

https://p.dw.com/p/1431X
Тенк на сириската армија во ХомсФотографија: Reuters

Војската е столб на режимот на Башар ал-Асад. Неговата машинерија на смртта му помага да опстане на власт. Мрежата која е сочинета од автократско раководство, насекаде присутните тајни служби, специјалните сили и разгранетата државна бирократија, ја држи Сирија под контрола.

Братот на претседателот Асад, Махер многумина го сметаат за садист. Постои и видео запис на кој се гледа како тој самиот пука врз невооружени демонстранти. Махер исто така важи за вистинскиот врховен командант на армијата. Тој, за да ја зачува власта, стои на чело на Републиканската и Претседателската гарда, Четвртата тенковска дивизија, а покрај сето тоа има и сопствена тајна служба. Припадниците на овие единици се верни на режимот, одлично обучени и многу подобро опремени од 300 илјади регуларни војници колку што има сириската армија.

Syrien Armee Deserteure
Дезертери од сириската армијаФотографија: dapd

Добро утврдени улоги во „династијата Асад“

Махер ал-Асад ги оформи специјалните единици. Го опишуваат како интелигентна, добро организирана и сурова личност. Таткото Хафез уште во 1970. година ја уреди иднината на „династијата Асад“: Башар - по малку срамежлив, но артикулиран политички лидер и Махер - груб извршител.

Дезертерите од сириската армија кои сега и‘ припаѓаат на т.н Слободна сириска армија, од друга страна, се исклучиво обични војници и подофицери. А според сопствените и непроверени подастоци, ги има околу 20 илјади, што не е ниту десет насто од бројот на војници во регуларната сириска армија.

Нивните организираност и опременост се значително полоши отколку на единиците лојални на режимот на Асад, на кои благодарение на руската воена помош, вредна милијарди долари, им стојат на располагање неограничено многу оружје и муниција.

Акцијата против востаниците е операција која ја спроведува братот на претседателот Асад Махер или неговиот зет Асеф Шавкат, кој е заменик началник на армијата. Тој со децении го контролираше Либан, додека беше окупиран од сириските трупи, а постои и сомневање дека тој стои зад атентатот врз поранешниот либански премиер Рафик Харири. Асад уште од порано се погрижи за тоа работите ниту случајно да не можат да излезат од контрола, вели Хилал Кашан од американскиот универзитет во Бејрут.

„70 проценти од офицерите кои заземаат клучни позиции во војската се од владејачкото малцинство на алавити. А за тоа режимот се погрижи со децении порано“.

Unruhe und Gewalt in Syrien
Моќните единици на сириската армијаФотографија: dapd

„Војската на Асад е посилна од онаа на Гадафи“

Алавитите се еден вид религиозна секта во шиитскиот ислам и тие сочинуваат само 10 насто од населението во Сирија. На чело со семејството Асад и неговите кругови на моќ во политиката, службите за безбедност и државната Баас партија, тие господарат со земјата. Доминантното малцинство знае што му се подготвува доколку опозицијата стекне предност. Затоа бруталноста и заплашувањето отсекогаш биле одлика на режимот. Синот Башар само ја продолжува бескрупулозната традиција на својот татко. Востанието на Муслиманското братство пред 30 години во Хама, Хафез ал-Асад го задуши со деноноќно бомбардирање на градот, во кое загинаа 30 илјади луѓе. Неговиот син денес во Хомс не постапува ништо поинаку.

Но кога се размислува за евентуална воена интервенција, на меѓународната заедница и‘ е јасно што ќе значи да се вплетка во судир со апаратот на моќ на Асад. Хилал Кашан вели: „Трошоците и последиците на една таква интервенција би биле несогледливи. Армијата на Асад е многу посилна од онаа на поранешниот либиски лидер Моамер ел-Гадафи. И сметам дека воена акција би била самоубиствена“.

Автор:Улрих Лајдхолт / Симе Недевски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска