1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

На повидок компромис околу финансискиот план на Буш

28 септември 2008

Позитивни сигнали од Конгресот за планот на американскиот претседател Џорџ Буш за санација на финансиската криза вреден 700 милијарди долари. Во радио говор до нацијата, Буш го бранеше планот на неговата влада.

https://p.dw.com/p/FQLp
Џорџ БушФотографија: AP

Во разговорите во Конгресот околу планот за санација на финансиската криза, вреден 700 милијарди долари постигнат е значителен напредок. Претседателот на Конгресот, Ненси Пелози, од Демократите, утринава изјави дека е потребно да се утврдат уште неколку детали, пред конечно да се постигне договор.

Министерот за финансии, Хенри Полсон, е задоволен.„Работиме долго време, треба да детализираме уште доста работи но мислам дека сме пред крај. Нашите тимови ќе работат долго во ноќта. Засега е добро„ изјави Полсон

Буш се правдаше пред нацијата

Претседателот Џорџ Буш во говорот пред нацијата, нагласи ги разбира фрустрациите на мнозинството американци, чии пари од данокот, во економски тешки времиња, ќе бидат префрлени на сметките на фирми од Вол Стрит. Можеби тоа звучи нефер но е неодминливо, изјави Буш и додаде:

„ Знам дека многумина од вас кои ме слушате сте фрустрирани заради ситуацијата. Секојдневно се жртвувате и се справувате со плаќањето на вашите хипотеки и сметки. Кога владата ќе побара да платите за грешките на Вол Стрит, тоа не изгледа фер. Јас тоа го разбирам. Но доколку беше можно да се остави секоја неодговорна фирма на Вол Стрит да пропадне без тоа да предизвика последици кон вас и вашето семејство, тоа ќе го направев. Но тоа е невозможно. Пропаста на финансискиот ситем ќе предизвика финансиски тешкотии за многумина од вас„ нагласи Буш

Ако не се реагира можна е рецесија

Пропаста на финансискиот систем според него ќе предизвика банките да не можат да си позајмуваат пари меѓу себе, исто така и на потрошувачите и бизнисмените. Тоа ќе резултира со големи тешкотии при земањето кредит или позајмица за проширување на бизнисот. Резултатот ќе биде понизок економски пораст и зголемување на невработеноста, што економијата ќе ја води кон рецесија. Буш изрази увереност дека членовите на Конгресот наскоро ќе постигнат единство околу предложениот план:

„ Членовите на Конгресот од двете страни придонесоа со конструктивни предлози кои го подобрија овој план. Ги почитувам напорите на лидерите на Демократите и Републиканците во Конгресот и Сенатот да дадат дух на соработка во оваа дискусија. Нашата економска ситуација е работа за кое треба да постои партиско единство. Републиканците и Демократите мора да продолжат со соработката. Убеден сум дека наскоро ќе го донесеме законот кој ќе ја заштити економската безбедност на секој американец„ изјави Буш