1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нападите во Брисел биле долго планирани

Дијана Ходали/превод:БГ22 март 2016

Лоши безбедносни служби и голема џихадистичка сцена: оваа комбинација го прави Брисел цел на терористите, вели експертот Гидо Штајнберг. Нападот е опомена и за Германија

https://p.dw.com/p/1IHl3
Фотографија: Reuters/RTL Belgium

ДВ: Г-ине Штајнберг сметате ли дека постои поврзаност меѓу апсењето на Салах Абдеслам и терористичките напади во Брисел?

Можно е апсењето да ги забрзало нападите. Но за подготовка на вакви напади потребно е подолго време. Мора да се направат бомби, да се одредат и набљудуваат целите и да се подготват атентаторите. Оттука сметам дека овие напади биле планирани долго пред апсењето.

ДВ: Можеле ли да се предвидат напади во Брисел, особено по апсењето?

Бриселските власти ја препознаа опасноста. Несомнено е дека Салах Абдеслам планирал нови напади. А како што изгледа, најмалку уште еден добро обучен изработувач на бомби е во бегство. Тоа го знаеја и белгиските власти и затоа се претпоставуваше дека нешто ќе се случи. Но проблемот е во тоа што во еден град како Брисел има толку можни цели, што мерките за безбедност не секогаш се доволни.

25.04.2013 DW Quadriga Studiogast Guido Steinberg
Гидо ШтајнбергФотографија: DW

ДВ: По нападите во Париз и овие во Брисел, можеме ли да заклучиме дека терористичката мрежа е далеку поголема од она што се претпоставуваше?

Мрежата е поголема од она што се претпоставуваше во ноември, по нападите во Париз. Познато беше дека париската келија била поддржувана од луѓе, кои и логистички им помагале на атентаторите. Како што изгледа, имаме работа со далеку повеќе луѓе. Она што е посебно загрижувачко е што не знаеме колкав е кругот на луѓе кои се подготвени да извршуваат вакви напади. И дополнителен проблем е тоа што меѓу нив има најмалку едно лице кои има добри познавања за производство на експлозиви. Тоа е веројатно некој кој бил обучен во Сирија.

ДВ: Претпоставувате дека во блиска иднина ќе дојде до нови напади?

Цврсто сум убеден дека таква опасност постои. Мојот прв впечаток утрово беше дека овие напади не се толку драматични како париските, но вестите во меѓувреме ме демантираа. Ова е многу добро планиран и организиран напад. Се додека слободно шетаат луѓе кои се обучени за изработка на бомби и вооружена борба, опасноста е многу голема, не само во Брисел, туку насекаде.

Frankreich Flughafen Charles de Gaulle in Paris verstärkte Sicherheitsmaßnahmen
Фотографија: picture-alliance/epa/E. Laurent

ДВ: Дали се белгиските безбедносни служби подготвени да се справат со терористичка мрежа со толкава големина?

Не, очигледно не се. Но сепак е проблематично да се критикува Белгија, затоа што бројот на белгиските џихадисти кои заминале во Сирија, кои таму се обучувале и потоа се вратиле назад е многу голем- во апсолутни бројки и особено во однос на населението во земјата. Тоа не е проблем кој постои само во Белгија, туку и во други помали европски земји со послаби безбедносни служби. Во следните години ќе биде неопходно некои земји далеку подобро да ги подготват своите безбедносни служби. Тоа важи за Белгија, Данска и Австрија. Но доколку погледнете колку големи проблеми имаат Французите и покрај нивните истренирани и високо професионални безбедносни сили, тогаш и недостатоците на белгиските служби можат да се гледаат во друга светлина.

Гидо Штајнберг е експерт за Блискиот исток и за тероризам на Фондацијата Наука и политика во Берлин. Од 2002 до 2005 година бил советник за меѓународен тероризам на германскиот канцелар.