1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Најавата на Ердоган за напад може да заврши неславно

26 јануари 2018

Турција има намера да ги нападне ИПГ-борците и во Манбиџ, град западно од Еуфрат. Но, таму има војници од најмоќната армија во светот.

https://p.dw.com/p/2rYXe
YPG Syrien Kurdische Soldaten mit Tarn-Lastwagen
Борци на Единиците за народна одбрана ИПГ во курдскиот регион во СиријаФотографија: DW/M. Aqil

Минатиот октомври, претставничката за Европа на де факто автономниот регион Рожава (Сириски Курдистан) во северна Сирија седеше во една загушлива просторија во Курдски центар во берлинската населба Кројцберг. Синам Мохамад бараше поддршка за „Хероите од Рака“ - мнозински курдски борци на Единиците за народна одбрана ИПГ, кои како дел од Сириските демократски сили, основани со поддршка на САД, го ослободија од терористи упориштето на Исламска држава, Рака. Тоа беше борба од куќа до куќа, со многу крвопролевање и со поддршка од американска авијација и единици за противвоздушна одбрана. Во северна Сирија, како што се вели, оперираат околу 2000 американски војници. Уште во текот на разговорот со Курдите од Берлин, претставничката на Рожава рече дека Турција го опколила регионот Африн „за со сите средства да спречи федерален систем во Сирија“.

Сириските Курди бараат широка автономија, меѓутоа истовремено велат и дека сакаат да ја обноват земјата заедно со другите етнички групи. Непосредно по средбата во Берлин, претставничката на Курдите ги спакува куферите и замина за Вашингтон. „Разговараме со претставници на американскиот Конгрес и со групи од цивилното општество кои ни даваат поддршка“, вели Синам Мохамад. Во Африн сега ситуацијата е сериозна, но курдската лобистка верува дека турскиот претседател се пресметал со актуелната офанзива против сириските Курди. Нејзините сонародници долж границата со Турција дале огорчен отпор, „и тоа не само борците, туку и цивилите“, вели Синам Мохамад.

Sinam Mohamad
Синам МохамадФотографија: DW/Ro. Richter

Борците од Рака на пат за Африн

Освен тоа, „меѓународна бригада“ од анти-ИД војната во Рака, во која има и борци од западните земји, тргнала за Африн за да ѝ се спротивстави на турската армија. Најсилното оружје на сириските Курди сега сепак е зборот: „Токму овде, во САД, многумина не можат да разберат дека ние заедно со САД ја победивме ИД“, и дека Курдите сега се нападнати од НАТО-државата Турција. „На политиката меѓутоа понекогаш ѝ е потребно време.“ За Синам Мохамад е јасно дека експертите од САД кои стигнале кај сириските Курди за време на војната против ИД, се на курдска територија „со цел да останат“. Уште во времето на администрацијата на Обама курдските единици се сметаа за клучен фактор во антитерористичката борба во Сирија и беа снабдувани со оружје. Јужно од регионалниот главен град Камишли, на поранешен воен аеродром на сириската армија на Асад, САД изградија воена база до која може да се стигне од други американски бази во Европа, како што е германската Рамштајн.

Повеќе на темата:

Дилемата на германската надворешна политика

Двоен удар - Ердоган во војна против Курдите и новинарите

Покрај оружје и војници, Вашингтон испрати и цивилни лица кои треба да помогнат во процесот на обновата. Тие исто така сѐ уште се во сириски Курдистан. „Тие ни помагаат да изградиме нова Сирија“, вели курдската претставничка Мохамад. Тоа што по турскиот напад врз Курдите во Африн светот дозна толку многу за ситуацијата на терен се должи меѓу другото и на прес-центарот на Сириските демократски сили, во кои доминираат Курди. „Отпорот во Африн продолжува“, беше соопштено оттаму во четвртокот. Соопштението беше составено од професионалци од медиумите, обучени од страна на САД.

САД: Црвената линија Манбиџ

Во средата Белата куќа објави телефонски разговор на американскиот претседател Доналд Трамп со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган. „Од Трамп очекуваме уште поголем притисок врз Турција“, нагласува Мохамад. Тоа што судирот воопшто стигна до јавноста е успех, оценува таа. Самоувереност наспроти борбите во Африн? „Веројатно не мислите дека Курдите во Манбиџ не можат да се бранат?“, нагласува Мохамад.

YPG Syrien Guido Steinberg
Гидо ШтајнбергФотографија: DW/M. Aqil

А, експертот за Блиски Исток, Гидо Штанјберг од фондацијата Наука и политика од Берлин, оценува: „Манбиџ сигурно е црвената линија. Таму се распоредени дел од двете илјади американски војници кои им дадоа поддршка на сириските Курди во анти-ИД борбите. Не можам да си претставам дека САД би ги повлекле своите војници од сирискиот курдски регион“, како што тоа го побарал Ердоган во разговорот со Трамп во средата. Значи, дали Вашингтон ќе набљудува како турската армија ќе го раскрвари носот при герилска борба против курдските борци кои имаат поддршка од САД?

Победа над ИД

ИПГ-единиците се само лесно вооружени, но се добро организирани. Основани се од курдската социјалистичка ПИД (Партија на демократска унија), која во меѓународни рамки важи за „сириска ПКК“. Тоа нејзините врвни претставници го негираат. Според нив, постои само идеолошка блискост со ПКК, која во ЕУ важи за терористичка организација. Во Австрија годинава треба да биде донесена судска одлука околу тоа дали и ПИД да се категоризира како терористичка организација. Во секој случај, нејзините трупи се составени од Курди полни со самодоверба кои тврдат дека го победиле ИД-теророт. И, тврдат дека им помогнале на курдските пешмерги во соседен Ирак кога т.н. Исламска држава во 2014 година го спроведуваше најголемиот масовен прогон од Втората светска војна до денес. Тогаш илјадници Језиди побегнаа на сириската страна на курдските територии. Терористите на ИД масовно силуваа жени. Единиците за народна одбрана ИПГ се издигнаа до ниво на одлучувачки политички фактор. Една година подоцна Германија испрати стотина војници на Бундесверот, кои требаше да ги обучат пешмерга-борците во северен Ирак како да ракуваат со противтенковските ракети Милан.

YPG Syrien Fraueneinheit der kurdischen Volksverteidigungseinheit
Во единиците на ИПГ има и жениФотографија: DW/M. Aqil

Експертот Штајнберг демантира дека тие ракети сега би можеле да минат преку ирачко-сириската граница и во сириско-турскиот регион на борби да бидат употребени против германските тенкови Леопард на турската армија. „Од страна на Бундесверот испорачаните Милан-ракети се стара варијанта која не претствува опасност за турските тенкови.“ Сепак, во четвртокот курдскиот медиумски центар јави дека се уништени два турски тенка во близина на местата Амара и Комраши. Потврда од независен извор за ваквата информација нема. Сепак, можно е турски-курдскиот конфликт навистина да остане во границите на регионот Африн. Регионот првично беше јадро на приврзаниците на ПИД, пред партијата во 2012 година да се прошири во насока на исток. Меѓутоа во голема опасност се илјадниците луѓе кои бегајќи од сириската војна најдоа прибежиште токму во, од страна на Курдите, стабилизираниот Африн.