1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Националистичкиот антинационализам

20 август 2020

Евидентниот судир помеѓу европските и американските спротивставени струи на националистичкиот антинационализам допрва ќе добиваат на сила во регионот. Пишува Арсим Зеколи.

https://p.dw.com/p/3hEId
Mazedonien Arsim Zekolli
Фотографија: DW/K. Blazevska

Новите времиња, модерните комуникации, современите трендови создаваат нови форми  на здружување и делување согласно новите линии на поделби со наследени ментални матрици. Подемот на војната на културите, политичката коректност и најновата епидемија на cancel culture создаваат навидум поволен амбиент за сузбивање на излитените форми на здружување како што е национализмот. Притоа креирајќи простор за подем на поактуелни, современи форми на национализмот, во нови пакувања согласно политичкиот интерес, социолошките трендови и економските интереси. Во овој час, доминантните форми на експресија на новите форми на национализмот кои се прекршуваат врз нас се диктирани од две школи на размислување и дејствување сублимирани во европскиот, советско-американскиот модел. Секако, тука е и кинескиот модел, базиран врз конфучијанизмот, но тој е се’ уште неактуелен и неприсутен кај нас.

Европскиот модел на национализмот е совршено образложен и дисектиран во трудот на Јосип Кешиќ и Јан Вилем Дујвендак „Анти-националистичкиот национализам; Парадоксот на Холандскиот национален идентитет” (‘Anti-nationalist nationalism: the paradox of Dutch national identity', Josip Kešić and Jan Willem Duyvendak; 2016, University of Amsterdam). Трудот цели да „ги предизвика доминантните претпоставки на националистичките студии, докажувајќи дека постмодерниот антинационализам не само што не го ислучува, туку е составен дел на есенцијалниот национализам”. Трудот е досега најпрецизниот осврт кон новите форми на национализмот базиран врз духот на антинационализмот како застарена и компромитирана мисла и мотив на делување базиран врз холандските искуства со ксенофобијата, шовинизмот, џингоизмот. Студијата е интересна и визионерска бидејќи низ освртот кон холандското искуство како Нулта Пациент може да се следи нејзиниот развој, еволуција и етаблирање во нов сеевропски тренд на антинационалистички национализам, чии форми на делување се веќе присутни и во нашите средини преку влијанијата на холандско/европските фондации и дипломатии.

Според Кешиќ/Дујвендак, трендот на холандскиот националистички антинационализам се состои од три аспекти: конструктивизам, лајт-национализам и есенцијализам. Конструктивизмот поразбира, активно одбивање на фиксираните поимања на националното и нивна замена со мешавина на субјекттивни и процедурални концепти на националното прашање, т.е. отфрлање на расата и карактерот и нивна замена со имиџ и идетификација, истовремено отфрлање како на баналниот национализам и негова супституција со „мек идентитет”, така и на „апстрактниот интернационализам”. Лајт-национализам подразбира отфрлање на емотивните, шовинистички, сериозни врски со нацијата и прифаќање на само-релативизирачка, површна, иронична поврзаност со нацијата. Проследено со  градење нов паралелен пристап на антинационалистичкиот национализам пренесено низ критика кон националниот идентитет и паралелно советување како да се биде национален припадник. Есенцијализмот подразбира прифаќање на одредени карактеристики како типично наследни, трансисториски црти кои го составуваат идентитетот, нудејќи модел за тоа како да се биде левичарски либерал без да се биде антинационален и како да се биде национален без да се забега во антиинтернационализам. Врзивната спона на овие три модели цели кон отфрлање на „лошиот национализам” и негова замена со „добар национализам” базиран врз смислата за „типични карактеристики”.

Нова форма на национализмот

Преведено во нашиот, домашен контекст, овие форми на националистички антинационализам се веќе присутни низ обидите одредени ликови да се претставуваат како модернисти кои наводно веќе ја имаат надминато секоја атавистичка форма на национализмот. Форма заменета со новиот пристап на „слаб, тенок, процедурален и плурален” антинационализам, но со длабоко всадена идентична суштина. Во меѓуетничките односи тоа подразбира преземање на имиџот на антинационалист преку навидум отфрлање на етничкиот мотив и традиционалните форми на национализмот. Но паралелно со тоа, новата форма на национализмот е диктирана од нови „цивилизациски, не-етнички” форми на комуникација и јавни дебати за граѓанските одговорности, урбаното планирање, екологијата. При што, етничкото е затскриено зад етичката, граѓанската, административната конструкција изградена врз навидум и декларативно отфрлениот националистички вдахновен базичен концепт. Таквиот пристап цели да ја замени en-block одбивноста кон другата (етничка) страна преку форсирање на примерна индивидуализација на негативните поведенија и екцеси. И тоа е суштината на, кај нас се’ позасилениот, тренд на националистички мотивиран и вдахновен антинационализам, моделирано според европските постнационалистички трендови.   

Советско-американскиот националистички пристап кон антинационализмот е полесно детектиран поради нашите искуства од минатото. За разлика од европската, културолошка и национална подлога на фингираниот антинационализам, советско-американскиот модел е пропагаторски диктиран, физички демонстриран и социо-економски контролиран. Како империјална реплика на сопствените етнички, расни, културни искуства на мултикултурни општества карши доминантно расно-религиски монолитните нацонални институции. Преведено врз овдешните реалности, низ тој пристап повторно се форсира индивидуалистичка, епизодна и екцесна демонстрација на физички конструиран, а не духовно прифатен антинационализам. Лажен политички конструкт кој и онака е повеќе смислен за величење и славење на наметнатиот модел отколку на реална, автентична успешност на автохтоно постигнување. Таквиот пристап ја наметнува економската логиката на мешани бракови како модел на над-национализам, успешност и совремие, послушноста како кариерна препорака, сервилноста како модел на пробивност, градејќи економски-капиталистичка форма на доминација без никаква сериозна усилба за креирање долгорочна егзистенцијална суштина.

Судир на струи

Во тој судир помеѓу европските парфимирања на црвливата содржина  и совето-американските лакировки врз површината, нема премногу простор (и уште помалку пари) за ревитализација и ресупстанцијализација на автентичните форми на антинационално спојување и нивно адаптирање кон современите текови и трендови. Последниот обид, оној од социјално-диктираниот општествен моментум изграден во периодот 2012-16, беше брутално преземен, смачкан и до последна капка исцеден на последните избори и старо-новата влада. Залудни се сегашните обиди од остатоците на тој моментум да се создаде нов Франкештајн на етно-политички соживот, кој би бил претставен како „блескав пример за соседите”. Иако, ние сме сепак навистина пример за соседите. Токму „блескавиот успех” на Македонија во овие три години е една од причините за анемичноста не само на нашето, туку и општествата во регионот. Депресивно поучени од бесмисленоста на здружувањето околу социјалните прашања, кога на крај на протестите следи уште една рунда и уште една тура инсталации на послушни, антинационалистички националисти, криминогени послушници на дипломатите. 

Други колумни од авторот:

Мирно пост-изборно дипломатско лето

Новиот центризам

Како медиумите ги загубија изборите

Евидентниот судир помеѓу европските и американските спротивставени струи на националистичкиот антинационализам допрва ќе добиваат на сила во регионот. Во тој судир помеѓу европската граѓанска, културолошка и американската религиозна, безбедносна имитација на антинационализмот, нема премногу простор за маневар за балканските тревки меѓу слоновите. Компромитацијата на државата како институција, крахот на интеграциите и колапсот на економските „реформи” ја остава институцијата на етникумот како нужно зло, а со неа и традиционалниот национализам како егзистенцијална сламка за спас од реалните или замислените опасности. Но наместо згрозување од таа реална закана, вреди да се запрашаме дали во неа – како и во секое зло – може да се најде некое добро? Изненадувачки, да.

Националистичкиот момент на либералите

За авторот беше пријатно изненадување што неговите порано изнесени резерви кон хистеричниот повик против национализмот се поклопија и со пораките на Иван Крастев до источните либерали: „Немојте да бидете антинационалисти!” (The Guardian, 11 July 2018). Навистина, добар дел од домашно воспоставениот презир и антагонизам кон национализмот се заснова врз крвавиот распад на Југославија, политиките на Слободан Милошевиќ и припростото мешање на поимите шовинизам и национализам. Но, Крастев правилно потсетува дека „националистите и либералите беа сојузници во уривањето на комунизмот во 1989”. За жал, токму САД и ЕУ со децении по ред, преку логиката „националистите подобро вршат работа” и ароганцијата во одбивање на автентичните домашни либерални антикомунистички сили, ја цементираа доминацијата на елитно-пролетерскиот етнички шовинизам и ја уништија либералната структура на средната класа. Додека пак самите западни амбасади ја презедоа улогата на пиемонти на квази-либерализмот диктиран со пари и послушност. Ерго, денешната состојба во која секој лик кој се промовира како либерал поради интересот и парите на одредена амбасада или западна фондација, не е ништо повеќе од спротивност, негација и мизерија на квази-либерализмот. Или уште полошо, окоравен егзекутор на неолиберализмот. 

Либералите треба да го најдат сопствениот националистички момент во себе, да ја разберат неговата доблесна нота и да ја отфрлат шовинистичката агресија. Националистите, закоравени во хомоетничка нарцисоидност, се и онака неспособни да разберат дека секоја ослободителна борба е генеза на либералното, и затоа нема да видат бел ден се’ додека се инспирираат со ништење на другиот. Нивниот национализам е меморијален кафез на животинско-преживарното дивјаштво од 1990-те. А сепак, по сета превртена смисла на зборовите и сведувањето на опозицијата на контраријантство, опортунизам и опонентство, можеби токму споната на либералното и националното може да биде исчекор вон сегашната  хипноза на општеството. Но побрзајте, бргу, пред и таа можност да биде сведена на крајбрежна, конференциско-хотелска дебата. 

 

Mazedonien Arsim Zekolli
Арсим Зеколи Дипломат, историчар на уметност, преведувач