1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

На острицата на ножот во Ормускиот Теснец

Барбара Везел
24 јули 2019

Британската влада сама ја предизвика танкерската криза со Иран. Сега и’ е потребна европска помош, а смената на владата во Лондон ја прави ситуацијата уште понепредвидлива.

https://p.dw.com/p/3MdBW
Iran, Anspannung am Persischen Golf
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/M. Akhoondi

Една кинеска поговорка вели: Кој на тигарот му врзува ѕвонец на опашот, потоа мора и да го одврзе. Во ваква незавидна позиција во моментов е британската влада. Таа пред две недели пред Гибралтар запре ирански танкер, веројатно прекршител на санкции со нафта за некое сириско пристаниште. Информацијата веројатно дошла од кругови на американските тајни служби, а Британците дејствувале по обврска. 

Како и што се очекуваше - Иран возврати и во петокот во Ормускиот Теснец го зароби танкерот Стена Имперо, кој пловеше под британско знаме. Лондон тоа го оцени како пиратство, но многу добро знае дека опасната конфронтација ја испровоцира самиот и сега му е неопходна помош во односот со тигарот.

Стапица на САД

Barbara Wesel Kommentarbild App *PROVISORISCH*
Барбара Везел

Ова е одмазда поради двојната стратегија на Британците кон Иран. Од една страна, тие и’ даваат поддршка на европската линија - одржување на атомскиот договор со Техеран и оценка дека неговото откажување од страна на американскиот претседател Трамп беше неоправдано. Големите европски метрополи се обидуваат со месеци да најдат начин за заобиколување на острите американски санкции и за одржување на договорот во живот.

Меѓутоа, Лондон истовремено сака да му се допадне и на Вашингтон и да сe претстави како верен сојузник. Тоа води до тоа владата во Вестминстер - постојано зафатена со себеси и со Брегзит - да тапка во стапицата на советникот за безбедност Џон Болтон, најголемиот сокол на американска страна. Велика Британија дозволи да биде вовлечена во воено вжештената конфронтација во регионот, а истото сега им се заканува и на европските сојузници.

Париз и Берлин, копотписници на Атомскиот договор со Иран, не ја посакуваа оваа ситуација. Па сепак, сега ќе мора да најдат конструктивен одговор. Најдоброто решение би било двете страни да се доведат на преговарачка маса и кризата да се реши со размена на танкерите.

Но, се чини дека политичките гулаби во Техеран повторно загубија во интерната борба за моќ со хардлајнерите. Режимот е тргнат кон целосна конфронтација. За Европејците притоа отрезнувачки делува сознанието дека нивната долгогодишна дипломатија во односите со Иран во меѓувреме веќе не вреди ништо.

Колку и да е тоа неблагодарно, европските престолнини сега ќе мора да донесат одлука дали сакаат да им помогнат на Британците за заштита на танкерите во Ормускиот Теснец. Притоа, помалку станува збор за знамето под кое пловат бродовите. Тоа што е поважно е што тие транспортираат нафта, која е животно важна за сите европски држави.

Иако можеби со стискање на забите, Берлин и Париз ќе треба да размислат дали ќе формираат конвои со западни бродови кои ќе бидат под воена заштита. Тоа во случај да пропаднат дипломатските напори. А, Бундесверот ќе мора повторно да објасни дали воопшто има техника за дејствување во вода и воздух. Притоа, Берлин ќе може да се теши со мизерната состојба во која се наоѓа британската морнарица. По долгогодишно кратење, половината од нејзините фрегати е во пристаништата и чека на модернизација.

Се поставува прашањето - зошто владата во Лондон мораше толку да го испровоцира иранскиот тигар, што сега мора да се дејствува со „политика на воени бродови“, без притоа да се имаат бродови и оружје за таа цел? Освен тоа, европската соработка во надворешната и безбедносната политика не би требало да дејствува по принцип - еден партнер прави глупост без да ги консултира другите, а потоа мора сите заедно да ја сркаат манџата.

Ризикот се вика Борис Џонсон

Промената на владата во Лондон сега е дополнителен отежнувачки фактор. Борис Џонсон е со променливи ставови, не е дипломат и не е експерт во блискоисточната политика. Токму тој сега мора да патува во Берлин и Париз и да бара поддршка за решавање на танкерската криза. Тоа од една страна. А од друга страна, тој потоа ќе си ја стави Брегзит-капата, ќе постави бесрамни барања и ќе ги навредува своите партнери. Ваква шизофрена ситуација може само да доведе до голем судир. 

Се’ што досега е познато за Борис Џонсон укажува на тоа дека тој не е дораснат на ваква една криза. Освен тоа, важи за човек со променливи ставови и преку ноќ би можел да донесе одлука да си ја побара среќата повеќе на страната на Доналд Трамп. И, може да биде уценуван, затоа што итно му е неопходен трговски договор со Вашингтон.

Работите не можеа да бидат полоши. Европејците ќе мора да причекаат и да видат какви намери има премиерот пред да се впуштат со него во некакви договори и дејства. Тој ќе ги лаже без да му трепне окото, толку е барем јасно. Решавањето на танкерската криза во Ормускот Теснец ќе биде како одење по работ на политичкиот жилет, а иднината на нуклеарниот договор со Иран е на острицата на ножот.