1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Не се чуваат кревети за помлади пациенти, велат надлежните

ДТЗ /ДВ
23 ноември 2020

Социјалните мрежи вријат од обвинувања за аномалии на здравствениот систем. По жалбите дека нема болнички кревет за лица постари од 70 години, инспектори извршија вонреден надзор во ковид-центарот „8 Септември“.

https://p.dw.com/p/3liwu
Ärzte im Kampf gegen Corona
Фотографија: picture-alliance/Hollandse Hoogte

Случајот на Даниела Манаковска која во објава на Фејсбук тврди дека ја изгубила својата 76- годишна мајка заразена со корона, откако не била примена на болничко лекување во ковид - центарот во болницата „8-ми септември“, предизвика лавина реакции во јавноста. Министерот за здравство Венко Филипче веднаш реагираше со тврдење дека секој пациент без разлика колку години е, има подеднакво право на болничка нега и третман. Но, тој сепак испрати инспектори да извршат вонреден надзор во болницата за утврдување на возраста на пациентите хоспитализирани во ГОБ „8 Септември“. Од Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ утврдиле дека во „8 Септември" од 107 лежечки пациети, 38 се на возраст од 68 до 88 години.

„Пациент не може да биде вратен, единствено може да биде препратен во друг ковид центар доколку во ГОБ „8 Септември“ нема слободен кревет, а додека пациентот чека да биде пренесен во друга болница, му се прават потребните анализи и со амбулантно возило се носи во ковид-центарот каде има слободен кревет за да биде хоспитализиран. Хоспитализацијата на пациентите во ниту еден случај не зависи од нивната возраст. Секој пациент, без разлика колку години е, има подеднакво право на болничка нега и третман“, порача Филипче преку Фејсбук. 

-повеќе на темата: Коронавирусот и етиката: Кого да спасуваат лекарите?

Директорот на „8 Септември“, Христијан Костов, во изјава за медиумите вели дека пациент не може да биде вратен, туку единствено може да биде препратен во друг ковид-центар доколку таму немало слободно место, но тврди дека додека пациентот чека да биде пренесен во друга болница, му се прават потребните анализи и со амбулантно возило се носи во ковид-центар каде што има слободен кревет за да биде хоспитализиран.

Corona in Nord Mazedonien
Фотографија: Petr Stojanovski /DW

На социјалните мрежи повеќе граѓани сведочат дека поминале низ вистинска голгота за да стигнат до болнички кревет. Некои од нив успеале да ги спасат навреме своите најмили и да им ја обезбедат неопходната медицинска грижа. Некои, пак, не успеваат во таа битка. Тврдењата на граѓаните се дека во некои болници им било речено оти креветите се чуваат за помлади пациенти.

Онлајн искуства

Граѓаните притиснати од стравот од новиот вирус, кој се повеќе го стега обрачот, своите искуства најчесто ги споделуваат на Фејсбук, во приватни групи каде бараат совети, споделуваат проблеми со кои се соочуваат, укажуваат на аномалиите во здравствениот систем. Некои од нив сведочат дека со часови чекале во амбулантни возила за да бидат сместени во некој од ковид центрите, бидејќи нема слободни места.

Од Министерството за здравство информираат дека вкупно 470 пациенти со Ковид- 19 се лекуваат на инфективните оддели во болниците во главниот град. Голем дел од нив се на кислородна поддршка. Се очекува во тек на денот по направените исписи на оздравените пациенти да се ослободат и дополнителни места и на Клиниката за инфективни болести и во ГОБ 8 Септември. До крајот на неделава ќе бидат отворени дополнителни болнички кревети за ковид пациенти, откако викендов министерот за здравство Филипче постигна договор со сопствениците на приватните клиники да помагаат со опрема и кадар. Лекувањето, пак, ќе биде на товар на државата.

Борбата против Ковид-19 во германските болници

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема