1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Религија

МПЦ-ОА: Молете се во срцата!

15 април 2020

Во маката да бидеме трпеливи, а во молитвата постојани, Воскреснатиот спасител е лекарот на душите и телата, порачува МПЦ-ОА во Велигденското послание во услови на пандемија на Ковид-19.

https://p.dw.com/p/3avAy
Nord-Mazedonien Skopje |  Kliment von Ohrid Kirche
Фотографија: DW/D. Dedovic

Поради епидемиолошкиот ризик од поголеми собири на граѓани во време на пандемија, и по воведените мерки за ограничување на движењето, годинава за првапат ќе нема присуство на верници во храмовите за време на најголемиот христијански празник, Велигден. Македонската православна црква - Охридска Ариепископија (МПЦ-ОА) уште пред десетина дена соопшти дека нема да го прекине литургискиот богослужбен живот затоа што тоа е идентитет и суштина на нејзиното постоење, но ќе се прилагоди на новонастанатите услови, почитувајќи ги донесените мерки за заштита. Владините мерки за време на велигденските празници предвидуваат 85 часовен карантин - од петок во 16 часот до вторник во 5 часот наутро, што значи дека во тој период православните верници не ќе можат да присуствуваат во храмовите, а богослужбите ќе ги следат преку тв-преноси. Утеха за ваквата состојба стигна преку Велигденското послание објавено синоќа од поглаварот на МПЦ-ОА, г.г. Стефан и Светиот архиерејски синод (САС). Во него се вели дека поминуваме низ период кој од нас бара послушност, воздржување и придржување до мерките од надлежните институции.

„На нашите верници им советуваме да истраат и да не се вознемируваат затоа што не можат да присуствуваат бројно на светите богослужби во храмовите, и им препорачуваме да се молат во своите домови и срца, за Бог да нè избави од оваа опасна болест. Да се молиме и за медицинските лица, полицијата и војската, кои напорно се грижат за заболените и за редот во државата. Да се молиме за заболените да оздрават, како и за спасение на душите на оние кои не ја добија битката со болеста. Во маката да бидеме трпеливи, а во молитвата постојани. Нека овој период ни биде време за покајание и за засилена молитва. Сè е возможно за оние што веруваат, зашто Господ знае како да ги избавува побожните од искушенија. Воскреснатиот Спасител е лекарот на душите и телата“, се вели во посланието.

Mazedonien Ostern Kerzen Symbolbild
Фотографија: Getty Images/AFP/R. Atanasovski

Медиумско пренесување на богослужбите

Имајќи ги предвид вонредните услови во земјата, а во интерес на здравјето на граѓаните, Светиот архиерејски синод на МПЦ-ОА пред десет дена упати соопштение во кое го повика свештенството, монаштвото и верниците да ги почитуваат владините мерки што се на сила, сè со цел за да се намали ширењето на заразата.

Повеќе:

-Коронавирус- вакцинирање по Агатангел

-Религијата во доба на коронавирус

-Корона: Велигден во Ватикан - овојпат без верници

„САС ја истакнува потребата од продолжување на вонредната мерка за јавните собири, која прецизно го ограничува движењето и групирањето на луѓето, а која ќе важи како за овие денови, така и за периодот на претстојните Велигденски празници (...) Светите Литургии и сите богослужби да се одржуваат со неколкумина сослужители, со најмногу петмина верници, водејќи грижа да не се наруши веќе наложената мерка за јавен собир. На повозрасните, изнемоштените и имунослабите лица, како и на децата, им препорачува да останат во своите домови. Доколку имаат духовна потреба, да се најават кај своите парохиски свештеници за да бидат причестени во домашни услови. Во оваа вонредна состојба го сметаме за полезно медиумското пренесување на црковните богослужби од националните и локалните медиуми, како и на интернет ресурсите", беше наведено во соопштението.

Das Oberhaupt der mazedonischen orthodoxen Kirche G.G. Stefan
Фотографија: MIA

Во карантин или со строги рестрикции за движење, Велигден ќе го дочекаат и верниците во соседните земји - Србија, Бугарија, Грција... Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис пред два дена ги предупреди граѓаните дека тече „најкритичната седмица“, во која граѓаните мора да останат дома. Притоа нарави паралела меѓу страдањата во пресрет на Велигден, и жртвувањата со цел да се надмине „голготата на пандемијата".

„Овој Велигден ќе го паметиме како Велигден на љубовта, но и на одговорноста. Ќе го поминеме разделени од нашите блиски. Знам дека е многу тешко. Не е во опасност нашата верба туку здравјето на верниците. Така ќе ја оправдаме вистинската порака на големиот празник, која што е победа на животот над смртта", порача Мицотакис.

Светиот оган

И покрај рестриктивните мерки, за Велигден ќе пристигне Светиот благодатен оган од Ерусалим. Како што објави весникот „Jerusalem Post" повикувајќи се на извори од Министерството за надворешни работи на Израел, државата изразила подготвеност да ги прими специјалните летови од православните држави со цел да го однесат огнот во Русија, Украина, Грција.., преземајќи го од аеродромот во Тел Авив. 

Светиот благодатен оган од Ерусалим, во 2018 година за првпат стигна во Македонија преку Бугарската православна црка, исто како и лани. Претходно цела деценија стигнуваше од Солун, благодарение на лични пријателства на духовници од Бигорски манастир со претставници од Грчката црква.