1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Мубарак се потсмева со сопствениот народ

11 февруари 2011

Египетскиот претседател Хосни Мубарак и натаму се противи да си замине од функцијата. На тој начин и самиот се’ повеќе се претвора во фактор на ризик во Египет и во регионот.

https://p.dw.com/p/10FcY

Сите прогнози и сите надежи беа погрешни. Повторно. Хосни Мубарак останува тврдокорен. Тој му се потсмева на својот народ и не поднесува оставка, иако овојпат очигледно гласините беа проширени од египетската армија и владејачкиот апарат, од само ним познати причини.

Гневот на демонстрантите е голем и разбирлив

Deutsche Welle Rainer Sollich
Авторот на коментарот Рајнер ЗолихФотографија: DW

И самата американска тајна служба ЦИА, го сметаше за многу веројатно претстојното повлекување на Мубарак. Народните маси кои демонстрираат на улиците на Каиро и останатите египетски градови меѓутоа залудно се надеваа на тоа. Нивниот гнев е голем и разбирлив. Овој претседател игра валкана игра на сметка на сопствениот народ.

Мубарак останува на функцијата, но му ги предава сите претседателски овластувања на заменикот Омар Сулејман. Тој пак ветува реформи. Сулејман се велича себеси како патриот и гарант на стабилноста на Египет. Сето тоа е чист потсмев и повеќе од цинично.

Мубарак- безбедносен ризик

На египетскиот народ му е преку глава од социјалната неправда и политичкото угнетување. Луѓето бараат слобода и демократија и притоа заслужуваат секаква поддршка, меѓу другото и од Европа.

Тврдокорноста на Мубарак би можела меѓутоа да поттикне на насилство дел од протестното движење, со последици кои не би можеле да се конторлираат. Притоа не може да се исклучи ниту отворен воен пуч. Хосни Мубарак кој долго беше гледан како гарант за стабилноста, се’ повеќе самиот станува безбедносен ризик, како за Египет така и за целиот регион.

Автор: Рајнер Золих

Превод: Симе Недевски

Редактор: Трајче Тосев