1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Наградата на ДВ за Слобода на говорот за Садех Зибакалам

Р. Клајн / Ш. Ахади / Џ. Барзегар
3 мај 2018

Заради неговите искази во интервју за ДВ на иранскиот политиколог Садех Зибакалам му се заканува затворска казна - и тоа не за првпат. Тој сега е одликуван за храбрата критика на иранската влада.

https://p.dw.com/p/2x6jt
Iran Sadeq Zibakalam, Politikwissenschafter
Фотографија: Imago/Xinhua

„Мислам дека мојот злостор е во тоа што во интервју за ДВ искажав политички став кој е спротивен на владиниот“, вели Садех. „Ако владата вели дека немирите ги предизвикале непријателите на Иран, владата очекува дека секој ќе го дели истиот став и ќе го повторува.”

Се заканува и социјална изолација

Садех Зибакалам не одеше според нивните очекувања. Во јануари годинава познатиот ирански политиколог во интервју за ДВ на фарси-јазикот го кажа својот став по повод тогашните немири во Иран. Тогаш десетици илјади луѓе излегоа на улиците на протести против економската политика и севкупниот политички естаблишмент. Зибакалам покажа разбирање за демонстрантите и им противречеше на обвинувањата на владата.

„Реков дека протестите на иранската влада се организирани и спроведени од страна на населението и дека немало влијание од никого надвор од Иран и дека странски фактор нема вмешано прсти”, вели Зибакалам во ново интервју за ДВ.

Заради тоа сега на 69-годишниот Зибакалам му се закануваат 18 месеци затвор. Во март падна пресудата од Револуционерниот суд на Иран. Доколку стане правосилна, не само што ќе одлежи затворска казна, туку ќе подлежи и на „социјална изолација”. Тоа значи: Зибакалам не смее веќе да дава интервјуа, ниту да објавува написи, ниту пак да биде активен на социјалните мрежи во наредни две години. Зибакалам поднесе жалба против пресудата, одлуката се чека.

Sadegh Zibakalam iranischer Reformer
Зибакалам се надева дека жалбата ќе му биде прифатена и дека нема да мора да оди во затворФотографија: Nasim

Дотогаш да молчи, да се повлече? За Зибакалам тоа не постои како опција. Казната што му се заканува не го спречува дневно критички за состојбите да се произнесува на Твитер и Фејсбук. „Ако правосудството ми вели: професоре Зибакалам, не смеете веќе да давате интервјуа, тогаш ќе послушам. Но, тоа уште не го направија. Затоа ќе чекам додека апелација не ја објави нивната одлука”, вели тој во интервју за ДВ.

Повторен престапник

За иранското правосудство Зибакалам важи за повторен престапник. Професорот на универзитетот на Техеран се вбројува меѓу најпознатите интелектуалци и политички експерти во Иран. Зибакалам е близок до реформаторскиот блок и претседателот Хасан Рохани. Познат е по неговите интензивни дебати со хардлајнерите, при што секогаш јавно ги критикувал позициите на владата за внатрешни и надворешнополитички теми. Во февруари 2014. година изјави дека Израел би го признал за држава затоа што и ОН тоа го сториле.

Зибакалам студира политички науки на универзитетот Бредфорд. Докторатот го работи на темата „Исламската Револуција и политиката на Западот”. За време на студентските денови во 1974., при посета на татковината е уапсен од тајната полиција на иранскиот Шах, заради „саботажа на државата“ и „пропаганда“. По исламската револуција во 1980-те се враќа во Иран и неколку години подоцна ја почнува својата академска кариера на универзитетот во Техеран. Во 2000. се кандидира на парламентарните избори во градот Зањан, на северозападот на Иран. Неговата кандидатура Иранскиот совет ја оквалификува како невежечка уште пред изборната кампања.

Нема да молчам

Сегашниот процес против него не му е прв. Уште во јуни 2014. беше осуден на 18 месеци затворска казна заради неговата критика на националната атомска програма. Тогаш не мораше да оди во затвор, бидејќи во ревизијата затворската казна беше преиначена во парична.

Зибакалам е свесен какви последици неговото критикување на владата може да има. Но, сѐ додека владата не му забрани да искажува ставови, тој и во иднина ќе го прави тоа: „Ако се одлучев веќе да не искажувам ставови, тоа ќе се случеше пред три години, кога за тоа бев и осуден, кога ја критикував атомската програма.”

За неговата храброст постојано да ја критикува владата Зибакалам е добитник на наградата за Слобода на говорот на ДВ.

„Наградата треба да го охрабри граѓанското општество во Иран и истовремено да ја критикува владата за нејзината одлука - да го одведе пред суд Зибакалам заради искажување на сопствен став“, се вели во изјавата на генералниот директор на ДВ, Петер Лимбург.

„Се чувствувам почестен”, вели Зибакалам. „Но, мислам дека има многу ирански мажи и жени кои многу повеќе пропатиле за да го добијат своето право на слобода на говорот. Има стотици Иранци кои исто така ја заслужија оваа награда.“